Достапни линкови

Оставката на Груевски на маса, амбициите за наследник под маса


Архивска фотографија - последниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на кој за лидер беше избран Никола Груевски, Куманово, 2015 година.
Архивска фотографија - последниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на кој за лидер беше избран Никола Груевски, Куманово, 2015 година.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ предложи вонреден конгрес на 23 декември. Сега се чека одлуката на Централниот комитет, која според аналитичарите не е извесна.

Неколку дена по најавената оставка на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од партиската лидерска позиција, се уште има дилеми дали таа ќе се реализира или, пак, ќе остане само на најава, иако извршниот комитет веќе предложи вонреден конгрес.

Највисокото партиско тело по состанокот доцна синоќа соопшти дека согласно статутот на партијата членовите одлучиле да му предложи на Централниот комитет на следната седница да отпочне процедура за организирање на вонреден Конгрес на партијата на 23 декември 2017 година.

Централниот комитет има повеќе околу 130 члена и во него се претставници на општински комитети, извршниот одбор, раководството и други партиски тела. Статутот на партијата предвидува одлуката за одржување на вонреден конгрес да се донесе со една половина од вкупниот број на членови на Централниот комитет, а по донесувањето на одлуката тој треба да се одржи во рок од 60 дена.

Според Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки ова партиско тело може да не ја прифати оставката на Груевски.

„Мислам дека едно од сценаријата е тоа, да не се прифати оставката и со тоа да се демонстрира во јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ стои позади него како лидер на партијата“, вели Гаџовски.

Но, непосредно пред состанокот на извршниот комитет, на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ, Груевски држеше 40 минутен говор пред Владата во кој 41 пат го спомена зборот неправда обвинувајќи ја актуелната влада која ја нарекуваше и марионетска. Првиот човек на опозициската партија во долг дел од својот говор зборуваше и за тоа што направила владата што ја предводеше фалејќи ги нејзините резултати. Според Гаџовски тоа оди дополнително во насока на ставовите дека Груевски нема искрена намера да се повлече од функцијата.

Протестен марш на ВМРО-ДПМНЕ за правдината и татковината.
Протестен марш на ВМРО-ДПМНЕ за правдината и татковината.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири пак смета дека најавата за оставка е поради тоа што, како што вели, одредени актери во случаите на Специјалното јавно обвинителство веќе ја признале вината и тоа што политичката елита што тој ја креирал веќе била надвор од политиката.

„Тоа го принудува Груевски евентуално да поднесе оставка, затоа што нема смисол целата ВМРО-ДПМНЕ да стане против него. Идеолошки и политички тој не згреши, тој се однесуваше согласно потребите на ВМРО-ДПМНЕ и во однос на Албанците и во однос на СДСМ“, вели Демири.

Во меѓувреме од високите партиски структури нема најави за можни евентуални кандидати за претседател, а во јавноста се шпекулира со имињата на поранешните министри Никола Попоски и Антонијо Милошоски, пратениците Илија Димоски и Владимир Ѓорчев, генералниот секретар на партијата Христијан Мицковски, но ниту еден од нив јавно не покажал амбиции.

Инаку Конгресот кој би требало да се одржи месецов го сочинуваат најмалку 250 делегати, а Централниот комитет ги определува критериумите за распределба на делегатите. Според извори од партијата бидејќи се работи за вонреден конгрес, делегатите ќе бидат истите од претходниот редовен. Тој се одржа на трети мај 2015 година во Куманово и од 560 делегати, 528 гласаа Груевски да биде претседател на партијата. Тогаш Груевски всушност го доби четвртиот мандат како лидер. Беше избран на конгресот во Охрид во 2003 година.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG