Достапни линкови

Тесна трка на парламентарните избори во Британија


Предвремените парламентарни избори во Британија ги свика конзервативната премиерка Тереза Меј со цел да освои мнозинство во парламентот пред преговорите за излегување од Европската унија. Но, тоа се усложни во текот на кампањата која на моменти беше прекинувана поради терористички напади.

Противникот на Тереза Меј, лидерот на Лабуристичката партија, 68-годишниот Џереми Корбин се покажа како силен противник со оглед на тоа што низ текот на кампањата, според аналитичарите, успеал да им се приближи на граѓаните со теми кои се од нивен непосреден интерес, како здравството, социјалната помош и нееднаквоста во општеството.

На синоќешниот завршен митинг тој порача дека нееднаквоста може да биде надмината.

„Ние не сме партија на милијардери, ние не сме партија на корпоративната елита, ние сме партија на народот“, рече тој.

За разлика од Корбин, 60-годишната Меј имаше многу поограничени контакти со избирачите.

Што се однесува до Брегзит, Меј за време на кампањата се заложи за преговори со ЕУ „без отстапки“, додека нејзиниот ривал Корбин е на став дека не би ги притискал тие преговори со Брисел. Меј ден пред изборите рече:

„Мојата порака до луѓето е многу едноставна. Дајте ми поддршка да ја водам Британија. Дајте ми овластување да зборувам за Британија, зајакнете ја мојата ракадодека себорам за Британија. Дајте ми ја вашата поддршка и јас ќе ја испорачам за Британија“.

Но, аналитичарите сметаат дека прашањето за Брегзитот нема да биде единствената работа која ќе влијае врз одлуката на гласачите при што се спомнуваат последните терористички напади во Британија.

Вообичаено електоратот им дава предност на конзервативците кога се работи за прашања од безбедноста на земјата, но Меј се најде на удар поради нејзиниите оценки како министерка за внатрешни работи, функција на која беше шест години.

Во меѓувреме, испитувањата на јавното мислење во Британија почнаа да бележат извесен пад на предноста на конзервативците на Меј и раст на популарноста на лабуристите на Корбин.

Некои велат дека токму големата популарност што конзервативците ја имаа во април годинава ја натера премирката Меј да ги распише предвремените избори.

Светските новински агенции сепак, потсетуваат дека анкетите не биле најдобар показател при референдумот за брегзитот во јуни лани кога се чинеше дека ќе победи опцијата за останување на Британија во Унијата.

Слично се случи и во текот на претседателските избори во САД каде што победата на Доналд Трамп беше пречекана со големо изненадување.

Затоа институтите за истражување на јавното мислење веќе не се осмелуваат да ги прогнозираат резултатите од британските избори.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG