Достапни линкови

Армија на тролови - дел од индустрија за лажни вести


Тролање за политичко влијание
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:51 0:00

Тролање за политичко влијание

Интернет тролови шират говор на омраза и негативни коментари, а честопати се и носители на пропагандни пораки. Реалноста во светот сè повеќе се искривува од новиот феномен, па се бараат начини за справување со него. Но промените се толку брзи, а легислативата се формира бавно, па затоа и во моментов има многу лабави закони на глобално ниво.

Осамени и скриени зад мониторот кој нуди анонимност на само еден клик од реалноста. Вака отприлика ги замислуваме популарно наречените интернет тролови. Сакаат да се расправаат за сè што е онлајн, од велосипедски патеки до ксенофобија.

Редовно ве демнат и постојано чекаат прилика да искоментираат негативно на вашиот пост на социјалните мрежи, без разлика која е темата. Вие може да напишете дека надвор e тмурно и врнежливо, а тие да ви возвратат нешто во стилот дека не треба да се жалите, затоа што временските услови не биле подобри во време на претходната власт. Може да ви се случи да читате текст на пример за одредени поскапувања со коментари на читатели дека тоа е предавнички медиум кој само има интерес да се продаде името и македонскиот идентитет. Но, тука не завршува проблемот, тоа е само почетокот. Со текот на времето интернет тролањето, кое порано беше симбол за онлајн шеги, сега се поврзува со негативни нешта како омраза, малтретирање преку интернет, или тероризирање, како и ширење на пропаганда.

Јавните личности мета на интернет додевање

Јавните личности сè почесто стануваат и жртви на говор на омраза на социјалните мрежи, од Фејбук до Инстаграм или Твитер. Луѓе честопати им пишуваат коментари кои имаат и навредлива содржина. Дигиталната револуција која донесе комуникација на сите со сите, ги донесе и можностите за таа комуникација да се одвива и анонимно. Таквата појава со себе донесе и нови ентитети зад кои нема идентитети, создавање на лажни профили на социјалните мрежи, кои не ги искажуваат своите ставови, туку само пренесуваат туѓи.

Негативни коментари за одредени појави или личности, говор на омраза е само дел од наивната страна на ваквата појава. Во другата крајност е ширење на лажни вести преку лажни профили на социјалните мрежи за да се шири одредена пропаганда. Македонија не е имуна на оваа појава која е глобален тренд.

Со растот на социјалните мрежи настана една нивна колонизација од политички аспект. Едноставно се активира едно гласачко тело на социјалните мрежи да покаже еден ангажман во промовирање на еден пост, порака или видео, вели консултантот за дигитални медиуми и долгогодишен новинар Зоран Ричлиев. Тој објаснува дека на социјалните мрежи нема уредник, нема човечки фактор, таму владее алгоритам.

„Алгоритмите се мали програмчиња кои врз база на вештачка интелегенција оценуваат што е важно, а што не е. Наједноставниот принцип, најважно е тоа што е најкликано, тоа што е најактуелно, тоа што повлекува најмногу ангажман. На тој начин тие колонии ги прелажуваат овие алгоритми и на тој начин се стигнува до искривување на јавното мислење. Наеднаш една група колку и да е голема, прави едно влијание кое се чини дека е глобално, дека е големо, дека тоа е агендата на денот, дека е најбитниот настан дента“, објаснува Ричлиев.

Злоупотреба на принципот - Најважно е она што е најкликано

Филип Стојановски од Метаморфозис вели дека во изминативе години може да се забележи дека во земјава има екипи кои отвораат лажни профили за да пренесуваат ставови на определени политички опции.

„Со застапување на нивните ставови, се обидуваат да влијаат врз јавното мислење, но и со директно малтретирање на другите интернет корисници. Не станува збор само за пренесување на пораки, туку и таргетирано малтретирање на луѓе кои што не се согласуваа на пример до пред неколку месеци со одредени ставови на тогашните центри на моќ“, вели Стојановски.

Таквата појава се должи на слабеењето на улогата на медиумите, која не доведе во ситуација троловите да владеат и тоа злоупотребувајќи го наједноставниот интернет принципот „најважно е она што е најкликано“, велат аналитичарите.

„Понекогаш тоа не се ни анонимни, понекогаш станува збор за луѓе со имиња и презимиња. Најчесто тоа се случуваше во последната декада, луѓе кои добиле одредено вработување, на специфичен начин преку партиски ангажман, добиваа задолженија да бидат активни за партијата и за каузата. Тоа значи дека тие добиваат порака да промовираат одредени ставови, да коментираат, добиваат препорачани одговори и прашања, аргументи и работеа со нивните имиња и презимиња. Дури има и екстремен случај што сум го сретнал, а тоа е давање на личното корисничко име и лозинка “, објаснува Ричлиев.

Троловите работат во различни групи, на пример едни пишуваат коментари на портали и споделуваат иста содржина, други се грижат за Фејсбук и Твитер. Активноста на интернет троловите и деструктивните кампањи кои се одвиваа во текот на годинава и претходно, покажаа дека во Македонија немаат голема моќ да влијаат, особено врз луѓе кои не зависат од ресурсите кои ги нуди нивната структура.

„И последната кампања за ксенофобија, ширење на омраза кон беглаци, па дури и кон други одредени групи прикажани како непожелни со ширење на хомофобија и исламофобија, немаше голем ефект надвор од тие тролови“, вели Стојановски.

Тој за пример го посочува Твитер каде што ако се погледне кој ги споделува таквите „информации“ ќе се увиди дека тоа се како шаблони, аватари со слични имиња и слики споделуваат речиси ист текст без никаков личен печат. Дел од таквите профили имаат имиња и слика од некоја историска личност и претставувајќи се како „патриоти“ таргетираат личност која ја напаѓаат како неистомисленик или „предавник“.

Стојановски додава дека тролањето се разликува според тоа на која социјална мрежа се однесува. На Фејсбук на пример тоа честопати се одвива во одредени фан групи или страници кои во одреден момент биле отворени со едно име под закрила на некој позитивно мото или поради некој спортски настан на пример, па подоцна откако собрале голем број на следбеници темата на групата служи за пренесување на пораки од одредена политичка партија или од медиуми блиски до неа.

Слаби медиуми - јаки интернет тролови

Ричлиев објаснува дека ваквите алатки во јавноста не се нови, тие се користеле и во аналогниот период, само што денеска се модифицирани и достапни на само еден клик. Слабеењето на улогата на медиумите доведе до тоа троловите на интернет да владеат, објаснува Ричлиев. А интернет троловите стануваат нова голема индустрија, затоа што нивото на пари кои се вложуваат во ова можеби е поевтино од телевизија, но сигурно чини многу вели Стојановски.

Ричлиев смета дека единствен спас и заштита од ваквите појави е медиумска писменост и тенденција на зголемување на интегритетот и транспарентноста на медиумите. Законското регулирање како заштита од оваа појава е тешко изводливо, велат аналитичарите. Заштитата е можна, но таа е во експериментална фаза, вели Ричлиев.

„Методи има, но сите се експериментални, сите лутаат, тоа се тера инкогнито, едноставно луѓето ги газат патеките, а по нив се прават правилата“, објаснува тој.

Ричлиев вели дека промените се толку брзи, а легислативата се формира бавно, па затоа и во моментов има многу лабави закони на глобално ниво, затоа што тука важи меѓународно право, потоа слобода на изразување е загарантирано човеково право, а анонимната е дозволена и заштитена, затоа што таа е многу важна кога станува збор за јавниот интерес.

Друг начин да се спречи оваа појава е промени на правилата на социјалните мрежи, со кои отворено ќе се покажуваат владините обиди за организирано влијание врз јавното мислење.

Една од опциите за заштита на граѓаните е „хигиената на социјалните мрежи“ односно редовна проверка на тоа во кои групи членуваат корисниците, и кои од нивните следбеници и пријатели се луѓе со вистински идентитет или пак лажни профили. Стојановски вели дека така ќе се заштитиме и себе си и пријателите од негативни кампањи и лажни информации на интернет троловите.

Реалноста и во светот сè повеќе се искривува од новиот феномен, па со него се обидуваат да се справат и западните земји.

Гигантските социјални медиуми критикувани во Конгресот

Американскиот Конгрес деновиве жестоко ги искритикува Фејсбук, Гугл и Твитер за тоа што дозволиле руски фактори да рекламираат на нивните сајтови во обид да влијаат врз претседателските избори во 2016 година.

Гоце Атанасов

Демократите во Конгресот објавија голем број примери на озлогласените реклами на Фејсбук за изборната кампања лани.. што предизвика вистинска бура во салите и ходниците на Капитол хил за користењето на американските социјални медиуми од страна на Москва.

Рекламите и на Фејсбук и на Инстаграм беа финансирани од Кремљ, но преправени како активистички организации за сè, од правото за носење оружје до борбата против полициското насилство. Во една од рекламите Хилари Клинтон е наречена „Сатана“. Сослушувањата во Конгресот открија дека 20 милиони Американци можеби виделе таква содржина на Инстаграм, кој е во сопственост на Фејсбук, што е само дел од сто дваесет и шесте милиони луѓе што ја виделе на Фејсбук. Рекламите и другите постови беа дизајнирани да сеат поделби и во многу случаи ... да му помогнат на Доналд Трамп.

Претседателот на сенатскиот Комитетот за разузнавање, републиканецот Ричард Бур изјави:

„Ова не е за преиспитување на претседателските избори во 2016. Ова не е за тоа кој победи и кој изгуби, туку за националната безбедност. Ова е за корпоративната одговорност. А станува збор за свесни и мултиплицирани манипулации на Американците од агенти на непријателска странска власт“, изјави Бур.

Пратениците сакаа да знаат зошто Силиконската долина очигледно заспала над прекинувачот. Генералниот советник на Фејсбук Колин Стреч изјави:

„И тоа не боли како компанија, ме боли лично да гледам дека бевме ... дека нашата платформа беше злоупотребена на овој начин“.

Според него, самиот факт што странски актери успеале да ја искористат отвореноста на нивната платформа е длабоко болна лекција за Фејсбук. Пратениците во Комисиите за разузнавање на Сенатот и Претставничкиот дом порачаа дека Фејсбук, Твитер и Гугл мора повеќе да работат во отфрлањето на странските обиди да ги искористат овие платформи ... што би можело да биде застрашувачко за информатичката технолошка индустрија. Некои од прашањата се колку тоа ќе доведе до поголема регулација и до промена на начинот на кој се работи онлајн?

Дел од пратениците изразија разочараност од тоа што Фејсбук, Твитер и Гугл не ги испратија, на сослушувањата, нивните врвни директори, туку само нивните адвокати и службеници за безбедност.

Сенаторот Мартин Хајнрик, демократ од Ново Мексико притоа отворено запраша:

„Што секој од вас прави токму сега за да бидете сигурни дека вашите платформи не се користат на слични начини за поделби низ целиот свет, за раздор во западните демократии. И особено со каталонскиот пример; дали сте запознаени со тоа што правите таму? По сето ова дојде и информацијата дека британските власти почнаа да испитуваат дали Русија се обидела да влијае и врз британскиот референдум во минатата година за напуштање на Европската унија. Станува збор за тоа дали кампањата „Лив.ЕУ“ која ја основа милионерот Арон Бенкс имала некакви недозволени донацииод Русија. „Наводите дека брегзитот го финансираа русите се целосно бесмислени“, изјави Бенкс.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG