Достапни линкови

Божиновска-Силјановска: Семејното насилство во земјава прогресира, институциите мора да бидат поефикасни

Претседателката на Македонското здружение на млади правници, Бојана Божиновска Силјановска.
Претседателката на Македонското здружение на млади правници, Бојана Божиновска Силјановска.

Резиме

  • Законот гледа пошироко од полициското око за тоа што е „видлива“ телесна повреда на жените жртви на семејно насилство
  • Ние сме кроток народ, ама сме трети по фемициди во Европа
  • Министерството за внатрешни работи со оглед на целосната дигитализација којашто се најавува во земјата, треба да има и посовремени дигитални решенија за тоа како да се алармира кога жртва веќе втор пат пријавува семејно насилство.

Многу често едно насилство коешто на почеток било семејно, преминало во друг тип на насилство, сексуално, па дури стигнало и до трговија со луѓе. На жртвите им се потребни итни услуги и сервиси коишто ќе придонесат кон нивна заштита, а ние тука како земја кубуриме со шелтри, вели претседателката на Македонското здружение на млади правници Бојана Божиновска Силјановска.

До неодамна 8ми март во македонската јавност се третираше како празник за прослава во кафеана или евентуално како ден на цвеќето. Но, во вашата канцеларија претпоставувам дека тоа изгледа малку или можеби многу поинаку со жени кои од вас бараат итна правна заштита. Каква е правдата за жените, особено за жените жртви од семејно насилство во земјава?

Токму така, ние 8ми март го славиме, не можам да кажам дека не го славиме, меѓутоа го славиме на многу поразличен начин, заради тоа што имаме многу поразлични, односно имаме соодветни сфаќања заедно со другите наши колеги од невладиниот сектор, па и од институциите кои се заедно во борбата за тоа што значи правда за жената и што значи реално остварувањето на правдата на жената во нашата земја.

Не можам да кажам дека сме на ниво каде што правдата е во целост задоволена и тоа го потврдуваат во суштина настаните за за кои неминовно денеска ќе мора да разговараме.

Ние сме кроток народ, ама сме трети по фемициди во Европа
please wait

No media source currently available

0:00 0:17:36 0:00

Родово базираното насилство врз жената и воедно семејното насилство, за жал излегува дека е сè поприсутно во нашето општество, во државата, а тоа во суштина се должи на недоволната итна, пред сè, реакција на институциите, кои што треба да делуваат заеднички и во кореспонденција. Оттука би можела да изведам заклучок дека правда во земјава се достигнува многу тешко кога зборуваме за правата на жената и тоа е од повеќе аспекти, не е тука само родово базираното насилство, меѓутоа секако дека пред сè мораме да ги спомнеме правата на жртвите.

Имајќи ја во предвид последната трагедија на Ивана и Катја, која е вашата проценка колку земјава е безбедна држава за жена што одлучила да пријави дека е жртва на семејно насилство?

Трнлив е патот на една жртва кога пријавува семејно насилство и тоа не е само заради тоа што институциите во целост не си ја вршат работата. Секоја чест на исклучоците во институциите, ние сè уште имаме навистина големи професионалци.

На почеток тука и сите ние имаме некоја одговорност во смисла на тоа каков е општествениот наратив кога станува збор за жртва на семејно насилство, па оттаму самиот почеток жртвата да се одлучи да го пријави насилството е голем исчекор за неа, заради тоа што на почеток се судрува со големи стереотипи и дополнителна ревиктимизација во смисла на тоа дека таа најчесто се чувствува дека придонела некако за тоа да се случи или дека едноставно е во положба каде што мора тоа да го трпи.

Понатаму кога на тоа ќе додадеме дека ќе се соочи со лавиринт од институции и неколкукратно враќање за да се донесе правиот документ, особено кога зборуваме за не секогаш целосно видлива форма на насилство, зборувам со око видлива на прв поглед форма на насилство што е многу важно да се знае особено со наративот што се воведе деновиве.

Тоа значи дека за полицајците видливо насилство е само ако има модрица на лице, во превод?

За полицајците што е видливо насилство најдобро ќе биде тие да одговорат, меѓутоа точно така некако се воведе деновиве дека зборуваме за видлива телесна повреда, а ако го читаме Кривичниот законик факт е дека тој не многу точно дефинира што се подразбира под телесна повреда, меѓутоа казнената, да речеме доктрина, коментарот на Кривичниот законик, телесната повреда гледа многу пошироко од тоа дали само видливо има нешто.

Дури и доколку жената имала некаква, мислам ова се однесува на било која телесна повреда, меѓутоа сега во контекст на жените, дури и доколку имала некакво нарушување, а со насилството се придонело кон тоа истото да се влоши, значи повторно имаме вид на телесна повреда којашто на прв поглед секако дека не би била видлива.

Меѓутоа, тука, во суштина жените многу често заради тоа што претрпуваат и психичко насилство или пак насилство кое е телесно, меѓутоа не е на прв поглед видливо, се доведуваат во улога таа тие треба на почеток да го докажуваат насилството за да може да си пружат заштита што инаку законски треба да им следува.

Во тој контекст од вашето досегашно искуство со работење со жени коишто биле жртви на семејно насилство, каде системот најчесто потфрла кога треба да се заштитат нивните права и кога треба да им се обезбеди безбедност?

Знам дека јавноста веројатно во моментов очекува некој конкретен одговор, којшто секако јас сама по себе не сум надлежна да го дадам, меѓутоа вистината е дека нема одговор каде што ќе може да впериме на само на еден со прст. Зборувам, ниту на само една институција, а не пак на само еден службеник.

Вистината којашто е за мене лично, не само за Македонското здружение на млади правници, е дека ние премногу се навикнавме да ги нормализираме работите, а тоа се случува во суштина и кај луѓето што работат во институциите.

Заради тоа што кога зборуваме за систем ние мора да сме свесни дека тоа не е нешто фиктивно, туку системот е составен од луѓе кои живеат во истата земја каде што живееме и ние. Тоа е првата работа, а втората работа ако гледаме правно, заради тоа што вие ме каните пред се како правник, вистината лежи во тоа дека системот потфрла во координираниот пристап на институциите, пред сè во пружањето на итна заштита кога станува збор за жени жртви и тоа е многу убаво опишано во законското решение што го нуди Законот за спречување на насилство врз жените и семејното насилство.

И во суштина ние предничиме во носење на вакви закони, особено ако гледаме во регионот. Исто така и протоколот којшто е поврзан со овој закон тоа убаво го опишува, меѓутоа колку институциите навремено ги следеле овие законски решенија за пред сè заштита, а потоа да навлезат во процесни дејствија и почитување на другите закони како што се Казнениот законик или пак Законот за кривична постапка, е прашање.

А од друга страна ние имаме совршено предвидени принципи и стандарди токму во законот којшто пред малку го споменав, којшто во самиот наслов кажува спречување на насилство. Значи законот многу убаво определува дека таму треба да имаме координиран и итен пристап на институциите со строго определени законски рокови со цел пред сè жената да се заштити, а потоа да се премине во постапување коешто е потребно.

На хартија стандарди има. Што е тоа што им недостасува на институциите за да ги спроведат тие стандарди во пракса?

Прво морам да споменам дека во правото постапување во спротивност на интерес на некој што треба да биде заштитен или пак непостапување е едно, мислам исто. А на институциите во суштина им недостасува многу.

Значи ние не можеме да зборуваме дека вработените во институциите сами по себе се криви, туку државата генерално треба ова да го стави на приоритетна листа за да можеме да зборуваме дека вистински ефикасно се обидува да донесе некакво решение на проблемот што очигледно е присутен во општеството.

Имаше многу интересна парола деновиве на социјални медиуми којашто многу силно лично ме потресе, вели: „Ние сме кроток народ, ама сме трети по фемициди во Европа“.

И тоа е вистината, заради тоа што јас верувам дека секој од нас се перцепира како топол, кроток народ, меѓутоа од друга страна бројките, статистиката покажува друго, дека жените во земјава и тоа како не се така сигурни кога станува збор за насилството коешто се извршува врз нив.

Е сега за институциите да можат како што велите вие навистина да си ја вршат својата должност и да си ја завршат условно кажано работата, им се потребни многу работи, меѓутоа пред сè им е потребен човечки кадар. Значи им недостасува.

Потребно им е зголемување на капацитетите и обуки. Ние не може да зборуваме дека сите полицајци ни се обучени доколку не се.

Доколку некој оди на терен за пријава на семејно насилство, а истиот не е обучен да препознае и да спроведе проценка на ризик што се испоставува дека во суштина е најкритично. Таа е добро опишана и во подзаконските решенија, постои правилник, Министерството за внатрешни работи има ваков правилник во кој е предвиден координиран пристап со центрите за социјална работа итн.

Во суштина ништо не сме направиле, ние сме донеле некое законско и подзаконско решение што на нас правниците навистина ни се чини дека е во голема мера соодветно, меѓутоа имплементацијата не е.

Така што дефинитивно имаме потреба од итни реакции, за да имаме итни реакции треба да имаме веројатно доволно и човечки ресурси, капацитети на тие човечки ресурси, поголеми капацитети во друг дел.

На пример веројатно претпоставувам дека Министерството за внатрешни работи со оглед на целосната дигитализација којашто се најавува во земјата, треба да има и посовремени дигитални решенија за тоа како да се алармира кога жртва веќе втор пат пријавува семејно насилство.

Дел од активистите и од правниците коишто застапуваат жртви од семејно насилство во судски процеси, тврдат дека честопати полицајците ги наведуваат жртвите наместо пријава да поднесат поплака и со тоа го заобиколуваат законот и постапката што би следела понатаму доколку жртвата од страв се откаже од понатамошно гонење. Колку е тоа од вашето искуство потврдено во пракса?

За жал имаме такви примери каде што жртва била да пријави семејно насилство, односно сексуално или друг тип на родово базирано насилство, а истото било примено како поплака или пак дури имаме посведочено некои форми на дискриминација, па имаме некои прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир кога станува збор да речеме за понеинформираните или пак помаргинализираните групи како што се жените Ромки.

Ова не е секогаш случај. Министерството за внатрешни работи и обвинителството долго време укажуваа на тоа дека има проблем во поведување на постапките кога зборуваме за Кривичниот законик и кога зборуваме за настаната телесна повреда.

На 6-ти февруари влезе во сила измената на Кривичниот законик каде што повеќе немаме поведување на постапката преку предлог, што значи дека постапката се води секогаш по волја на странката, односно жената во случајот, и со ова во суштина ќе имаме и веќе имаме постапување по службена должност на институциите.

Меѓутоа, тука пак ќе се отвори прашањето каква ќе биде имплементацијата на оваа новина да речеме во законот, заради тоа што ние од правен аспект очекуваме дека ова навистина треба да ги реши барем поголем дел од проблемите, ама од друга страна ако повторно имаме заведување на само поплаки или избегнување на тоа како да ги подведуваме како кривични дела насилствата коишто се извршени врз жената, тогаш пак ќе се вратиме на истото.

Кога зборуваме за системот, колку државата реално вложува во бесплатна правна помош за жртвите?

Ние како организација нудиме бесплатна правна помош и сме веројатно првата организација којашто е регистрирана во Министерството за правда.

Но, реалноста е дека ние како држава веќе пет години немаме објавено повик за грант кога станува збор за бесплатната правна помош и генерално сме зависни од донатори.

Невладиниот сектор којшто исто така треба да постапува координирано заедно со институциите со цел спречување на ваквиот тип на насилство, во суштина не е поддржан од државата, туку зависи од донатори во целост и од проекти коишто ги спроведува.

Проблемот е и во многу други работи, а тоа е дека Македонското здружение на млади правници конкретно иако делува на национално ниво, сепак не може да стаса до секоја една жена, за жал.

Па оттука ние затоа и многу често се координираме и со други локални организации кои имаат поголем пристап до жените коишто теренски ги среќаваат, да речеме во руралните средини, каде што една жртва не само што нема директен пристап до нас, физички е оневозможена да стигне до нашата канцеларија заради тоа што многу голем дел од руралните средини и од другите градови немаат редовен или воопшто немаат јавен превоз.

И тоа е огромен проблем и повторно задира во темата како се попречени правата на жените, па и на жените коишто се жртви посебно.

Многу е важно да се спомене дека кај нас насилството го има сè почесто, почесто е и детектирано, меѓутоа и насилството прогресира. Па ние од нашите примери можеме да видиме дека многу често едно насилство коешто на почеток било семејно, преминало во друг тип на насилство, сексуално, па дури стигнало и до трговија со луѓе.

Така што, на жртвите им се потребни итни услуги и сервиси коишто ќе придонесат кон нивна подобра благосостојба и заштита, а ние тука како земја кубуриме да кажам со шелтри, доволно легла, сервиси, плаќање на сервиси од страна на државата кон невладините организации коишто ги пружаат итн.

Што би се случило хипотетички ако еве и тие грантови од странските донатори згаснат, се намалат?

Ако згаснат грантовите од странските донатори прво тоа ќе биде крах во многу области вклучувајќи и во постапувањата на државата, да кажам, не само на невладините организации.

Меѓутоа тоа дефинитивно ќе значи немање пристап до правда за жртвите заради тоа што, еве ние конкретно како организација, преку проекти во суштина обезбедуваме и пружање на бесплатна правна помош за жртвите.

А и освен тоа што ја пружаме примарната бесплатна правна помош, понатаму одиме и кон секундарна доколку утврдиме дека е потребно.

Исто така се јавуваме многу често и како придружници на жртвата во тој институционален лавиринт што го споменуваме.

А од друга страна и се ставаме во улога на првичен застапник на човековите права на жртвата заради тоа што и Законот за бесплатна правна помош сам по себе не е доволен за да можеме да кажеме дека дефинитивно се овозможува целосен пристап до правда.

Заради тоа што законот утврдува еден финансиски праг којшто вели „минимална плата и за секој член од семејството 20 проценти“. Па ако имаме жртва со три деца, тоа е некаде 40 илјади да речеме денари месечно, а од друга страна зборуваме за четиричлено семејство каде што синдикалната потрошувачка велиме дека лани на крајот на годината беше 65 илјади денари.

И жртвата бидејќи не се наоѓа под тој праг во суштина освен времени мерки, за сè останато како развод, некое наследство или итн. каде што би можело да се пружи некоја независност на жртвата за таа може да продолжи, и не е овозможено.


  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG