Достапни линкови

Уште еден обвинет за „Насилство во Центар“ призна вина


Архивска фотографија: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски оди на судење за случајот „Насилство во Центар“

На денешното продолжение на судењето за предметот „Насилство во Центар“, вина за стореното призна уште еден од 14 обвинети.

Петообвинетиот Јордан Ристевски, непосредно пред судијката да го одложи денешното рочиште и судењето да го презакаже за 7 декември, излезе со признание дека се чувствува виновен и се покаја за делото. Во 2013 година, кога беа извршени насилствата, Ристевски беше советник во Општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинителката Фатиме Фетаи побара постапката за него да се раздвои и судењето за него да продолжи веднаш.

Вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, претходно призна и четвртообвинетиот Томислав Лазаров, кој во раздвоена постапка доби условна шестмесечна казна, доколку во рок од две години не стори друго кривично дело. Лазаров исто така е советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар.

На денешното рочиште дојде и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој е обвинет во „Насилство во Центар“, заедно со поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниел Рангелова и уште 11 други лица.

XS
SM
MD
LG