Достапни линкови

Избори се ближат - лажни вести за важни теми


Во последниве месеци десетина политичари и некои партии посочуваат и предупредуваат на ширење на лажни вести во Македонија, термин кој стана светски популарен по ланските избори во Соединетите Американски Држави. Реалноста и во светот се повеќе се искривува од новиот феномен, па со него се обидуваат да се справат и западните земји.

Фотографии од златни тоалетни школки од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје беа преземани и распространувани по социјалните мрежи пред неколку месеци, а станаа дел и од содржината на некои портали. Но информацијата се покажа дека не е точна, а дека фотографиите се од некое друго место далеку од Македонија, а не од седиштето на партијата на Никола Груевски.

Летово, пак, во обид да се прикаже неспособноста на новата влада да се справи со пожарите, некои портали објавија страотни фотографии на опустошен терен наведувајќи дека тие биле од македонското село Требовље. Фотографиите беа навистина од голема површина изгорена шума, но во Русија.

Ова се само два примера како на социјалните мрежи или на порталите се распространуваат лажни вести. Во дефинициите за лажни вести ова е само еден од начините да се напише таква информација, односно случаи во кои фотографијата не одговора со точноста на насловот и другата содржина на веста.

Манипулациите се прават и со насловите, па преку нив се пласираат лажни вести кои немаат никаква врска со содржината, па така може да се прочитаат наслови како „Димитров: Влегуваме во НАТО под привремената референца“,„Откриени шокантни тајни за политичарите: Ова е човекот од кој Зоран Заев најмногу се плаши“, „Се подготвуваат огромни протести во Скопје, полицијата на нозе, погледнете што ќе се случува на 2-ри септември“.

Билјана Петковска од Македонскиот институт за медиуми објаснува дека за тоа што се лажни вести засега не постои сеопфатна, единствена и прецизна дефиниција.

„Но во основа се работи за лаги, манипулации, искривување на фактите, дозирано презентирање на факти, спинови, сензационалистички претставувања на информациите со кои што се располага, намерно искривување на работите, пропаганда“, вели Петковска.

Термин популарен и за македонските политичари

Десетина соопштенија од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов годинава го содржеа терминот „лажни вести“. Тој прво ја обвини поранешната германска амбасадорка Кристине Алтхаузер дека се служела со лажни вести, па како што рече потоа канцеларката Ангела Меркел му се извинувала за неточни информации. Подоцна терминот продолжи да го употребува поврзано со настаните од 27 април.

„Ве повикувам да останете присебни и да не подлегнувате на разни провокации, лажни вести и манипулации”, рече Иванов уште вечерта кога се случуваа инцидентите.

По најавите за проширувањето на истрагата на Обвинителството за настаните од 27 април во која ќе се испитувала и вмешаноста на Иванов, неговиот советник за безбедност и на српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ, од неговиот кабинет оценија дека тоа е „прав начин да се утврдат фактите и вистината, затоа што деновиве во јавноста се присутни лажни вести и лажни информации“.

Иванов како лажна вест ја оквалификува и информацијата дека на прославата не се ракувал со министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Но, не е само претседателот Иванов оној кој упатува да се биде внимателен и да не се подлегнува на лажни вести. Владејачката СДСМ речиси секој ден посочува на неточни информации, но тие го наведуваат и виновникот кој според нив ги шири - опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО ДПМНЕ шири лажни вести, секој пензионер годинава ќе добие 2.160 денари повеќе“, “Груевски шири лажни вести,не е точно дека струјата ќе поскапи, граѓаните да бидат внимателни“, „Не е точно дека се намалува бруто и нето просечната плата, ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести “, наведуваат од партијата. Вицепремиерот Кочо Анѓушев, пак, лага ги нарече сите информации за покачувањето на цената на струјата и одвлекување на вниманието на јавноста од вистинските теми.

По објавите на социјалните мрежи, медиумите и пред сè од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за смртноста на скопските клиники најдалеку се чини отиде Министерството за здравство.

Лично министерот Арбен Таравари и самото министерството подготвија упатство насловено „Како да препознаеш лажни вести“?

Советуваат граѓаните да го проверат изворот, да го проверат авторот, датумот, своите предрасуди, да читаат меѓу редови, да консултираат и други извори и експерти и да се запрашаат дали веста е шега.

Ако нешто често споменуваш значи дека веруваш во силата на тоа, коментира кратко Мирче Адамчевски, долгогодишен новинар и претседател на комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите.

„Тоа е сигнал дека политичарите веруваат во силата на таквите вести и затоа јавно се обидуваат да се спротивстават на лажните вести“, вели Адамчевски.

Според Владимир Петрески, уредник на Сервисот за проверка на факти во медиумите, интернет страница која минативе пет години често ги бележи манипулациите и извртувањето на фактите, тоа што оргинално се препознава под терминот лажна вест е појава на сајтови кои објавуваат вести кои намерно и свесно се лажни. Кога ќе кажете лажна вест станува збор за една цела пропаганда операција на извесни центри на моќ кои на тој начин сакаат да изманипулираат извесна јавност, презицира Петрески.

„Политичарите следејќи го примерот на некои политичари во светот почнаа се она што не им се допаѓа во медиумите да го нарекуваат лажни вести. Терминот се прошири во јавноста, стана препознатлив и почна да го злоупотребуваат“, вели Петрески.

Домашните политичари делумно препознаваат што навистина е лажна вест, но делумно го користат и терминот за да ја дисквалификуваат информацијата која не мора да значи дека е лажна, вели Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии.

„Мораме да бидеме доволно критични и да кажеме дека навистина во Македонија има многу лажни вести и тие пред се се шират на порталите, на интернет, на социјалните мрежи но исто така имаме и многу неодговорни политичари кои имаат многу мал капацитет за демократска јавност“, вели Трајкоска.

Се засилува кампањата пред локалните избори

Но како и да е, и Трајкоска и Петковска велат дека ваквите вести ќе се засилуваат во пресрет на локалните избори. Се очекува таква тенденција со оглед на тоа дека и во предизборниот период за предвремените парламентарни избори имаше стотици лажни вести кои се употребуваа за да нанесат штета на политичкиот противник, наведува Трајкоска.

„Кај нас е страшно што и самите институции, носителите на јавни функции, не само што го користат терминот, туку и произведуваат полуинформации, лажни вести, спинувани информации, пропаганда, а од нив очекуваме кредибилен извор и кредибилна информација“, вели Трајкоска.

И Петрески смета дека по традиција таквиот тип на вести се зголемуваат во предизборниот период.

„Во предизборието секако се зголемува бројот на лажни вести исто како што се зголемува и генерално бројот на вестите, бројот на настапите на политичарите, а паралелно со тоа имаме и многу лажни вести, манипулации и спинови“, вели Петрески.

На месец и нешто пред изборите една од таквите експонирани теми, сега, е наводното доселување мигранти, теза која прво почна да ја застапува ВМРО-ДПМНЕ, потоа од централниот комитет на партијата премина на собраниската дебата, па почнаа да ја застапуваат и пратениците од таа партија, а подоцна и иницијативата Будење почна да собира потписи за сега да прејде кај градоначалниците. Сето ова СДСМ и владата го демантираат како лажна вест. Но од ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да тврдат и да прашуваат како „СДСМ, Заев и Царовска ќе им обезбедат работа и егзистенција на десетиците илјади мигранти кои планираат да ги доселат во Република Македонија“.

При поднесувањето на потписите од граѓанската иницијатива Будење дури отидоа и понатаму со тврдење дека мигрантите веќе се донесени тука.

„Дојдовме да ги предадеме овие потписи кои изминатиов период беа собирани од граѓаните на Република Македонија од иницијативата која што стои против доселувањето на мигрантите кои што се вештачки донесени во Република Македонија“, рече претставник на Будење.

Ова тврдење на претставникот на иницијативата дека „мигрантите се вештачки донесени“ е неточно бидејќи според официјалните информации во моментов нема повеќе од 60 мигранти во двата транзитни центри и во центарот за азил, но изјавата беше пренесена во дел медиуми без дополнителни информации. Според Петковска во вакви случаи и новинарите и медиумите имаат одговорност.

„Улогата на новинарите е да го разобличат ваквиот проблем на начин на кој ќе ги конфронтираат фактите, на начин на кој што ќе отворат дебата во која ќе ги вклучат сите релевантни со цел да му прикажат на граѓанинот која е вистината“, вели Петковска.

Адамчевски пак не очекува многу од новинарите, бидејќи, како што вели, тие досега покажале дека не се спротивставиле на многу работи кои ги засегале и лично како притисоците во нивната работа или лошите финансиски услови во кои работат.

„И сега новинарите нема да се спротивстават на пласманот на лажни вести кои доаѓаат од одредени центри затоа што сметаат дека тоа на нив не се однесува, дека таа битка се води горе на некое многу повисоко ниво, дека таа се води меѓу политичари, партии, газди, уредници“, вели Адамчевски.

Како да се справиме со феноменот?

Покрај внимателноста на новинарите, соговорниците посочуваат дека има и други начин за справување со лажните вести. Тој не е лесен и не е терапија што се зема седум дена и го лечи пациентот кој потоа е здрав, вели Трајкоска.

„Ние мораме да воведеме еден систем на континуирана едукација на нашата публика, на граѓаните, на новите гласачи, едноставно на сите кои учествуваат во јавната сфера и во медиумскиот свет, а сите учествуваме преку социјалните медиуми и тој концепт на медиумска писменост и на информациска писменост треба да биде вклучен уште од градинките па се понатаму“, вели Трајкоска.

Таа додава дека треба да се бара одговорност за секој искажан збор од преставници на власта, политичарите и од сите оние што учествуваат во јавната сфера, а четврти сегмент се новинарите и медиумите.

„За жал најголем дел од медиумите само пренесуваат информации и ја изгубија главната функција зошто постојат - критичката опсервација на она што ни се случува па имаме вести во кои само е споено кој што кажал без новинарското во него односно зошто тоа се случило, позадинските информации, кој е за тоа одговорен, контекстот итн. Во таква сиромаштија на квалитетни вести се отвори широко поле за креирање на лажни“, вели Трајкоска.

Лажни вести, вистински свет

Реалноста во светот се повеќе се искривува од новиот феномен што почна да се шири по брзиот развој на интернетот, односно социјалните мрежи. Лажните вести, веќе ни нудат нова слика за тоа каков е светот. Без разлика дали станува збор само за чиста борба за власт или за нечиста конкуренција за поголем профит.

Случајот со тепачките на протестот на белите екстремисти и левичарските групи во американскиот град Шарлотсвил само ја потврди употребната вредност на терминот „лажни вести“. Американскиот претседател Доналд Трамп се најде под големи критики откако за нив ги обвини и двете страни.

Во негова одбрана тој посочи дел од американските медиуми за критизерство и за тоа како ги проследиле насилствата во Вирџинија. „Ова се навистина нечесни луѓе. Не сите од нив. Не сите од нив. Имате некои многу добри репортери. Имате некои многу фер новинари. Но, поголемиот дел, искрено, навистина се многу неискрени и тие се лоши луѓе“. Трамп додаде дека медиумите ја хранат омразата во Соединетите држави.

„Единствени луѓе кои им даваат платформа на овие групи на омраза се самите медиуми и лажните вести“. Тој тоа го повтори и со порака на Твитер: „Јавноста учи (уште повеќе) како лажните вести се нечесни. Тие сосема погрешно го претставуваат она што го велам за омразата, фанатизмот и слично. Срамота“.

Токму борбениот поглед на неговата администрација против традиционалните медиуми како „опозициска страна“ која шири лажни вести им се најголемата надеж во нивната битка за привлекување читатели. Весникот „Њујорк тајмс“ во почетокот на годинава лансира кампања под името „Вистина“ на интернет на која бара од неговите читатели да се пријавуваат, бидејќи како што се наведува, „На вистината и е потребна вашата поддршка“. Марк Томсон, главен извршен директор на „Њујорк тајмс“ во врска со ова вели: „Интернетот е полн со дезинформации и целосни лаги. Познатите лажни вести се дел од интернетот. Затоа, мислам идејата луѓето да сакаат да слушнат извори на кои им веруваат и да се свртат кон овие извори на вести, ми дава смисла“. И други американски медиуми почнаа со слични кампањи и стануваат се попретпазливи во контролата на приемот и ширењето на лажните вести.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG