Достапни линкови

Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ бараат Иванов да ги ослободи приведените


Илустрација-Протест пред Основниот суд Скопје 1 по приведување на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

Во Кривичниот суд се уште трае распитот на дел осомничени за крвавите настани на 27 април во Собранието, а пред судот во тек е и протестот на ВМРО-ДПМНЕ. Повремено на насобраните им се обраќаат пратеници и поддржувачи на партијата, а неколкумина од нив побараа реакција од претседателот Ѓорге Иванов.

Крсто Јовановски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ побара од шефот на државата да „донесе одлука онаква каква што треба“.

„Се надевам дека претседателот Иванов го гледа ова и од мое име и од име на сите пратеници ќе донесе одлука онаква каква што треба, каква што со Уставот на Република Македонија му се можни“, рече Јовановски.

Пратеничката Невенка Стаменковска побара од претседателот Иванов да се огласел и да ги ослободел сите 36 лица кои што вечерва биле во судот.

Пред насобраните се обратија и поранешниот пратеник Цветко Грозданов, поранешниот претседател на Државниот архив Филип Петровски и други.

Основното јавно обвинителство ја заврши предистражната постапка поврзана со настаните од 27 април и соопшти дека 36 луѓе се осомничени за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. На распит во судот меѓудругите се поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, пратениците Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, актерот Владо Јовановски, членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Богдан Илиевски и други.

XS
SM
MD
LG