Достапни линкови

Доживотен затвор за Ратко Младиќ


Командантот на војската на босанските Срби, генерал Ратко Младиќ, беше прогласен за виновен за командување на силите одговорни за злосторствата, вклучувајќи ги тука и најголемите злосторства – крвавата тригодишна опсада на Сараево и геноцидот на околу осум илјади муслимански мажи и момчиња во Сребреница во 1995 година, што се смета за најголемото злосторство после Втората светска војна.

Хашкиот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија денеска го осуди поранешниот командант на војската на босанските Срби, генерал Ратко Младиќ, на доживотен затвор. Тој е осуден за воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучувајќи и геноцид, за време на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година.

Судот го прогласи Младиќ за виновен за 10 од 11-те точки од обвинението.

Младиќ беше прогласен за виновен за командување на силите одговорни за злосторствата, вклучувајќи ги тука и најголемите злосторства – крвавата тригодишна опсада на Сараево и геноцидот на околу осум илјади муслимански мажи и момчиња во Сребреница во 1995 година, што се смета за најголемото злосторство после Втората светска војна.

Станува збор за првостепена пресуда, на која жалба ќе може да поднесат и Хашкото обвинителство и одбраната на Младиќ.

Судијата претседавач Алфонс Орие ја прочита пресудата, откако го отстрани Младиќ од судницата поради попречување.

„Лажат, лажете, не се чувствува добро“, викаше Младиќ пред да биде изнесен од судницата од обезбедувањето.

Претходно имаше непредвидено долга пауза во која на Младиќ му бил измерен притисокот, по што одбраната, со образложение дека има висок притисок, побара прекинување на изрекување на пресудата или да се прескокне читањето на образложението и веднаш да се соопшти пресудата.

Судскиот совет сепак рече дека здравствените проблеми на Младиќ не се толку големи и одлучи да продолжи со читање на пресудата.

Семејства на убиените во Сребреница беа задоволни од пресудата. За умерените политичари во Србија, пресудата е очекувана, но претставници на босанските Срби и на десничарски партии и организации од Србија тврдат дека се работи за „селективна правда“. Бошњачките политичари изразија задоволство од пресудата.

Високиот комесар за човекови права на ОН, Зеид Раад Ал Хусеин, ја поздрави пресудата како „значајна победа за правда“, нарекувајќи го Младиќ „олицетворение на злото“.

Американските амбасади во Белград и Сараево соопштија дека сите треба да ја прифатат пресудата и да работат на помирување.

Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека никој не е изненаден од пресудата и дека не треба да се гледа во минатото, туку во иднината, но не пропушти да потенцира дека Хашкиот суд не ги осудил главните обвинети за злосторства против Србите.

Поздравувајќи ја пресудата, босанскиот премиер Денис Звиздиќ рече дека ова е потврда дека воените злосторници не можат да и избегаат на правдата, без разлика колку долго се кријат.

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, пак, оцени дека Ратко Младиќ за време на војната во БиХ професионално и патриотски го исполнувал својот долг.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека пресудата покажува дека „владеењето на правото функционира“.

Луѓе носат ранет цивил на улиците на Сараево на 8 март 1993. Човекот е ранет од граната испукана од босанските Срби
Луѓе носат ранет цивил на улиците на Сараево на 8 март 1993. Човекот е ранет од граната испукана од босанските Срби

Пресудата на 75-годишниот Младиќ ќе биде последна од Хашкиот трибунал основан во 1993 година да ги гони злосторствата извршени во војните во поранешна Југославија во 90-тите години од минатиот век.

Меѓународен суд за воени злосторства во поранешна Југославија по 24 години од формирањето ќе престане со работа на 30 ноември, додека постапките по жалбите, ревизиите и извршувањето на казни во негово име во иднина ќе го врши Механизмот за кривични судови со седиште во Хаг.

Младиќ, кој неговите противници го нарекуваа „Касапот од Босна“ ги негира сите обвиненија против него.

Со оглед на сериозноста на делата, случајот Младиќ стана еден од најголемите судења за воени злосторства по Нирнбершките судења на раководството на Нацистичка Германија по крајот на Втората светска војна.

Обвинителството соопшти дека војниците на Младиќ ги избркале холандските мировници од ОН од Сребреница, по што ги разделиле мажите и момчињата на една страна, а жените, децата и старците на друга. Жените и децата биле натоварени во автобуси и камиони и испратени на територија под контрола на Бошњаците, а мажите и момчињата биле ликвидирани и закопани во масовни гробници. Досега преку ДНК-анализа се идентификувани останките на 6.900 луѓе, но многумина сè уште се водат како исчезнати. Во 2007 година, трибуналот пресуди дека масакрот во Сребреница е геноцид извршен од босанските Срби.

Жена се моли на гробот на убиените членови на нејзиното семејство во Меморијалниот центар Поточари во близина на Сребреница
Жена се моли на гробот на убиените членови на нејзиното семејство во Меморијалниот центар Поточари во близина на Сребреница

Обвинителите тврдеа дека крајниот план на Младиќ, политичкиот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ и српскиот претседател Слободан Милошевиќ бил да се „исчисти“ Босна од несрпското население и преку етничко чистење да се создаде „Голема Србија“ на територијата на тогашна Југославија.

Младиќ исто така беше обвинет за прогони, убиства, мачење, силување, истребување, гранатирање и снајперски напади во Сараево, депортации, тероризам и држење на мировници на ОН како заложници.

Трибуналот поднесе обвинение против Младиќ во 1995 година, но тој продолжи да се крие во Србија, додека Белград не одлучи да го уапси и да му го предаде на Хашкиот суд во мај 2011 година.

Младиќ веќе беше болен кога почна судењето против него во 2012 година. Неговите адвокати постојано се повикуваа на неговата здравствена состојба.

Трибуналот во 2016 година го прогласи шефот на Младиќ, Радован Караџиќ за виновен за слични обвиненија и го осуди на 40 години затвор.

Милошевиќ, пак, почина во притворското одделение на Хашкиот трибунал во 2006 година.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG