Кога почна војната, после два часа ни рекоа да си одиме дома. Некаде во предвечерните часови се слушнаа првите две до три детонации. Ноќта ја минав во подрумскиот дел на зградата каде што живеам. Првата реакција ми беше страв заради тоа што имав чувство дека ситуацијата е хаотична.
Вака Македонецот Николај Павловски, кој живее и работи во Дубаи, раскажува за моментите кога се слушнале првите детонации од нападите на Иран кои следуваа како одговор на нападите од американските и израелските сили.
Како дипломиран студент на меѓународни односи со специјализација за регионот Блиски Исток, тој вели дека ја разбира сериозноста на ситуацијата и од каква размери може да биде конфликтот, но дали ќе се евакуира засега не знае. Лични податоци и сите потребни информации веќе ги испратил преку електронска пошта до македонската амбасада во Абу Даби.
„Нема да се евакуирам доколку рутата е преку Саудиска Арабија, Израел или пак со владиниот авион и додека не ни дадат гаранции за безбедноста на нашето здравје и животи. На копно моментално се чувствувам побезбеден отколку да експериментирам со некакви непроверени комбинации и варијанти“, вели Павловски за Радио Слободна Европа.
Тој е еден од стотиците македонски државјани кои се пријавиле во дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија.
Со „рент а кар“, низ пустина и назад
Павловски вели дека сега ситуацијата е мирна, за разлика од претходните денови кога спиеле и во пустина.
По првите детонации и ноќта помината во подрум тој вели дека со колеги заминале во Ал Мадам.
„Таму спиевме во автомобилот кој го земавме преку ’рент а кар‘ бидејќи сите сместувања беа букирани, па ноќта ја минавме во пустина. Третиот ден бевме во Ал Аин каде што беше мирно и спиевме за првпат нормално. Вечерта ни пишаа да се вратиме на работа. На четвртиот ден во 2 часот попладне бевме во Дубаи со двајца мои колеги. Од тогаш до сега градот веќе е вратен во нормала“, раскажува Павловски.
Колку македонски државјани се затечени на Блискиот Исток?
Според евиденцијата што ја имаат македонските власти, стотици државјани на Северна Македонија се пријавиле со престој во некоја од државите на Блискиот Исток.
Најмногу од нив се евидентирани во амбасадата во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) која покрива повеќе држави. Таму се пријавени вкупно 505 граѓани, според последниот пресек што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го направи на 5 март. Од нив, најголемиот дел престојуваат токму во ОАЕ.
Дополнително, 31 лице се пријавени во Кувајт, 14 во Бахреин и 141 во Доха.
„Процесот на евакуација се реализира согласно веќе разработен план, во согласност со безбедносните услови и во координација со надлежните институции“, велат од МНР.
Предвидени еден милион евра за чартер-летови
Дел од македонските државјани ќе се евакуираат преку чартер-летови што ќе ги организираат македонските власти. Владата донесе заклучок за да организира јавна набавка по скратени рокови за да може процесот да се заврши побрзо.
За ова, како што соопштија властите, предвидени се 60 милиони денари (речиси еден милион евра) од државниот Буџет.
Сепак, можно е да се искористат само дел од парите, а тоа ќе зависи од кончениот број на пријавени државјани кои бараат евакуација.
Евакуација преку земјите од регионот
Дел од македонските граѓани, пак, веќе се евакуираат во соработка со земјите од регионот.
Авион со 138 патници од Дубаи вчера (4 март) слета на аеродромот во Тиват, Црна Гора.
„Покрај Црногорци, на летот имаше и државјани на Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Северна Македонија, Италија, Грција, Соединетите Американски Држави, Турција и Јужна Африка“, соопшти црногорското Министерство за надворешни работи.
Владата на Хрватска, пак, организира итен лет со авион на „Кроација ерлајнс“ за враќање на ранливите групи хрватски граѓани од Обединетите Арапски Емирати. Авионот со капацитет од 149 седишта треба да полета од Дубаи денеска, на 5 март, околу 17:30 часот по локално време. Очекуваното слетување во Загреб е околу 22:40 часот. Покрај летот на „Кроација ерлајнс“, планирани се и два дополнителни чартер лета од локални авиокомпании со вкупен капацитет од 340 седишта.
ивното полетување од Дубаи се очекува во доцните попладневни часови на 5 март. Дополнителни летови со ист капацитет се закажани за петок, 6 март 2026 година.
Завршува евакуацијата од Израел
Со лет на „Ер Србија“ преку Египет, пак, во утринските часови на 4 март слета група македонски државјани кои беа затекнати во Израел.
Шестмина државјани, исто така од Израел, во попладневните часови на 5 март треба да се вратат во Скопје со владиниот авион на Северна Македонија.
„Со тоа целосно ќе се заокружи процесот на враќање на сите граѓани кои побараа извлекување од Израел“, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија.
Ваквите акции за евакуација од Блискиот Исток следуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп на 28 февруари соопшти дека Вашингтон почнал „големи борбени операции“ против Иран, во координација со израелските сили. Нападите во Техеран беа насочени кон највисоките нивоа на раководството на Исламската Република. Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, беше убиен во американските и израелските воздушни напади.
Од друга страна, пак, Иран испука стотици ракети и беспилотни летала насочени кон американските воени бази, како и клучни енергетски и комерцијални локации во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Бахреин и Катар – сите американски сојузници.