Достапни линкови

Нова академска година со стари проблеми


Архивска фотографија - Платото пред УКИМ.

Студенти и професори нотираат бројни проблеми со кои се соочуваат факултетите, од немање кадар и опрема, до лоша организација и корупција. Во новата академска година се укинати дисперзираните студии, а дел катедри се повторно активни.

Недостиг на опрема за практична настава, лошо менаџирање на факултетите, недостиг на кадар, лош квалитет на учебници, непотребни студентски трошоци и сл. Старите проблеми се наследуваат и на почетокот од новата академска година на студентите. Студентите велат дека се соочуваат со многу проблеми, кои се провлекуваат низ годините, но оти надлежните немаат слух за повеќето од нив.

Дејан Рајковски е студент на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Студира молекуларна билогија. Како главен проблем го посочува немањето на лабораториски прибор, со што се ограничуваат истражувањата кои треба да ги работат.

„Професорите велат дека проблемот не е кај нив. Дека проблем е тоа што не се се одвојуваат средства од буџетот. Делот од буџетот кој се одвојува за научни цели е смешен. Проблемот со недостигот на лабораториски инструменти не можам да го препишам на Институтот, бидејќи тие чекаат тендери, а тендери за набавка на опрема не се објавиле со години. Ние вежбите ги изведуваме со хемиски соединенија чиј рок на употреба е поминат и всушност не можеме експериментот да го изведеме детално и не ги добиваме потребните резултати“, раскажува Рајковски.

Како непотребни Рајковски ги наведува и дел од административните трошоци за студирање, а на дел од професорите им забележува за суетниот однос кон своите студенти и неподготвеноста да влезат во дебата со нив.

Универзитетскиот професор Илија Ацески, кој минатата година објави книга во која го евалуира квалитетот на високото образование, вели дека се уште сме во фаза кога најголемите проблеми не се ниту почнати да се решаваат. Како крупен недостиг ја посочува организацијата на наставата, недостигот на нови модерни технологии во наставата и нивната примена во наставниот процес. Како голем проблем Ацески ја издвојува и корупцијата во високото образование, а на листата проблеми го додава и недостигот на квалитетни учебници.

„Како може Универзитетот да нема издавачка дејност, условно кажано, да не го поттикнува на еден модерен начин издавањето на учебниците, да бидат тие достапни во електронска форма. Ние сме дојдени до тој степен што на Универзитетот нема ни книжарница, факултетите немаат електронски бази на податоци, тоа е застрашувачко“, вели професор Ацески.

Истражувањата на Ацески покажуваат дека скоро 90 проценти од испитаните студенти сметаат дека не вреди да се студира, а голем дел од нив се убедени дека се мали шансите да се работи во струката за која се образувале. Има сериозни индиции кои упатуваат на фактот дека голем број од наставниците не поседуваат доволно вештини во презентација на материјалот, дека професорот презентира нешто што студентот тешко го наоѓа, дека литературата за испит е сведена на скрипта и сл.

„Ние се претворивме во Јавно-приватно партнерство. Што тоа значи сликовито: Дојди студенту, плати, ако платам ќе ми дадете диплома и ние ги спуштаме до тој степен критериумите што практично вие само се запишувате на студии и нешто правите за да дипломирате“, вели Ацески.

Упатените велат дека напорите на надлежните мора да бидат во насока на решавање на тековните проблеми и новини кои треба да го подобрат квалитетот на високото образование. Засега новина е тоа што Владата донесе одлука да се активираат родовите студии на Филозофскиот факултет при УКИМ, кои пет години беа ставени во мирување, како и студиите за безбедност и евроинтеграциите на „Факултетот за безбедност” при УКЛО, кои исто така беа во мирување. Ново е и тоа што годинава факултетите при Универзитетот „Св Кирил и Методиј” нема да имаат дисперзирани студии.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG