Достапни линкови

Трамп сугерира одземање лиценци на ТВ мрежи


Американскиот претседател Доналд Трамп и се закани на телевизиската мрежа Ен-Би-Си дека ќе ја оспори нејзината лиценца за емитување. До ова дојде откако беше објавена приказна за тоа дека државниот секретар Рекс Тилерсон го нарекол „морон“ во дискусијата за американското нуклеарно оружје.

Претседателот Трамп го зголеми нивото на нападите врз медиумите, свртувајќи се против телевизиската мрежа Ен-Би-Си на која и се закани дека ќе и ја оспори нејзината лиценца за емитување. Тој на Твитер напиша:

„Со сите лажни вести кои доаѓаат од Ен-Би-Си и мрежите, во овој момент е соодветно да се предизвика нивната лиценца? Лошо за земјата!“.

До ова дојде откако Ен-Би-Си објави приказна во која се наведува дека Трамп на состанокот на високи функционери изјавил дека сака да го зголеми американскиот нуклеарен арсенал за десет пати, што било примено со изненадување од учесниците, меѓу кои и од државниот секретар Рекс Тилерсон.

Трамп овој извештај го оцени како „чиста измислица со цел да биде понижен“.

Тој тоа го повтори и на средбата во Вашингтон со канадскиот премиер Џастин Трудо:

„Не, јас никогаш не разговарав за зголемување, сакав да е во совршена форма, тоа беше само лажна вест од Ен-Би-Си, која во последно време дава многу лажни вести“, рече Трамп.

Трамп веќе неколку месеци ги напаѓа медиумите за „лажни вести“, но се чини дека ова е прв пат тој да предложи запирање на емитување на една телевизиска мрежа.

Сепак, секој потег што ќе ги оспори лиценците на медиумските компании, најверојатно, ќе се соочи со значителни пречки.

Федералната комисија за комуникации не издава лиценци на телевиски мрежи, туку на одделни емитувачки станици, кои се обновуваат на осум години.

Познатиот адвокат за уставни прашања Флојд Абрамс вели:

„Ние сме во многу чувствителна област тука. Една работа е претседателот да заземе став дека приказната е погрешна или дека мрежата прави лоша работа или не е фер. Но, кога ќе почнете да зборувате за укинување на нивната лиценца, што значи нивно замолчување, ставање надвор од бизнисот, тоа е најдиректна закана за Првиот амандман“, вели Абрамс.

Интересно е да се спомене дека Трамп има долга историја на телевизиската мрежа Ен-Би-Си. Имено, тој од 2004 година до почетокот на неговата претседателска трка беше домаќин на риалити шоуто „Чирак“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG