Достапни линкови

Костуранова – Неопходно е темелно преиспитување на образованието


Костуранова – Неопходно е темелно преиспитување на образованието
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:50 0:00

Костуранова – Неопходно е темелно преиспитување на образованието

Императив е да се подигне квалитетот на самото образование, квалитетот на наставата, односот на професорот и наставникот кон ученикот и правата на ученикот во образовната средина. Не смееме да носиме одлуки без тие да бидат предмет на анализа и долгорочен план, вели извршната директорка на Младинскиот образовен форум, Дона Костуранова, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Костуранова, неодамна се пожаливте на политички прогон оркестриран од институциите, а во исто време власта издвои 800 илјади евра за невладиниот сектор. Како го коментирате ова?

Целата ситуација е олицетворение на неправдата во македонското општество и злоупотребата на политичка моќ наспроти интересите на граѓаните. Државата за едни е мајка, за други маќеа. Додека во исто време се повикуваше на политички прогон кон невладини организации, се ангажираа шест институции да вршат секојдневни контроли и буквално целосно да ги осакатат организациите во моќта да си ја работат својата секојдневна работа, истовремено владата одлучи да го додели најголемиот фонд досега, во најголемите износи на индивидуални договори досега на невладините организации и очекувано, кога ја видовме листата на тие невладини организации, на неа има две или три имиња кои граѓаните можат да ги препознаат. Останатите организации се анонимни за ова општество, половина немаат ни свои достапни интернет страници, а оние што ќе ги најдете ќе видиме дека немаат никакви активности, не функционираат, немаат никакви придонеси од нивното делување. Така што итно треба да се преиспита и повлече таа одлука за доделување на најголемиот износ досега за невладини организации во вакви околности. Техничката влада ниту има мандат, ниту има право да доделува вакви средства и истовремено хајката врз невладините што е еден од најнеправедните процеси на малтретирање од страна на државните институции треба да запре и да се преиспитаат сите донесени одлуки и записници од истите.

Освен укинувањето на екстерното тестирање, треба ли да се направи анализа на ефектите и да се сноси одговорност, пред да се затвори ова прашање?

Уште од првата година од почетокот на примената на екстерното тестирање ние баравме да се прогласи за пилот-проект и 26 илјади граѓани нè поддржаа во таа кауза, но тогашниот министер остана глув за барањата. Иако е за поздравување укинувањето на екстерното тестирање, не смееме да дозволиме толку години и време посветени на истото да бидат занемарени. Под итно е неопходно да се направи анализа на резултатите од екстерното тестирање, на фондовите и парите потрошени за истото да се спроведува и да се искористи она што може како податок досега извлечен од таму. Иако беше фалично во своето спроведување, треба да се анализира каде биле недостатоците, но и да видиме дали може да извлечеме некакви показатели за квалитетот на образованието, успехот по различни предмети и во различни училишта и итн.

Македонија, според Светската банка, иако најмногу вложува во образованието во регионот, според квалитетот сме на дното. Што треба новата власт да направи за подобрување на образовниот систем?

Суштински, иако образованието го третираме како многу важно, во Македонија е многу неквалитетно. Тие часови поминати во училниците не се исплатат толку онолку што би требало. Императив е да се подигне квалитетот на самото образование, квалитетот на наставата, односот на професорот и наставникот кон ученикот и правата на ученикот во образовната средина. За да се направат тие работи треба темелно да се преиспита образованието. Веќе постои некаква нацрт-стратегија за образование, таа треба да се ревидира и да се усвои и да не се прават мерки избрзано, туку да се прават плански и со намера да имаат некаков ефект за две, три или пет години од сега. Ако нешто научивме од пропустите во образованието е дека сите тие средства вложени во образованието пропаднаа само зашто беа неплански инвестирани. Правиме компјутер за секое дете, а училиштата немаат функционални тоалети, компјутерите се крадат, тоа се пропаднати пари. Воведуваме екстерно тестирање, а немаме квалитетен начин да го реализираме, тоа се пропаднати пари. Не смееме да носиме одлуки без тие да бидат предмет на анализа и долгорочен план. Има и други работи коишто итно треба да се ревидираат, не е само средното, туку и високото образование. Не е решен проблемот со предлог измените на законот за високо образование. Тој треба да биде предмет на широки консултации, каде што ќе бидат вклучени сите засегнати, од академска заедница до студенти и организации кои се занимаваат со таа работа за да се изготват најдобрите решенија коишто ќе го подобрат квалитетот на образованието и она што го добиваат младите луѓе. Без ова да се направи ние ќе продолжиме да имаме образовен систем од кој ќе излегуваат млади луѓе кои немаат вештини, кои немаат капацитети да се снајдат на пазарот на трудот, кои немаат применето знаење.

Целото интервју со извршната директорка на МОФ, Дона Костуранова, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG