Достапни линкови

Најмногу коментари за оставката на Груевски


Никола Груевски.

Оставката на Груевски е топ тема на социјалните мрежи. Фановите коментираат и за работата на Обвинителството, протестите против Казандол, како и за тоа дека Владата не реализирала дел од ветувањата.

Неотповикливата оставка на Никола Груевски e топ тема на ФБ страницата на РСЕ. Но, Зоран Бујчевски смета дека нема да има нов лидер и дека „Груевски ќе си остане претседател“. Тони Тони потврдува: „Така е, и треба да остане“. А Драгче Попоски иронизира: „Да, да, треба уште во затвор да изнапика“. Александар Тимев постирал човек што се смее, а Бранко МВ со краток текст: „Private party“, веројатно алудирајќи на состанокот на ЦК на опозициската партија во неделата вечер на кој беше прифатена оставката.

„По промената на власта до Обвинителството почна да допира глас“ е насловот на нашата информација за отворањето истражна постапка против доскорaшни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ откако поранешниот српски министер Вук Јеремиќ обелодени дека переле пари во Србија. А од коментарите може да се заклучи дека нашите граѓани немаат никаква доверба во македонското судство. Сузана Илиевска-Арсовска вели: „Системот што го овозможил сето тоа останува ист, што значи дека кога ќе се смени власта ќе има исти случаи со други имиња... значи, системот треба да се менува“. Орхан Алиу постирал: „Да, ама допира глас само против ВМРО, а не и против ДУИ“.

Протестот на група валандовчани пред Владата во Скопје против рудникот Казандол ја испровицирало Силвана Ефремова да потсети: „Ако сегашната централна власт во предизборната кампања ветуваше дека рудници нема да има, ако локалната власт во засегнатите подрачја се смени во голем дел заради ветувањата дека рудници нема да има, ако пратеничката од ДОМ, која е во коалиција со власта, тврди дека без казнени пенали договорот може да се раскине – зошто тоа веќе не е направено?! Нека ги исполнат дадените ветувања!“

И информацијата дека „Владата не реализира дел од ветувањата“ собрала различни коментари, како и вообичаено, впрочем. Владе Тодев резигнирано коментира: „Битно во надворешната политика ни оди одлично. Заев потпишува сè што ќе побараат од него“, а Коста Дин потсетува: „Бројчаник на триумфална, продавање на мерцедесот и уште илјадници глупости...“ Марија Атанасова Наџинска со краток пост: „А што, цветаше економијата со Груевски, во боја!“ И потпишан со Аг Рони во одбрана: „ВМРО ви влегол во главата и ве контролира... 11 години да уништуваш, да крадеш и сакате за осум месеци сè да исполнат, леле колку ми е жал за некој од вас“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG