Достапни линкови

За мајка од Сребреница судењето на Младиќ мала утеха


На 22 ноември, Хашкиот трибунал за воени злосторства треба да донесе пресуда во судењето на Ратко Младиќ, генералот на босанските Срби, кој го раководеше масакрот во 1995 година врз мажи и момчиња, босански муслимани во Сребреница. Шестгодишниот судски процес против Младиќ за обвиненија за геноцид и воени злосторства внимателно го следат многу Босанци, вклучувајќи ги и оние кои ги изгубиле роднините во воените злосторства. Но, Мунира Салиховиќ, чиј сопруг и синови беа убиени во Сребреница, вели дека не може да има целосна правда за толку големи злосторства.

Мунира Салиховиќ доаѓа на гробишта за да се моли над гробовите на нејзиниот сопруг и најмладиот син.

Тие беа меѓу илјадниците муслимански мажи и момчиња убиени од силите на босанските Срби во Сребреница во јули 1995 година.

За Салиховиќ, нивната смрт беше последна во серијата нејзини трагедии во неколкугодишната босанска војна.

„Тешко. Деновите ми беа тешки уште од првиот ден на војната. Во 1992 година, јас изгубив син - на 13 јули 1992 година. Тоа беше почетокот на војната. Тој син загина во нашата куќа. Имаше 20 години. Уште еден син беше убиен во 1993 година на фронтот во близина на Сребреница. Имаше 19 години. Мојот трет син исчезна во 1995 година, исто како и мојот сопруг“, вели таа.

Додека силите на босанските Срби на чело со генералот Ратко Младиќ ја заземаа Сребреница, стотици мажи и момчиња се обидоа да бараат засолниште во блиските шуми и планини.

Она што следеше беше означено како најлош чин на геноцид во Европа по Втората светска војна.

Салиховиќ и другите жени биле натоварени на камиони и испратени во градот Тузла. Многу години подоцна, останките на нејзиниот сопруг и син биле пронајдени во масовни гробници.

„Телото на мојот маж го пронајдов, не знам точно пред колку години. Синот го најдов по 19 години. Имаше 19 години кога замина. По 19 години го најдов. Кога ми кажаа во Тузла дека детето ми било во таа гробница, тогаш останав без зборови“, вели таа.

Салиховиќ живее сама во домот на нејзиното семејство, недалеку од Меморијалниот центар и гробиштата во Сребреница-Поточари, каде што нејзиниот сопруг и син се погребани.

Таа вели дека не му давала големо внимание на судењето на Ратко Младиќ, кој се соочува со обвиненија за геноцид и воени злосторства во врска со масакрот во Сребреница и други злосторства.

Како што Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија се подготвува да ја изрече пресудата, Салиховиќ вели дека таа верува оти правдата никогаш не може да биде целосно задоволена.

„Верувај ми, не можам да го гледам судењето. Само ќе му посакам Бог да му даде долг живот, а да го загуби целото семејство. Целото семејство да го загуби, а да живее долго. Да види како е, како е да се живее долг живот, а да се изгубат своите деца. Тоа е она што најмногу би му посакала, ако ја имав таа моќ, да живее долго“, вели таа.

Долгоочекуваната пресуда на Младиќ ќе затвори уште едно поглавје во историјата на босанската војна. Но, за Салиховиќ, трагедиите на војната никогаш нема да ја остават мирна.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG