Достапни линкови

Шеесет проценти од ромското население во Битола не дозавршило основно училиште


Ромската населба Баир во Битола.
Ромската населба Баир во Битола.

Тоа што има многу неквалификувани лица меѓу ромското население им пречи во наоѓањето работа, покажува неодамнешно истражување. Според него, над 67 проценти од ромското население е корисник на некаква социјална помош, но тие мерки ги поттикнуваат да се вклучат во неформалниот сектор на вработување.

Шеесет проценти од ромското население во Битола има недооформено основно образование, а која било мерка во Агенцијата за вработување задолжително налага завршено основно или средно образование. Во моментов, во Битола нема активни мерки кои ќе овозможат тие да го дозавршат основното образование. Иако потребата на фирмите во Пелагонискиот Регион од нискоквалификувана работна рака е над 80 отсто, тој капацитет не може да се исполни, а има толку неквалификувани лица меѓу ромското население.

Ова се резултати од истражувањето во рамки на проектот „Баир, здружена акција на Битола за вклучување на Роми“, финансиски поддржан од ЕУ, а спроведен од „Преда плус“, COSV од Италија и Општина Битола. Со истражувањето беа опфатени 31 процент од ромското население во ромската населба Баир во Битола, Агенцијата за вработување и 17 претпријатија.

„Неможноста за наоѓање работа поради недооформено образование и недостатокот на квалификации и вештини кои би ги направиле Ромите да бидат конкурентни на пазарот на трудот им дава чувство на безислезност. 31 процент од луѓето кои живеат овде кажале дека имаат работа, но во тој процент спаѓаат и привремени вработувања, сезонски, вклученоста во неформалниот сектор како собирање отпад и земјоделство, кои не го решаваат нивниот проблем со вработување“, вели Лидија Ангелкова од фондацијата „Преда плус“.

Ремзи Медик, член на тимот за поддршка во проектот, но и долгогодишен НВО активист за правата на Ромите, нагласува дека во последните неколку години има пад на процентот на лица вклучени во образованието.

„Во последните години има пад на процентот на лица кои завршуваат основно и средно образование, па и високо образование, имаме мал број на млади луѓе кои се запишуваат на факултети. Сметаме дека треба повеќе да се работи во тој дел за да постигнеме подобри резултати и да бидеме како заедница рамноправни со останатите“, вели Медик.

Според истражувањето, над 67 проценти од ромското население е корисник на некаква социјална помош. Мерките што ги нуди државата преку социјалните бенефити помагаат Ромите да се снајдат со големите егзистенцијални проблеми, но од друга страна, ги поттикнуваат да се вклучат во неформалниот сектор на вработување.

„Целата социјална реформа наместо да ги стимулира луѓето да се вклучат во работ делува дестимулативно. Наместо да ги извади од сиромаштија, ги враќа назад во неа, односно ги тера да продолжат да бидат дел од тој систем на неформално образование каде не е важна наобразба, степен на образование, тоа е системски проблем“, рече Љупчо Димовски од консултантска куќа „Епицентар“, која го спроведе истражувањето.

Ова не се изненадувачки податоци доколку се земе во предвид дека во Битола се уште има ромски семејства кои немаат основни услови за живот. Дваесет и девет семејства или 114 жители од Петочна Вода, неурбанизираниот дел од населбата Баир во Битола, немаат пристап до вода и канализација во домовите, а живеат и на иста адреса Караорман број 111.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG