Достапни линкови

Можен терористички акт близу џамија во Лондон


Едно лице загинало, а десетина други биле повредени кога комбе удрило во пешаци во близина на една џамија во северниот дел на Лондон. Инцидентот, кој се случил петанесетина минути по полноќ, се истражува како можен терористички акт.

Едно лице загинало на самото место, соопшти лондонската полиција, додавајќи дека осум луѓе биле пренесени во три болници, додека две лица имале помали повреди.

48-годишниот возач на комбето, како што соопшти полицијата, бил задржан од луѓето кои биле таму за време на инцидентот, а потоа и приведен од полицајците.

Британскиот муслимански совет најпрвин на Твитер јави дека инцидентот се случил кога едно комбе „намерно“ удрило во верници кои ја напуштале џамијата.

Но, потоа исто така на Твитер, Муслиманскиот совет напиша дека инцидентот се случил пред Муслиманскиот социјален дом, блиску до џамијата.

Мохамед Мохидин, еден од сведоците на настанот изјави:

„Всушност, тој возеше на тротоарот, доаѓајќи директно кон сите муслимани и притоа удри во сите и мислам дека еден од нив почина веднаш и оти другите се во лоша состојба“, рече тој.

Една неименувана жена за новинската агенција Ројтерс, пак, во врска со инцидентот изјави:

„Знаете, луѓето беа во џамија да се молат за Рамазан, не ни треба ова. Не знам зошто го прават ова, толку е вознемирувачко“, вели таа.

Џамијата во чија близина се случи инцидентот своевремено беше поврзувана со радикалната муслиманска идологија, особено по нападите врз Соединетите Држави на 11 септември 2001 година.

По нејзиното затворање таа се реорганизира и не беше поврзувана со некакви екстремистички погледи.

Британската премиерка Тереза Меј изрази жалење за, како што оцени, „овој страшен инцидент“.

Лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, пак, изјави дека е „тотално шокиран“.

Британските граѓани се на крајот од нервите по неколкуте последни терористички напади, вклучувајќи го и оној на 3 јуни кога во Лондон тројца напаѓачи најпрвин со комбе, а потоа со ножеви убија осумина луѓе. Напаѓачите беа убиени од полицијата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG