Достапни линкови

Ќе се формира тело за спречување на корупцијата на универзитетите


Архивска фотографија: Прв академски час на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Министерството за образование го објави предлог-законот за високо образование и очекува реакции од професорите и од студентите до 6 јануари. Сепак, засегнатите се жалат на краткиот рок за сугестии и коментари во време на новогодишните и божиќни празници. За прв пат во законот се предвидува формирање тело за спречување на корупцијата.

Академската заедница го разгледува предложениот текст на законот за високо образование кој им го испрати Министерството за образование, а според првичните реакции од Младинскиот образовен форум, новините кои ги донесува овој текст се во неколку клучни области меѓу кои студентското организирање и проблемите со корупцијата.

Од МОФ велат дека за нив значајно е што во студентското организирање, кое се регулираше со само еден член, сега има два подетални членови и оти корупцијата како поим првпат се појавува во законот и се препишува начин како да се пристапи кон овој проблем.

„Потребно е студените да добијат навистина репрезентативни и транспарентни студентски парламенти и овој закон прави измени во таа област. Она што е веројатно една од најзначајните разлики во споредба со претходниот закон е што првпат во закон се појавува терминот корупција. Она што е промена кон подобро е што ќе се формира тело за спречување на корупцијата. И тоа покажува дека постои волја да се зборува и работи на ова прашање, кое е еден од проблемите кои го деградираат високото образование“, изјави Дона Костуранова од МОФ.

Таа изрази забелешка дека сепак во моментот законот предвидува телото за борба против корупцијата да има само еден член и додава дека треба да се размисли за тело со повеќе членови заради негова поголема независност.

Исто така, според МОФ, законот за високо образование треба да предвиди и воведување на комисија за спречување на дискриминацијата, зашто во моментот нема такво тело.

Министерството за образование и наука ги повикува сите засегнати страни во наредните 20 дена, до 6 јануари 2018 година, да дадат коментари и предлози по предложениот текст на законот за високо образование. Од МОФ забележуваат дека периодот во кој е отворен предлог законот за коментари е проблематичен период поради празничните обврски и укажуваат дека тоа може да направи да пристигнат помалку коментари за законот отколку во редовна ситуација.

„Рокот истекува на Бадник и тоа создава отежнување за сите што сакаат да дадат коментар зашто веројатно ќе треба да се среќаваат во текот на зимските празници и одмори“, изјави Костуранова.

Во изминатиот период секоја година се менуваше законот и затоа студентите и професорите беа незадоволни.

Овојпат до Министерството за образование и наука како надлежно за изготвување финален текст на законот, беа поднесени два предлог текста. Едниот е текстот на кој во изминатиот период работеа претставници од универзитетите, од пленумите и синдикатите, а другиот беше поднесен од Ректоратот на УКИМ.

Според поранешниот министер за образование, Ненад Новковски, со финалниот предлог што го даде Министерството за образование се затвора прашањето со големиот број измени во законот за високо образование кои беа несоодветни.

„Ова беше постапка која се одвиваше стандардно, имаше предлози од менаџментот на УКУМ и од Професорскиот пленум кои беа разгледувани и ова е предлог кој сега се разгледува со најдобри оценки во насока на доближување до болоњските процеси, а се направени отстранувања на голем дел од содржините кои беа крајно неповолни. Се оди во насока на финансиска автономија и насочување на ресурсите во вистинска насока кон творечките индивидуи. Тоа се правци кои треба да бидат продолжени“, изјави Новковски.

Според него, остануваат многу работи кои треба да се завршат, но клучно е да се трне во вистинска насока и решавање на основните недостатоци кои беа претходно, а се однесуваа на упади во автономијата на Универзитет.

Се работи за комплексна материја која ќе бара внимание, вели Новковски, дополнувајќи дека има забелешки кои останува понатаму да бидат разрешувани.

Од МОФ очекуваат за документот да има повеќе коментари во наредниот период и во зависност од нив се надеваат дека процесот на промени ќе продолжи и преку амандмани и отворена дискусија за законот и во Собранието.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG