Достапни линкови

Со идеи на младите да се спречи нивното иселување


Луѓе со куфери на аеродромот Александар Велики.

Младите не заминуваат само поради вработување, тие се потценети од општеството, велат студенти, кои студираат во странство. Владата досега донесе мерки за поддршка на млади земјоделци, а ќе дава пари и за вработување на млади во приватни фирми.

Ветувања за младите од новата Влада има, но се уште е рано да се процени дали таа подготвува долгорочна стратегија да го спречи нивното иселување од Македонија, вели Теано Кардула, поранешна членка на Средношколскиот пленум, сега студентка по графички дизајн во Грција.

Таа смета дека надеж за младите да останат во земјава ќе има тогаш, кога некоја влада ќе почне да ги вклучува во нејзините политики, а тие ќе бидат активен дел во одлучувањето.

„Мали искри се гледаат, на пример, во мерките за младите земјоделци, секако дека и тие се многу важни и од аспект на земјоделството во Македонија, но и како млади да останат тука. Најважно ќе биде ако се подобри самото образование, да не се потценува младиот човек во општеството, бидејќи младите не заминуваат само поради тоа што нема работа, туку заради тоа што се потценети од општеството, не се слушаат, некои ги игнорираат. Младите се како небитен дел, никој нас не нè гледа“, вели Кардула.

Министерот за земјоделство најави дека ќе обезбедат до 10 илјади евра неповратни средства за млад земјоделец.

Таа додава дека Македонија треба да најде начин на младите да им понуди добри услови за вработување, бидејќи, како што вели, во странство се нудат подобри услови за работа, но секој млад човек би одбрал да остане дома.

„Студирам во странство, имам време додека да завршам, а потоа се надевам дека тука ќе има место за мене“, вели Кардула.

Претходната влада се соочуваше со бројни критики во однос на иселувањето на младите.

За тоа дали новата Влада работи на спречување на иселувањето на младите, Блажен Малески од Националниот совет за млади, вели дека потребно е сите засегнати страни да почнат да работат во оваа сфера.

Тој истакнува дека ваквите мерки често доаѓаат од владата, но тие треба да се бидат распространети и во општините.

„Мислам дека на долгорочен план мораме сите заедно, и ние како граѓани, институциите и пред сè општините, да соработуваме, да дисеминираме, да им отвориме врата на младите и да им покажеме дека навистина може да си ги остварат нивните планови коишто сакаат да си ги остварат. Тоа е најважно, на долгорочен план сите важни алатки во едно демократско општество мора да покажат дека сакаат да им овозможат на младите да останат во државата“, вели Малески.

Тој посочува дека мерката за младинска гаранција е чекор за задржувањето на младите во земјава, односно, како што вели, мерки кои во сите сфери ги опфаќаат младите и системски да им се овозможи да ги остварат своите цели.

Со мерката - младинска гаранција, Владата минатиот месец предвиде 8,8 милиони евра за младите да останат во земјава, односно во одреден период државата да издвојува пари за плати, за обуки или трајно вработување за млади луѓе со завршено образование.

Од Владата велат дека за решавање на овој проблем има компоненти во програмите на Министерството за труд и социјална политика и во Агенцијата за млади и спорт.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG