Достапни линкови

Крај на честото менување на законот за високо образование


Прв академски час на Правниот факултет, 2017.

Во изминатиот период секоја година се менуваше законот и беше неизвесно кои промени се во сила, велат од Професорскиот пленум. Тие во соработка со нивните партнери нудат еден предлог текст, а Ректоратот на УКИМ друг. Финален предлог треба да даде Министерството за образование.

Универзитетите почнаа постапка на произнесување на сите членови на академската заедница да утврдат кој текст на Законот за високо образование ќе биде доставен до Министерството за образование.

Професор Гордана Попсимонова од Факултетот за земјоделски науки и храна и член на Професорскиот пленум, истакнува дека новиот закон треба да донесе темелни промени во однос на претходните години.

Во изминатиот период секоја година се менуваше законот и беше неизвесно кои промени се во сила, а кои се одложени. Затоа студентите и професорите беа незадоволни, но од Пленумот очекуваат дека тие конечно ќе може да здивнат.

„Знаете дека имаше 30 промени и дополнувања на претходниот Закон за високо образование. Веќе никој не знае кои се во сила, кои се одложени, кои се изземени и треба време и транспарентност за да се изработи закон кој ќе им одговара на сите заинтересирани страни, пред сè на студентите и професорите. Ќе треба темелни промени на текстот, ако воопшто сакаме да нема натамошни менувања, спорадични, како што беше пракса во минатото“, вели професор Попсимонова.

Мартина Илиевска од Младинскиот Образовен Форум вели дека е очигледна потребата од промена во Законот за високото образование, повикувајќи се на проблеми во неколку клучни области во изминатите години, меѓу кои студентското организирање, проблемите со корупција и дискриминација, акредитацијата на програмите на факултетите и акредитација на факултетите и можностите за студентска мобилност на студентите, како дел од кредит трансфер системот.

„Изборот на професори, исто така, беше спорен во неколку наврати, како и евалуацијата на факултетите и финансирањето на истите. Круцијално е за идно функционирање дефинирање на овие области во стабилна правна рамка“, вели Илиевска.

Таа исто така нагласува дека е потребно решенијата за областите кои им создаваа нејаснотии во изминатите години да се одберат преку широка дискусија со сите засегнати страни.

До Министерството за образование и наука како надлежно за изготвување финален текст на законот, според информациите кои може да се слушнат во јавноста, ќе бидат поднесени два предлог текста. Едниот е текстот на кој во изминатиот период работеа претставници од универзитетите, од пленумите и синдикатите, а другиот ќе биде поднесен од Ректоратот на УКИМ.

За разлика од досега и двата закона не претставуваат измени на постојните закон, туку се комплетно нов текст, вели професор Гордана Попсимонова. Таа наведува дека нивниот текст нуди идејни решенија кои нема да остават простор за натамошни промени. Попсимонова коментира дека проблематично во текстот кој е поднесен од Ректоратот на УКУМ е што не ја рефлектира автономијата на Универзитетот, ниту од организациски, ниту од финансиски аспект

„Дел од работите, како на пример дека статутот на Универзитетот треба да го потврди Собранието, воопшто не одат во прилог на независноста на организацијата и решавањето во Универзитетите, не само на УКИМ, зашто тој закон треба да се однесува на сите универзитет,и а ги има над 20 во Македонија“, вели Попсимонова.

Исто така, според согледувањата на професорите од нејзиниот факултет, проблем е што во текстот на ректоратот на УКИМ се предложени неколку тела кои се повторуваат по своите функции и во кои учествуваат само деканите или ректорите. Во пракса тоа ќе значи преголема концентрација на моќ во ректорската управа, вели таа.

Од универзитетите нагласуваат дека најважно е дека се уште не е решено прашањето на финансирање на дејноста на високото образование

„Не е посочено како ќе се финансира отсега натаму студeнтското место на секој студент. Еден студент на шумарски или земјоделски факултет не чини исто во текот на образованието како студент на правен или економски факултет“, вели Попсимонова

Измените на Законот за високо образование пред три месеци ги најави министерката за образование и наука Рената Дескоска, која одржа средба со претставници на државни и приватни универзитети, синдикати и со претставници на Професорскиот и Студентскиот пленум. Целта, како што беше наведено, е да се направи нов закон со кој ќе бидат опфатени статусот и организацијата на Универзитетот, надлежностите на Сенатот, начинот со управување на факултетите и студентското организирање.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG