Достапни линкови

Студентите бараат решенија за ново студентско организирање


Архива - Студенти на Универзитетот „Св. Kирил и Методиј.“

Претставници на повеќе студентски организации започнаа јавни консултации за ново студентско организирање во рамки на новиот Закон за високо образование. Следните два месецa тие ќе одржат дискусии на повеќе универзитети во Македонија.

Студенти и претставници на младински организации започнаа дебата за изработка на нов модел на студентско организирање, кое треба да биде дефинирано во рамки на новиот Закон за високо обраование.

Студентскиот парламент на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ треба да биде транспарентно тело во рамки на Универзитетот, а не невладина организација која учествува во универзитетските управувачки тела, а изборот на претставниците во телата на управување и одлучување на ниво на Универзитетот и факултетите да биде преку демократски избори, се дел од главните цели и идеи кои ги предлагаат студентските организации.

„Сè што ќе биде решено од страна на студентите, да биде на избори. До сега таа практика не ја правеле од Студентскиот парламент, сметаме дека треб,а бидејќи на тој начин до сега се покажа дека претставниците на Студентскиот парламент знаат да злоупотребат финансии кои студентите ги плаќаат секоја година за „ИКСА“ (информатички, културни и спортски активности) која изнесува 750 денари и да ја злоупотребат функцијата што ја добиваат, дали е тоа претседател, потпретседател, сенатор и сл.“, вели Деа Здравковска од Студентскиот пленум.

Таа додава дека студентското тело треба да им помага на студентите и да решава нивни проблеми, а не лични, како што можело да се види во финансискиот извештај на Студентскиот парламент на УКИМ во 2014 и 2015 година.

„Се трошеле пари на забави, на алкохол, хотели и сл. За таа цел ние предлагаме финасирањето на парламентите на секој факултет да оди преку своја потсметка за да си ги користи парите за своја цел“, вели Здравковска.

Александра Филиповска од Младинскиот образовен форум вели дека, освен за претседател на студентскиот парламент, нивната организација ги застапува идеите да постојат и избори за претставници во матичните парламенти на факултетите, но да има и избори за делегати кои ќе одат во универзитетскиот парламент.

„Тоа ќе значи дека на денот на изборите студентите ќе имаат две гласачки ливчиња да гласаат за делегати и претседател на факултетот и да гласаат за делегати и претседател на универзитетскиот парламент. Сметаме дека ова е одлична шанса студентите навистина да имаат контакт со сите кандидати и навистина да ги познаваат“, вели Филиповска.

Таа истакнува дека по завршувањето на дискусиите ќе биде изработен финален документ со препораките и насоките на студентите кој ќе биде доставен до Министерството за образование и наука.

На студентските изборите во јуни минататa година, студентите од Студентскиот пленум протестираа велејќи дека се нелегални. Тие го блокираа влезот на Студентскиот парламент за да видат што се случува со кутиите со гласачките ливчиња од изборите за студентски лидер кои беа земени од факултетите и однесени во седиштето на СПУКМ.

Тогаш пред седиштето на СПУКМ беа распоредени полициски специјалци и оклопни возила, кои интервенираа врз студентите.

Утврдувањето на текстот на Законот за високо образование, кој ќе биде доставен до Министерството за образование, неодамна го почнаа и Универзитетите преку произнесување на сите членови на академската заедница.

Измените на Законот за високо образование пред три месеци ги најави министерката за образование и наука Рената Дескоска. Целта, како што беше наведено, е да се направи нов закон со кој ќе бидат опфатени статусот и организацијата на универзитетите, надлежностите на Сенатот, начинот со управување на факултетите и студентското организирање.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG