Вести
Случај „Пулс“: Пиротехника се користела и претходно, имало и контроли, но забавата не била прекинувана
Функционирањето на клубот „Пулс“, неговата внатрешност, издавањето карти при влез, па сѐ до моментот кога избувнал пожарот и кога димот и чадот ја зафатиле преполната дискотека, како и последиците што ги трпат до денес, беа дел од исказите на сведоци во судницата во Идризово на денешното продолжение на судењето за случајот во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Прв сведочеше гостин во дискотеката „Пулс", којшто во пожарот се здобил со телесни повреди.
Тој бил на лекување во Словенија каде на отпусното писмо, како што рече, му стоело дека 100 отсто му биле црни белите дробови и изгорени дишните патишта.
Сведокот, на прашања од Обвинителството, одговараше за изгледот и уредувањето на дискотеката по нејзиното реновирање, како и за моментот на избувнување на пожарот и кога настанал „густ црн чад со мирис на пластика", но и за моментот на паника и стампедо кон излезот од дискотеката.
Од повредите со кои се стекнал чувствува последици и ден денеска, како намален капацитет на дишење. Тој најави имотно правно побарување и приклучување кон кривичното гонење.
Вториот сведок, кој работел хонорарно во дискотеката како шанкер од нејзиното отворање во 2012 година, рече дека договор немал потпишано и работел како неосигуран, сѐ до 2023 кога бил пријавен на пола работно време.
Овој сведок предизвика многу полемика во судницата со своите одговори.
Најпрво тој беше испрашан од Обвинителството, а потоа одговараше на вкрстени прашања од одбраната, за потоа да биде сослушан и како сведок на дел од обвинетите, па потоа повторно да одговара на вкрстени прашања од Обвинителството. На крајот, неколку прашања му постави и судот.
На прашање од Обвинителството, сведокот рече дека кобната вечер работел како шанкер.
- Деко е газда и тој даваше наредби. На крајот од денот, кога ќе завршеше ни се плаќаше дневница од 1 500 денари, рече сведокот.
Одговарајќи на прашања од Обвинителството, сведокот рече дека во дискотеката имал видено два или три пп - апарати, како и ознаки за хидранти, но такви не видел. Како вработен во дискотеката, рече дека немал обука за заштита при работа.
- Дискотеката има два, односно три влеза, но едниот е преку билетарата. Едниот е на главниот влез, па мало ходниче, другиот е една стандардна врата лево од бината. Вратата е во функција, но не знам дали некој влегувал или не вечерта. Таа вечер не знам, но друг пат сум видел кога имало многу гужва да се отвора за да се проветри, кажа сведокот.
„Луѓето не го сфатија огнот многу сериозно“
Кобната вечер, тој бил на работа, но не видел кој ја активирал пиротехниката.
- Вечерта околу 500 луѓе имаше, по моја проценка. Сите 82 маси, колку што има дискотеката, беа полни, изјави сведокот, посочувајќи дека имало и малолетници.
Вечерта околу 2 и 35 часот, според сведокот, бендот извикал дека гори и го видел газдата Деко како зема пп апарат и оди да гаси.
Пиритехника во дискотеката, сведокот рече дека се користела и претходно, а за тоа Деко ангажирал човек од Скопје.
- Тој доаѓаше со возило бел пикап на кој пишувало пиротехника, рече сведокот.
Контроли во дискотеката, според сведокот имало, но забавата не била прекинувана.
- Огнот се ширеше многу брзо. Луѓето не го сфатија многу сериозно. Имаше што стоеја на вратата и снимаа. Јас бев до вратата, ама не можев да излезам. Јас веднаш се префрлив во вецето. Имаше пет девојчиња, три излегоа порано и од вратата влезе многу час. Ние останавме до прозорецот дур не се расчисти до кај 3 и 15, рече сведокот.
Тој посочи дека од пожарот имал последици со дишењето и намалена сатурација и бил на лекување во Грац. Најави дека бара оштета, но не се приклучува на кривичен прогон.
Третиот сведок, рече дека вечерта на пожарот бил излезен во друг кафич, а бил во дискотеката „Пулс“ на кратко за да се види со еден од членовите на бендот.
- Кога бев таму не видов да поставуваат пиротехника или нешто такво. Од таму се вратив во кафичот Гинис, и откако заврши тоа таму, пак околу 2 часот се вратив во дискотеката со пријател и неговите две деца, рече сведокот.
Кога се вратил во дискотеката, сведокот рече дека не купил карта, додека за тие со него не е сигурен.
- Обезбедувањето потоа на влез мислам не праша за билет, ама јас му реков во ред е и продолжив. Влегов не ме застана. За другите не знам, рече сведокот.
Прашан дали децата на неговиот пријател биле легитимирани на влез, сведокот рече, не се сеќава, ама мисли дека не, зошто, како што рече, „беа со родител".
- Кратко откако влеговме на една од песните беа активирани, мислам две, ама не сум сигурен, прскалки. После забележавме дека нешто гори и тој на микрофон рече "Дејан, Дејан, овде нешто се запали", но огнот брзо се рашири и мислам по две-три, па и пет минути Панчо во паника на микрофонот пак рече да се повлечеме надвор и дека ќе се вратиме за десет минути, појасни сведокот.
Прашан дали некој од присутните се обидел да го изгаси огнот, сведокот рече првично не, но потоа на снимки го видел Виктор Јорданов како го гаси пожарот со ПП апарат.
Според него, повеќето гости не многу сериозно ја сфатиле ситуацијата и многу бавно се движиле.
- Освен Панчо не сум слушнал некој друг да рече да излеземе. Сите се упативме кон излезот, ама јас не можев да излезам зошто имаше толпа. Мене ми беше заглавена ногата. Го видов другарот Петар, исто заглавен позади мене. Тогаш не, ама после ми кажа дека тој своите деца ги спасил така што ги истуркал напред. Јас не се сеќавам како точно излегов, дали сам или некој почна да ги вади луѓето, па се одглавив, изјави сведокот.
Кога излегол сведокот, рече дека бил свесен, по што со автомобил се упатил во болницата во Кочани.
Сведокот преднајави оштетено побарување и дека се приклучува кон кривичниот прогон.
Одбраната на обвинетите службени лица за пожарот во дискотеката „Пулс“ на почетокот на денешното судење побараа ЈО да ја преиспита околноста изнесена од ОЈО ГОКК минатата недела за запирање на постапката за гонењето за седум полициски службеници по член 292 - Тешки дела против општата безбедност, нагласувајќи дека за дел од сега обвинетите може да се поистоветат и повлечат обвиненијата.
Обвинителот Борче Јанев укажа дека ЈО ги нема одлуките од брифингот на ОЈО ГОКК за запирање на постапката за полициските службеници, посочувајќи дека таквите одлуки подлежат на оценка од повисоките ЈО и дека со оглед на краткиот рок не се конечни.
- Обвинителниот акт напоменувам не опфаќа полициски службеници, а ЈО за нив опфаќа исти дела. Денеска во судницата сме по одобрен и стапен во сила обвинителен акт. ЈО ги нема овие одлуки на ОЈО ГОКК и со тоа нема увид дали се таму наведени оштетени лица и причините за штета, изјави Јанев.
Предметниот јавен обвинител од Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при ОЈО ГОКК, на брифинг на 30 јануари информираше дека по спроведени истражни постапки во кои биле опфатени 27 полициски службеници до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен Обвинителен акт против 13 полициски службеници.
Во однос на уште седум полициски службеници, јавниот обвинител донел Наредба за запирање на истражната постапка.
Случајот го води судијката, Дијана Груевска Илиевски и се наоѓа во доказна постапка со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството.
Следното рочиште е закажано за 5 февруари.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
види ги сите денешни вести
Косовската влада го одобри предлогот за испраќање безбедносни сили во Газа
Владата на Косово го одобри предлогот на Министерството за одбрана за испраќање припадници на Косовските безбедносни сили (КБС) во Газа, со што се отвора патот одлуката да биде доставена на разгледување и усвојување во Собранието на Косово.
Според важечките закони, по одлуката на извршната власт, прашањето се проследува до пратениците на разгледување и гласање, а на крајот е потребно и одобрение од претседателот на државата.
Премиерот на Косово, Албин Курти, на седницата на Владата изјави дека Косово е подготвено да учествува и да им помогне на луѓето од Газа, „бидејќи ние самите сме биле и сме корисници на помошта на меѓународните сили од 1999 година“.
Министерот за одбрана, Ејуп Македонци нагласи дека со овој ангажман, Косово сака да покаже дека е сигурен партнер и дека е подготвено да дејствува заедно со сојузниците за да обезбеди мир и безбедност.
„Оваа одлука дополнително го зајакнува меѓународниот профил на нашата земја, ја потврдува професионалноста на КБС и ја рангира нашата република меѓу земјите кои не само што имаат корист од меѓународната безбедност, туку и континуирано придонесуваат за одржување на меѓународниот мир и ред“, рече тој.
Одлуката за испраќање војници беше усвоена без гласови против и без воздржани.
Се очекува распоредувањето на членовите на КБС да се спроведе во рамките на Меѓународните сили за стабилизација, механизам формиран како дел од иницијативата на Одборот за мир, предложен од американскиот претседател Доналд Трамп, со цел постигнување мир во светот.
Косово е меѓу првите пет земји - заедно со Индонезија, Мароко, Казахстан и Албанија - кои се обврзаа да учествуваат во оваа мисија, со цел обезбедување безбедност и следење на прекинот на огнот во Појасот Газа.
Сепак, сè уште не е познато кога точно ќе бидат распоредени војниците и колку ќе бидат. Министерството за одбрана претходно објави дека нацрт-одлуката за ова прашање е доставена до Владата на 3 март.
Собранието на Косово повторно функционира откако Уставниот суд на 25 март пресуди дека указот на претседателката Вјоса Османи за негово распуштање поради неможноста за избор на нов претседател на земјата нема правно дејство.
Собранието сега може да разговара за прашањето за испраќање трупи во Газа, а мора да го усвои и договорот за членство на Косово во Меѓународните сили за стабилизација.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, која беше еден од основачите на иницијативата Мировен комитет, јавно ја поддржа оваа иницијатива. Нејзиниот претседателски мандат завршува на 4 април.
Според израелската јавна служба КАН, се очекува Меѓународните сили за стабилизација да почнат да распоредуваат трупи во Газа во мај, вклучувајќи десетици војници од Косово, иако институциите во Приштина официјално не го потврдија овој рок.
Се очекува Меѓународните сили за стабилизација да бидат задолжени за стабилизирање на безбедносната ситуација во Газа, по војната што започна во октомври 2023 година, кога Хамас (прогласен за терористичка организација од САД и Европската Унија) го нападна Израел, убивајќи повеќе од 1200 луѓе и земајќи заложници.
После тоа, израелските напади врз Газа предизвикаа десетици илјади жртви, хуманитарна криза и масовно уништување на инфраструктурата.
Планот за формирање на овие сили е дел од поширок пакет за постигнување мир, кој е прифатен од страните во конфликтот.
Иран ја потврди смртта на командантот на морнарицата на Иранската револуционерна гарда
Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГК) ја потврди смртта на командантот Алиреза Тангсири во израелски воздушен напад минатата недела.
Веб-страницата на ИРГК „Сепах њуз“ на 30 март, пет дена откако Израел соопшти за неговата смрт, објави дека адмиралот Алиреза Тангсири „подлегнал на сериозни повреди“ здобиени во нападот.
Израел соопшти дека командантот бил убиен во напад во Бандар Абас, важен јужен пристанишен град на Ормускиот теснец.
Во соопштението на ИРГК се наведува дека Тангсири бил цел „додека ги организирал и зајакнувал силите и го зајакнувал одбранбениот штит на островот и брегот“ и дека починал „поради сериозноста на повредите“.
Во соопштението, ИРГК не даде дополнителни детали за неговата смрт или за можниот наследник.
Во јуни 2019 година, Министерството за финансии на САД го означи Тангсири како „специјално означен глобален терорист“.
Морнарицата на ИРГК работи паралелно со редовните ирански поморски сили и е специјализирана за „герилско“ војување, честопати користејќи брзи борбени чамци во Персискиот Залив и Ормускиот Теснец.
Вучиќ прогласи победа во сите десет општини на изборите проследени со напади и нерегуларности
Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека неговата Српска напредна партија (СНС) победила во сите десет општини каде што се одржаа локални избори на 29 март.
Според извештаите на независни набљудувачи и опозициски весници, денот на изборите бил обележан со инциденти.
Гласањето се одржало со бројни пријавени неправилности на повеќето места, физички конфронтации и повредени граѓани, активисти и новинари.
Судири, меѓу другото, биле регистрирани во Бор, на истокот од Србија, во Баја Башта на запад и во Кула во Војводина.
На овие локални избори право на глас имаа околу 250.000 гласачи. Покрај Бор, Бајина Башта и Кула, гласање се одржало и во Мајданпек, Кладово, Аранѓеловац, Смедеревска Паланка, Лучани, Књажевац и Севојно.
На сите места, досега на власт е коалицијата предводена од владејачката Српска напредна партија.
Локалните избори се уште еден тест за силата на владата и опциите на опозицијата, повеќе од една година по несреќата во Нови Сад и масовните антивладини протести во Србија.
Дури и претходните локални избори во 2025 година, според меѓународните и домашните набљудувачи, беа придружени со бројни нерегуларности, вербални и физички напади.
Тензичен изборен ден со нерегуларности и инциденти во Србија
Изборниот ден во Србија помина со низа инциденти. На 29 март се гласаше во десет српски општини за избор на советници. Гласањето се одржа со бројни пријавени нерегуларности на повеќето места, физички судири и повредени граѓани, активисти и новинари.
Судири беа регистрирани, меѓу другото, во Бор, во источна Србија, во Бајина Башта на запад и во Кула во Војводина.
Новинарската Постојана работна група за безбедност на новинарите (SRG) објави дека за време на локалните избори во десет градови и општини во Србија се забележани физички напади врз новинари и граѓани, а најдрастичен бил во селото во близина на Бор, каде што новинарите Лазар Диниќ и Иван Бјелиќ биле претепани, додека новинарката Зорица Поповиќ била двапати удирана во стомакот.
Во таа прилика биле нападнати и неколку студенти, се вели во соопштението на Здружението на слободни и независни медиуми (ANEM), додавајќи дека нападот врз новинарите бил пријавен во полицијата и обвинителството во Бор.
Пријавени се и напади врз студенти и набљудувачи, додека на некои места е забележано присуство на групи активисти на владејачката партија и засилени полициски сили.
Кон крајот на изборниот ден, во Кула беше забележано силно полициско присуство, во опрема за борба против немири. Како што јавува репортерот на РСЕ/РЛ, ситуацијата во моментов е мирна, по физичките судири што се случија во текот на денот.
На овие локални избори право на глас имаа околу 250 илјади гласачи. Во овие места дел од медиумите и набљудувачи укажуваат на паралелни листи и организирани напади на маскирани тепачи.
Изборите ги следат рекорден број домашни и странски набљудувачи, а во трката учествуваат и листи на студенти, граѓански групи, опозициски и владејачки партии.
Целиот изборен процес се одвива во напната атмосфера, со бројни пријавени нерегуларности.
Зеленски ја обвинува Русија дека споделува сателитски снимки со Техеран
Претседателот на Украина ја обвини Русија дека во текот на изминатата недела споделувала детални сателитски снимки со Техеран, помагајќи му на Иран да ги таргетира американските и британските воени објекти и нафтените и гасните полиња во регионот на Заливот и на други места.
Коментарите на Володимир Зеленски, дадени на 28 март, се надополнуваат на претходните извештаи дека Русија му обезбедувала на Техеран разузнавачки информации, снимки и други информации што Иран ги користел за да напаѓа воени и цели.
Во објава до X, Зеленски направи прикриена референца на неодамнешната одлука на САД делумно да се откажат од санкциите врз руската нафта поради цените на енергијата што скокнаа поради војната во Иран.
„Кој му помага на кого кога санкциите се укинуваат од“ Русија, рече тој, „агресор кој заработува дневни приходи и обезбедува разузнавачки информации за напади врз американски, блискоисточни, британски и американско-британски бази и така натаму?“
„Знаеме дека ако направат снимки еднаш, тие се подготвуваат“, рече тој во одделни коментари за NBC News.
„Ако направат снимки втор пат, тоа е како симулација. Третиот пат тоа значи дека за еден или два дена ќе нападнат“, додаде Зеленски.
Американските претставници изјавија дека Русија му давала разузнавачки информации на Иран додека Техеран возвраќа на нападите на САД и Израел. Покрај воздушните бази и нафтената инфраструктура, иранските ракети и беспилотни летала ја погодија и станицата на ЦИА во саудискиот главен град Ријад.
Русија има корист од скокот на глобалните цени на енергијата предизвикани од војната со САД. Сепак, Украина во изминатата недела водеше кампања со беспилотни летала за да уништи некои од најважните руски извозни капацитети за нафта во Балтичкото Море и да ја спречи Москва да профитира од високите цени.
Хутите повторно го нападнаа Израел
Бунтовниците Хути испалија втора серија од ракети во рок од 24 часа против Израел, додека јеменската група, сојузничка на Иран, го продлабочи своето учество во војната на Блискиот Исток.
Израелската војска потврди дека дојдовна ракета била испукана од Јемен, но рекла дека била пресретната пред да стигне до територијата во близина на јужниот град Еилат.
Техеран соопшти дека на бродовите од „пријателските“ земји ќе им биде дозволено да поминат низ Ормутскиот теснец.
Во меѓувреме, Израел ги интензивираше своите напади врз Иран, насочувајќи се кон поморски истражувачки центар и напаѓајќи локации во Техеран доцна на 28 март, додека конфликтот продолжува да се шири.
Повеќе од 3.500 американски војници пристигнаа на Блискиот Исток, додека Вашингтон продолжуваше со трупањето сили за можна копнена инвазија. Новите војници вклучуваа 2.500 маринци, соопшти американската Централна команда.
Американскиот медиум Вашингтон пост, повикувајќи се на неименувани американски претставници, објави дека Пентагон подготвува планови за недели копнени операции во Иран. Белата куќа не го негираше извештајот, но го минимизираше значењето, сугерирајќи дека таквите подготовки би биле рутинско планирање за непредвидени ситуации.
Хутите, кои со години се вооружени, снабдувани и финансирани од Иран, избегнуваа да се приклучат на борбата, но лансирањето на ракетата предизвика стравувања од можно нарушување на теснецот Баб ал-Мандаб кај Јемен, низ кој минува околу 10 проценти од светската поморска нафта, до и од Суецкиот канал.
Вклученоста на Хутите кои се прогласени за терористичка организација од САД, претствува ризик за проширување на војната што ја започнаа САД и Израел, бидејќи Иран ги напаѓа арапските држави од Персискиот Залив, па дури и подалечни места, како што се Кипар, Диего Гарсија во Индискиот Океан, каде што Велика Британија има воени средства.
Локални избори во неколку српски општини за советници
Денеска во Србија се одржуваат локални избори во повеќе општини и градови, меѓу кои Бор, Аранѓеловац, Кула и Књажевац.
Станува збор за редовни избори за советници во локалните самоуправи, кои се одржуваат по истекот на четиригодишниот мандат од претходниот изборен циклус во 2022 година.
Изборите се случуваат во услови на засилена политичка тензија и криза во земјата, обележана со протести и незадоволство во дел од јавноста.
Српскиот претседател Александар Вучиќ повика граѓаните да гласаат „по сопствена совест“, додека владејачката партија очекува победа во повеќето општини.
Овие избори се сметаат за тест за политичката поддршка на власта на локално ниво, во пресрет на можни предвремени парламентарни избори кои се најавуваат за подоцна во текот на годината.
Претходните локални избори во 2025 година беа придружени, според меѓународните и домашните набљудувачи, со бројни нерегуларности, вербални и физички напади.
Повредени американски војници при ирански напад врз база во Саудиска Арабија
Американски медиуми јавуваат дека најмалку 12 американски војници биле повредени, од кои двајца сериозно, кога Иран го погодил воздухопловната база „Принц Султан“ во Саудиска Арабија со најмалку една ракета и неколку дронови, додека јеменските бунтовници Хути ги лансирале своите први ракети кон Израел од почетокот на војната, со што се закануваат да го прошируваат конфликтот кој сега е во својата петта недела.
Војниците се наоѓале во објект на базата кога таа била погодена, јавуваат „Њујорк Тајмс“ и „Волстрит Џурнал“, повикувајќи се на неименувани извори. Неколку авиони за воздушно полнење исто така биле оштетени.
Пентагон и Централната команда на САД не дадоа веднаш коментар.
Иран продолжува со континуирани одмазднички напади врз земји од Персискиот Залив, за кои тврди дека служат како платформа за американски напади, кои започнаа во заедничка операција со Израел на 28 февруари. Од почетокот на конфликтот загинале 13 Американци — седум во Заливот и шест во Ирак — додека над 300 други биле повредени. Американската војска соопшти дека 273 од нив веќе се вратиле на должност.
Нападот врз Саудиска Арабија бил дел од поширок бран ирански напади низ регионот. Властите во Бахреин соопштија дека изгаснале пожар во погоден објект, додека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) наведоа дека нивните одбранбени тимови пресретнувале ирански ракети и дронови рано утрото на 28 март.
Пожари избувнале во индустриска зона во Абу Даби, при што биле повредени пет лица.
Високиот официјален претставник на ОАЕ, Јусеф Ал Отаиба, во текст за „Волстрит Џурнал“ напиша дека „едноставно примирје не е доволно“, повикувајќи на координиран меѓународен напор за справување со нуклеарните капацитети на Иран, ракетите, дроновите и прокси-силите.
Тој посочи дека ОАЕ се подготвени да се приклучат во напорите за повторно отворање на Ормускиот теснец, преку кој во мирни услови поминува околу една петтина од светската сурова нафта и течен природен гас.
Израел соопшти дека изведува напади врз цели низ Техеран во она што прерасна во речиси редовна ноќна операција. Претходно биле погодени постројка за преработка на ураниум и реактор за тешка вода во централниот дел на Иран. Ирански ракети погодиле шест локации во и околу Тел Авив на 27 март, при што едно лице загинало.
Трамп го критикува НАТО
Додека бројот на жртви растеше, американскиот претседател Доналд Трамп, во настап на инвестициски форум поддржан од Саудиска Арабија во Мајами на 27 март, упати досега најостра критика кон НАТО, чии членки одбиле да се приклучат на кампањата против Иран или да помогнат во обезбедување на Ормускиот теснец пред примирје.
„НАТО направи ужасна грешка кога не испратија малку воена опрема, кога дури и не признаа што правиме за светот и што преземаме против Иран“, рече Трамп. „Едноставно ги немаше.“
Тој исто така навести намалено учество на САД во алијансата, велејќи: „Зошто ние би биле тука за нив ако тие не се тука за нас? Трошиме стотици милијарди долари годишно за НАТО, за нивна заштита, и секогаш би биле тука за нив, но сега, врз основа на нивните постапки, претпоставувам дека не мораме, нели?“
Овие изјави најверојатно ќе ги загрижат европските сојузници, кои веќе се вознемирени од ставот на Вашингтон кон алијансата. Вкупниот воен буџет на НАТО во 2025 година изнесува околу 5,3 милијарди долари, при што САД придонесуваат со приближно 842 милиони долари — дел од вкупниот буџет на Пентагон кој надминува 882 милијарди долари за тековната фискална година.
Хутите нападнаа Израел
Вклучувањето на Хутите во конфликтот претставува потенцијално значајна ескалација. Групата со седиште во Јемен, која е блиска до Иран, лансираше ракети кон Израел на 28 март — нивниот прв таков напад од почетокот на војната — при што Израел соопшти дека една ракета била пресретната.
Хутите предупредија дека нивните операции ќе продолжат сè додека, како што велат, не престане „агресијата“ на сите фронтови. Групата претходно сигнализираше дека е подготвена да делува доколку продолжат нападите против Иран и неговите регионални сојузници.
Како организација означена како терористичка од САД, вклучувањето на Хутите ризикува да ја продолжи војната која веќе ги вклучи американските сили, земјите од Заливот и Израел на повеќе фронтови. Аналитичарите предупредуваат дека целосно вклучување на Хутите би можело да предизвика потреси на глобалните енергетски пазари, имајќи ја предвид нивната способност да ја загрозат бродската пловидба во теснецот Баб ал-Мандаб и Црвеното Море.
Војната ќе заврши за „недели, а не месеци“
На дипломатски план, државниот секретар Марко Рубио, говорејќи на маргините на состанок на Г7 во Франција, изјави дека САД сè уште немаат добиено формален одговор од Иран и дека контактите биле индиректни, но додаде дека Вашингтон е „на или пред распоред“ и очекува воените операции да завршат за „недели, а не месеци“.
Тој исто така ги повика европските и азиските земји кои имаат корист од трговијата преку Ормускиот теснец да придонесат во напорите за обезбедување на слободен премин.
Трамп тврди дека Иран е „во бегство“ и дека разговорите се во тек. Специјалниот пратеник Стив Виткоф изјави дека Вашингтон има „15-точка договор на маса“ кој чека одговор од Техеран. Високи ирански претставници негираат дека се водат преговори, иако Иран на 25 март соопшти дека го разгледува американскиот предлог и изнесе пет услови за завршување на конфликтот.
Г7 разгледува поправка на Чернобил вредна 575 милиони долари
Министрите за надворешни работи од Групата седум (Г7) разговараат за голем напор за санирање на оштетувањата на заштитната обвивка на нуклеарната централа Чернобил во Украина, со проценети трошоци од околу 575 милиони долари, знак дека Киев останува во фокусот на разговорите на високо ниво и покрај конкурентните глобални кризи.
Говорејќи за РСЕ/РЛ на 27 март, портпаролот на француското Министерство за надворешни работи, Паскал Конфавреукс ги отфрли загриженостите на некои земји дека ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток го одвлекува вниманието од Украина.
„Тоа може да биде ризик, но не е реалност,“ рече тој.
Конфавреукс нагласи дека Украина е клучна тема на тековниот состанок на Г7, истакнувајќи дека министрите одржуваат посебна сесија за поддршка на Киев, на која се очекува да се приклучи и украинскиот министер за надворешни работи.
„Оваа Г7 е создадена за да им овозможи на лидерите да разговараат доверливо за најважните меѓународни прашања,“ рече тој. „Меѓу нив, секако, ќе бидат Иран и Блискиот Исток — но и Украина.“
Загриженост за нуклеарната безбедност
Клучно прашање на агендата се поправките на масивната заштитна купола што го покрива уништениот реактор во Чернобил, која беше погодена од дрон во 2025 година.
Украина соопшти дека ударот бил извршен од руски дрон со „високоексплозивна боева глава“. Кремљ ги негираше обвинувањата, тврдејќи дека Киев го изнел тоа тврдење за да ги наруши мировните преговори што во тој период биле во тек.
Во 1986 година, реакторот број 4 во Чернобил експлодираше, предизвикувајќи ја најтешката нуклеарна катастрофа во историјата. Куполата вредна 2,5 милијарди долари беше изградена во 2019 година за да спречи понатамошно истекување на радијација и да овозможи идно демонтирање на остатоците од реакторот.
Оштетувањето на куполата, иако физички ограничено, има значајни финансиски и безбедносни импликации.
„Ова покажува колку е сериозна штетата и колку може да биде опасна во однос на нуклеарната безбедност,“ рече Конфавреукс.
Проценката на трошоците ја објави Европската банка за обнова и развој, а министрите сега разговараат како да се обезбедат средствата. Се очекува во разговорите да бидат вклучени и придонеси од земјите членки на Г7, вклучително и од САД.
„За ова ќе се разговара денес [27 март],“ рече Конфавреукс на прашањето за можната улога на САД.
Додека министрите ги продолжуваат разговорите, обемот на поправките во Чернобил се наметнува како јасен показател за континуираните ризици што ги носи војната во Украина — дури и далеку од активните фронтовски линии.
За Франција, порача тој, пораката од Г7 останува јасна: Украина не е тргната настрана.
„Денес разговараме за Украина, и ќе продолжиме да го правиме тоа,“ изјави тој.
Савески не ги коментира изјавите на премиерот Мицкоски
Новоизбраниот државен јавен обвинител Ненад Савески вели дека никогаш нема да коментира ничија изјава, нагласувајќи дека првото нешто што го направил откако е на функцијата е средба со јавните обвинители во Државното јавно обвинителство.
Прашан за коментар на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека очекува одговори за работата на Катица Јанева и СЈО, Савески во изјава за медиумите пред денешната седница на Советот на ЈО рече дека нема да коментира ничија изјава.
Прашан што ќе направи во однос на гласините дека има предмети што се чуваат во фиока, Савески нагласи дека е само неколку дена на функцијата и дека за секоја одлука јавноста ќе биде навремено известена.
„Дајте малку време, сепак се неколку денови. Вклучително, приоритет е и учеството на седниците, да се пополнат местата коишто се испразнети и да се создадат услови да функционира таму каде што има испразнети места“, изјави Савески.
Тој нагласи дека работата на Јавното обвинителство, вклучително на секој јавен обвинител, а и државниот јавен обвинител, надлежностите и обврските кои ги исполнуваат јавните обвинители произлегуваат од законските регулативи.
Прашан за гувернерот Трајко Славески, Савески рече дека се следат состојбите во врска со тоа што како информации излегоа во јавноста и дека доколку се најде основ за отворање на предистражна постапка, секако тоа ќе биде постапено.
„Нема отстапки тоа се законски обврски на Јавното обвинителство. Значи тоа секако се оценува за секоја ситуација, вклучително и оваа за која ме прашувате. Не може, а да не биде предмет на анализа. Доколку се најде основ, се постапува согласно законот“, изјави Савески, нагласувајќи дека јавноста ќе биде известена со комплетно соопштение од страна на службите за односи со јавноста.
За барањето за изземање на обвинителката Ленче Ристовска и случајот со пожарот во Кочани, Савески рече дека не е донесена одлука.
Савески пред десеттина дена беше избран за нов државен обвинител. Тој ќе биде деветти републички обвинител на Македонија од независноста во 1991 и 19-ти од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски.
Инаку на денешната седница на Советот за јавни обвинители беа избрани четворица обвинители за организиран криминал. Се работи за обвинителите Александар Маркоски, Ана Гоговска-Јакимовска и Ана Стојковиќ-Димитровска од Скопското обвинителство и Енѓелуше Кадриу-Леши, на која овој ѝ е трет мандат во ОЈО ГОКК.