Достапни линкови

Критики за предлог - реформите во судството


Основниот суд Скопје 1 во Скопје

Дел од најавените реформи во Нацрт - стратегијата за судството имаат шанса да ги подобрат состојбите, но на дел треба уште да се работи, вели поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев.

Одземање на правото на глас на претседателот на Врховниот суд во Судскиот совет, слично како и на министерот за правда, како и укинување на Законот за Советот за утврдување на факти, по што поведувањето на дисциплинската постапка ќе се врати во рацете на Судскиот совет, е дел од планот на Советот на експерти за реформи во судството, во рамките на Министерството за правда, кои ја подготвија Нацрт - стратегијата.

Во предлог реформите се предвидува во судската и обвинителската професија да може да влезат и правници кои не ја поминале обуката во Академијата, но имаат долгогодишно искуство во адвокатура, тоа може да бидат и стручни соработници во судовите, универзитетски професори или претставници на други правни професии. Како причина за ова во документот се наведува демонополизирање на улогата на Академијата, во чие работење во последниот период се забележуваат бројни недоследности. Дополнително се планира и реорганизација на Академијата.

Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев вели дека одземањето на гласот на претседателот на Врховен суд е промашена и козметичка работа, која не треба да се спроведе, додека за укинувањето на Советот за утврдување факти смета дека е неопходно што е можно побрзо да се направи, затоа што, како што вели, досега се покажало дека тој Совет само троши државни пари без да придонесе за подобрување на состојбите во судството.

„Академијата е најзлоупотребена институција од нејзиното формирање до денес. Таа послужи како маша за протнување на многу кадри кои не заслужуваа и не требаа да бидат во делот на судската власт. Моето мислење е дека таа треба да се укине и дека како таква е непотребна и да се врати стариот начин на едукација на судии. Академијата е можност само да се створи една потесна група кадри, кои може како сакате да ги крстите, како бизнис, олигархија или политика“, вели Илиев.

Тој смета дека приоритет на судските реформи во овој период треба да бидат управните судови, каде што 95 проценти од граѓаните си ја бараат правдата и заштита на своите права. Тој додава дека следен приоритет е кривичното право, односно реорганизација на судовите, кои се занимаваат со овој сегмент.

Советот на експерти во предлог стратегијата увиделе дека има потреба од нов Кривичен законик во кој треба да се содржат и правилата за одмерување на казната. Ќе се менува и системот за заштита на сведоците, затоа што досега се утврдени многубројни проблеми и недоследности во примената. Се предвидува и правен основ за санирање на последиците од Законот за лустрација, односно поништување на мерките преземени кон лустрираните.

Специјалното јавно обвинителство да стане посебно одделение во Јавното обвинителство со проширена надлежност, односно освен со прислушувани разговори да се занимава и со гонење на кривични дела од висок профил на корупција. Паралелно на ова да се формира и соодветна организација во рамките на судството е дел од предлог стратегијата за реформи во судството.

Илиев посочува дека СЈО не смее да се укине и дека не треба да се припои кон ЈО за да може да ја зачува својата независност.

„Да си биде посебна институција како што е сега, само да се додаде односно прецизира кои кривични дела ќе бидат во нивна надлежност, затоа што сега само прислушуваните разговори, кој знае што сè има во нив и колку има неотворени работи кои можеби ќе задираат и во оваа власт“, вели Илиев.

Во документот е наведено дека со новите реформи се предвидува и реорганизација на јавното обвинителство со формирање на истражни центри, како и доопремување со ИТ техника, исполнување на законската обврска за судски буџет кој треба годишно да изнесува 0,8 проценти од БДП со цел создавање на самостоен и одржлив судски буџет, укинување на дел од новоформираните судови и намалување на бројот на судии, како и ревидирање на постапката за оценување на судиите и јавните обвинители користејќи нови критериуми.

Голем дел од предвидените реформи во нацрт стратегијата може да наидат на институционални пречки, затоа што дел од законите со кои ќе се регулираат овие реформи ќе треба да поминат во Собранието со двотретинско мнозинство, велат аналитичарите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG