Достапни линкови

Како до трет претседател на ВМРО-ДПМНЕ?


Архивска фотографија - Прес на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по поразот на локалните избори.
Архивска фотографија - Прес на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по поразот на локалните избори.

По 14 години на чело на партијата и 10 години како премиер оставката на Никола Груевски од претседателската позициција во ВМРО-ДПМНЕ отвора простор за амбициите на други лица во сега опозицскиот блок. Оставката, според соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, не поминала мазно, но на крајот била прифатена.

Еден член од таканаречената група реформатори на ВМРО-ДПМНЕ, четворица кои се во притвор, доктори, уметници се меѓу 544 делегати на вонредниот конгрес на опозициската партија што ќе се одржи на 22 и 23 декември во Валандово. Меѓу делегатите се поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, пратениците Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски и Крсто Мукоски кои се во притвор за настаните на 27 април во Собранието.

Влатко Атанасоски, пак, е делегат на конгресот кој е и член на реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ, а меѓу имињата што ќе гласаат за новиот лидер се и поранешните директори на Детска клиника Аспазија Софијанова, на Танец Зоран Џорлев, на филхармонијата Маја Чанаќевиќ, се уште актуелниот директор на МКЦ Златко Стефковски.

За идниот претседател на партијата ќе гласаат и поранешните високи државни функционери како Зоран Ставрески, Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер, Владимир Пешевски и други.

На овој конгрес за разлика од последниот пред две години во Куманово, пак, нема да гласаат членот на Државната изборна комисија Силвана Бонева, амбасадорот на Македонија во Бугарија Марјан Ѓорчев и други 14 делегати поради разни причини. Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека едно лице било исклучено поради тоа што е починато.

„Останатите поради тоа што се вработени или функционери во МНР, МВР или регулаторни тела каде со закон е забрането да членуваат во партиски тела. Конгресот заедно со делегатите е највисокото партиско тело на партијата. За сите овие разрешувања е разговарано со секој поединечно и е добиена согласност од него, за најголем дел и писмена оставка“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Koj ќе го смени Груевски ​?

Засега не се знае за кого конкретно и за колку кандидати ќе може да гласаат делегатите. Формуларот за пријавување на кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ веќе е објавен на нивната интернет страница. Според статутот, тој треба да го предложат најмалку 30 делегати, а процедурата на пријавување трае до 21 декември до 15 часот. Генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски, пратениците Антонијо Милошоски и Илија Димовски, поранешните министри Никола Попоски и Никола Тодоров, поранешниот директор на државниот архив Филип Петровски се личностите чии имиња најчесто се споменуваат како кандидати за претседател. Пред состанокот на Централниот комитет, Милошоски рече дека ќе види дали ќе поднесе кандидатура, а Мицкоски дека не е исклучена можноста тој да седне на претседателското столче. Петровски пак веќе почна јавна кампања за својата кандидатура за партиски претседател.

Инаку, по кратката изјава на Мицкоски доцна вчера во која само информираше за одлуката за местото и датумот на вонредниот конгрес, опозициската партија претпладнево во долго соопштение објасни како течела вчерашната расправа на 130 членови на Централниот комитет.

Оставката на Груевски прифатена во втор обид

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека претседателот Никола Груевски ја поднел својата неотповиклива оставка со образложение дека без разлика на фактот што анализите за изборните резултати се во тек, оставката ја поднесувал како морален чин. Пред присутните, пишува во партиското соопштение, Груевски потенцирал дека овие избори биле едни од најнерегуларните со еклатантни примери на притисоци, уцени, поткуп и заплашување, но исто така и разочараност меѓу дел од традиционалните гласачи на ВМРО-ДПМНЕ.

„При првото гласање не беше постигнато потребното двотретинско мнозинство. Пред второто гласање од страна на Претседателот Груевски беше посочено дека не станува збор за гласање „за или против“ него, и со дополнителни аргументи ги убедуваше членовите на ЦК да поддржат одржување на Конгрес. Потоа во вториот обид огромно мнозинство членови на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа одлуката за одржување на вонредниот 16-ти Конгрес во Валандово“, информираат од партијата.

Инаку, Груевски е вториот лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Тој беше избран во 2003 година на конгресот во Охрид. Пред него со партијата од нејзиното формирање раководеше Љубчо Георгиевски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG