Достапни линкови

Седуммина загинати во напад во Лондон


Британскиот главен град повторно е жртва на можен терористички напад на неколку дена пред изборите. Ова е трет напад во Велика Британија во изминатите месеци.

Седуммина загинати и десетици повредени е епилогот од синоќешниот напад во Лондон, кога напаѓачите прво прегазија пешаци со комбе на Лондонскиот мост, а потоа избодеа луѓе со нож во блиските ресторани. Инцидентот се смета за терористички напад.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, изјави дека дел од повредените се во критична состојба.

Тројцата напаѓачи исто така биле застрелани од полицијата која интервенирала осум минути по почетокот на инцидентот што се случи синоќа, еден час пред полноќ. Полицијата верува дека имало само тројца напаѓачи, но истрагата продолжува. Властите соопштија дека напаѓачите носеле лажни експлозивни елеци.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот – трет во Велика Британија во изминатите месеци. На 22 март автомобил прегази пешаци на мостот Вестминстер во близина на британскиот парламент, по што избоде еден полицаец. Епилогот беше тројца загинати и најмалку 29 повредени. На 22 мај бомбаш-самоубиец се разнесе на концерт на американската поп пејачка Аријана Гранде во Манчестер, при што беа убиени 22 луѓе, а десетици беа повредени.

Премиерката Тереза Меј го оцени нападот како „ужасен“ и „страшен инцидент“. Таа денеска ќе претседава со владиниот комитет за вонредни ситуации.

Во телевизиско обраќање, таа рече дека доаѓа време да кажеме „што е многу, многу е“.

Градоначалникот на Лондон, Кан, ги нарече напаѓачите „злобни кукавици“ и оти „Лондон никогаш нема да биде заплашен“.

„Нема да им дозволиме да победат“, рече тој.

Кан најави засилено полициско присуство во градот и ги повика жителите да останат „смирени и будни“.

Сите големи политички партии ја суспендираа предизборната кампања за парламентарните избори на 8 јуни, освен националистичката УКИП. Меј, сепак, рече дека изборите нема да бидат одложени.

„На насилството нема да му биде дозволено да го наруши демократскиот процес“, рече таа.

За денеска е закажан хуманитарен концерт за жртвите од нападот во Манчестер на кој ќе учествуваат ѕвездите Аријана Гранде, Џастин Бибер и други.

Светските лидери понудија помош и поддршка за Британија по нападот.

„По оваа трагедија Франција, повеќе од кога било, е на страната на Британија“, напиша францускиот претседател Емануел Макрон на Твитер.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека нејзината земја „цврсто и решително“ е на страната на Велика Британија во борбата против тероризмот.

„Ние сме обединети во ужасот и тагата, но исто така и во решението“, соопшти таа.

Рускиот претседател Владимир Путин го осуди „терористичкиот напад“ и испрати „длабоко сочувство“ до британскиот народ, соопшти Кремљ.

Американскиот претседател Доналд Трмап, пак, ја пофали „херојската реакција на полицијата“ и понуди целосна поддршка од владата на САД во истрагата и изведувањето на одговорните за ужасниот напад пред лицето на правдата.

Претходно, Трамп на Твитер повика на воведување привремена забрана за влегување во САД на жителите на шест претежно муслимански земји.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG