Достапни линкови

„Шамарите“ се изгубија во судските лавиринти


Архивска фотографија: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на распит во Основен суд 1
Архивска фотографија: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на распит во Основен суд 1

Обвинението на Специјалното јавно обвинителство за нарачаните „шамари“ заглави во судските лавиринти, па поради тоа доби ново одложување. Наместо во Основен суд 1, предметот се наоѓа во Врховниот суд, а судијката Татјана Михајлова ги убедуваше обвинетите и оштетените дека се наоѓа во Апелациониот суд.

Поранешниот премиер Никола Груевски на обвинителна клупа повторно ќе седне во септември, откако денеска судијката Татјана Михајлова донесе одлука да го одложи рочиштето за предметот на Специјалното јавно обвинителство за насилствата во општина Центар. Причината за тоа е, како што вели судијката, што предметот не е во Основниот суд Скопје 1, туку во Апелациониот суд. поради жалбите на обвинителките Фатиме Фетаи и Катица Јанева за казните кои ги добија во февруари годинава за навреда на судот.

Од Врховниот суд за Радио Слободна Европа потврдија дека на 14 јуни годинава го примиле предметот од Апелација поради судир на надлежности. Станува збор за препирка меѓу Основниот суд и Апелациониот суд за прашањето кој е надлежен да одлучува за жалбите на обвинителките од СЈО за казните кои ги добија. Од Врховен велат дека е започната постапката околу предметот и дека наскоро ќе се донесе одлука која ќе се однесува исклучиво на надлежноста за одлучување по жалбите. Во меѓувреме. рочиштетето заглавува токму поради оваа причина.

Обвинетите дојдоа, предметот за Шамарите го нема
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Судијката денеска на рочиштето не објасни ниту одговори на прашањата на обвинителката Фетаи зошто го испратиле цел предмет со сите списи, кога само записникот бил доволен за да се одлучува по нивната жалба.

„Очигледно е дека постои координација меѓу судот и одбраната со единствена цел одолговлекување на оваа постапка. На ова упатува околноста што токму денеска, кога списите во предметот се наоѓаат во Апелациониот суд, беа присутни сите обвинети што не се случило подолг период. Од страна на судот беше побарано појаснување за тоа зошто сите списи се доставени до Апелација за да биде одлучено по жалбите против решенијата за казнување на мене и мојот шеф, кога за донесување на таква одлука од второстепениот суд е доволно да биде доставен единствено записникот од рочиштето на кое бевме казнети“, вели Фетаи.

На денешното рочиште покрај првообвинетиот поранешниот премиер Никола Груевски, кој во судницата влезе од службениот влез, присутни беа и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова, како и оштетените во овој случај.

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски вели дека ова е последно одложување на овој предмет и дека деновите на „судството на Груевски“ се одбројани.

„Ова е еден од триковите на Груевски и неговото судство, намерно велам негово, затоа што очигледно, еве и денеска имаме уште еден доказ, дека имаме судство кое е под дирекна контрола на Груевски, но како што сите знаеме, одбројани се деновите и на ова судство и на Груевски и очигледно дека полека, полека ќе се заврши оваа приказна и тогаш ќе се случи тоа што сите го очекуваме, а тоа е дека и тој и сите околу него ќе одговараат за сите злодела кои што ги правеа, не една, не пет, туку 10, 11 години во Македонија“, вели Жерновски.

Поголемиот дел од обвинетите по одложувањето на рочиштето заминаа тивко покрај медиумите, без ниту еден од нив да застане и да одговори на новинарски прашања. Груевски и овој пат ги одбегна медиумите преку задниот излез од Судот.

Неколку часа по рочиштето ВМРО-ДПМНЕ се огласи со писмено соопштение.

„Неверојатно е што денес кога по интервенција на СJO се одложи рочиштето, токму тие напаѓаат и обвинуваат друг за истото. Доколку не беше интервенцијата на СJO денес рочиште ќе имаше, и брзо ќе можеше да се види вистината, но и лагите и конструкциите на СJO како и на измамникот Жерновски,“ се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

На почетокот на рочиштето обвинетите доставија полномошно со кое адвокатите Боро Тасевски и Петар Василев го заменуваат Никола Додевски во одбраната.

Дополнително, проблематично во овој предмет се очекува да биде носењето на одлуката на Врховниот суд по прашањето дали може прислушуваните разговори да бидат третирани како докази во предмет. Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, при последната средба со новинарите, посочи дека токму телефонски разговори се дел од доказите. Станува збор за прислушуваните разговори кои ги објави СДСМ во кои се слуша како Груевски нарачува еден од демонстрантите да му удри неколку шамари на Жерновски.

Протестите во 2013 година во дворот на Општината Центар беа иницирани од граѓанското движење Веритас. Протестите беа насилни, оштетена беше бараката во која советниците на општината дебатираа за Деталниот урбанистички план. За демонстрантите причина за протести беше манипулацијата во јавноста дека ќе се урива црквата Св. Констатин и Елена во Скопје. Тогаш градоначалникот Жерновски тврдеше дека главната причина за нарачаните протести и немири е стравот на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе се блокира изградба на други државни објекти во близина на црквата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG