Достапни линкови

Брегзитот ќе минува низ парламентот на Британија


Владата на британската премиерка Тереза Мај претрпе пораз кога пратениците направија промени во нејзиниот план за Брегзитот. Некои министри сметаат дека тоа би можело да го загрози британското заминување од Европската унија.

Ова е уште еден удар врз Меј, чија позиција и онака е ослабена откако го загуби парламентарното мнозинство на Конзервативната партија на изборите во јуни годинава.

Во парламентот кој има 650 пратеници, 309 беа „за“ додека 305 „против“ амандманот со кој на парламентот му се дава право да решава за Брегзитот.

Неколкумина пратеници на владејачките конзервативци и се придружија на опозицијата во барањето секој договор за излегување на Британија од Европската унија да мора да биде потврден со парламентарен акт за да може да стапи во сила.

Со тоа на парламентот всушност му се дава право на вето на Брегзитот.

Ваквите параламентарни акти во Британија се закони кои ниту едно друго тело на може да ги отповика.

До последната минута од често жестоката расправа во парламентот, тимот на Меј се обидуваше да ги убеди пратениците од нејзината партија да се откажат од ваквиот потег, бидејќи со тоа ќе ослабне позицијата на владата во тешките преговори со Брисел. Меј притоа порача:

„Ќе заминеме, но ќе го направиме тоа на гладок и уреден начин, обезбедувајќи ново, длабоко и посебно партнерство со нашите пријатели, повторно земајќи ја контролата на нашите граници, пари и закони уште еднаш. Тоа е мојата мисија, тоа е мисијата на оваа влада“, рече таа.

Амандманот стана дел од Законот за излегување од ЕУ, главниот британски закон за Брегзитот.

Тој е се уште во парламентарна процедура и преку него околу 12 илјади закони на Унијата треба да станат дел од британското законодавство на денот на излегувањето, 29 март 2019 година.

Владата изрази разочарување од гласањето, наведувајќи дека амандманот нема ја спречи да работи на планот за излегување на земјата од Унијата.

Но, за Тереза Меј која на денешниот самит на Европската унијатребаше да ги охрабри другите 27 лидери да ја одобрат втората фаза од преговорите и да започнат дискусија за идната трговија, станува збор за тежок пораз во незгодно време.

Според посматрачите, тоа може во Европската унија да ја зголеми перцепцијата дека таа нема авторитет за да го спроведе процесот до крај.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG