Достапни линкови

Условна казна за Томислав Лазаров за „Насилство во Центар“


Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и советникот во Општина Центар Томислав Лазаров пред Кривичниот суд во Скопје

Условна шестмесечна затворска казна доби Томислав Лазаров, четвртообвинет во предметот „Насилство во Центар“ на Специјалното јавно обвинителство.

Тој денеска беше прогласен за виновен за делото и судијката Татјана Михајловa му одреди условна шестмесечна казна, доколку во рок од две години не стори друго кривично дело.

Лазаров, кој е советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар, пред Судот уште еднаш изрази каење и вети дека нема да стори друго кривично дело и се откажа од правото на жалба за висината на казната.

Судијката Михајловa на рочиштето што се одржа на 20 ноември ја издвои постапката за Лазаров откако тој се изјасни дека се чувствува виновен и оти од оваа временска дистанца длабоко се кае. Тој рече дека за признанието немал никакви притисоци, ниту од Специјалното јавно обвинителство, ниту од полицијата.

Во предметот „Насилство во Центар“ обвинети се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниелa Рангелова и уште 11 други лица.

Судењето за овој случај на СЈО треба да продолжи на 29 ноември.

XS
SM
MD
LG