Достапни линкови

Македонскиот јазик загрозен од државна негрижа


Илустрација: Родната куќа на основоположникот на современиот македонски јазик, академик Блаже Конески во Небрегово
Илустрација: Родната куќа на основоположникот на современиот македонски јазик, академик Блаже Конески во Небрегово

На катедрите и во Институтот за македонски јазик со години не се прима нов кадар, институциите кубурат со пари, со години нема лекторски испити и се намалува бројот на македонски лекторати во светот.

Мерките за заштита на македонскиот јазик се добредојдени, оти со години јазикот се уназадува и постоеше негрижа за него, велат упатени во оваа област, откако Владата усвои повеќе мерки за унапредување на употребата на македонскиот јазик. Оваа владина одлука е донесена во време кога во Собранието се води жестока дебата за Законот за употреба на јазиците.

Со мерките за заштита на македонскиот јазик, меѓудругото, се предвидуваат повеќе пари за постоечките лекторати и за отворање нови, семинарот за македонски јазик, литература и култура да прерасне во Македонистички центар „Македоникум“, стипендирање на студии по македонски на домашните универзитети и стипендии за странци кои сакаат да го изучуваат јазикот, поддршка на издавачката дејност, вработување на нов кадар и повеќе пари за институциите кои се занимаваат со македонскиот јазик.

Професор Симона Груевска – Маџовска од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ вели дека и половина од мерките да се остварат ќе биде добро, затоа што, како што вели, со години никој воопшто не се грижи за македонскиот јазик.

„Ние од Институтот постојано повторуваме дека од 2010 ниту еден научно-истражувачки проект не се финансира од Министерството за образование и наука. Од 1998 воопшто нема примено млад кадар, ниту примено ниту еден асистент на Институтот, сите сме над 40 години. Немаме асистенти, немаме подмладок, а се знае дека за тоа треба време, да се усоврши, да се обучи. Така е направен еден голем јаз во Институтот. Нема никаква грижи ниту за спроведување на законот за употреба на македонскиот јазик“, вели професор Груевска – Маџовска.

Таа посочува дека државата секако треба да интервенира, оти јазикот е од национално значење.

„Без интервенција од државните институции не може ништо да се направи. Ние, Институтот за македонски јазик, не сме профитна организација, немаме средства од други места, ако државата не нè финансира, не можеме да работиме“, вели професор Груевска – Маџовска.

Ѓоко Здравески, поет и доскорешен лектор на универзитетот во Ниш вели дека речиси и да нема студенти по македонски јазик. Вели дека кога пред 15 години тој се запишал, биле 70 студенти, генерациите претходно броеле и по 120, а сега има дваесетина запишани студенти. И тој го нотира проблемот со немање кадар во институциите за македонски јазик.

„Еден професор држи повеќе предмети, немаат асистенти. Професорот не може да држи научна дејност, се занимава со бирократија, со хартии“, вели Здравески.

Ако сака државата нешто да направи мора да финансира нови вработувања и втората работа - селекцијата да биде позитивна, вели Здравески.

„Тој што бира да го одбере подобриот од себе, а не некој што ќе му биде потчинет и што ќе го слуша, во таа смисла важна е намерата, дали навистина сакаме да направиме нешто или намерата на тој што бира е до себе да има послушник. Многу се прости работите, затоа што се прават популарно наречено спинови во секоја можна сфера, секоја можна идеја се первертира. Ако се работи домаќински, многу лесно може да се излезе од ова каде што сме сега и што не чини, а не чини ич“, вели Здравески.

Што се однесува пак до лекторатите, тој вели дека сега под полна пареа работат само три, во Париз, Москва и Ријека, додека останатите функционираат поради добрата волја на домаќините. И за тука требаат финансии, и да се испраќаат саглам луѓе, вели тој.

Во меѓувреме во Парламентот жестоко се дебатира за Предлог-законот за употреба на јазиците. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека законот е неуставен, власта, пак, вели дека со законот албанскиот јазик не станува службен, туку само се унапредува употребата на јазикот што го говорат 20 проценти од вкупното население. Дел правни експерти велат дека законот излегува од уставните рамки, а од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, преку писмо побараа Предлог-законот да биде повлечен од натамошна постапка. Во писмото меѓудругото се наведува дека законот излегува од рамката на Охридскиот договор, македонскиот јазик со Предлог-законот го губи својството на официјален јазик, дека во меѓународна комуникација покрај македонскиот јазик се воведува и албанскиот јазик, дека се воведува двојазичност на целата територија итн.

Професор Дервиш Алими од тетовскиот универзитет вели дека Предлог-законот во Собрание не излегува од рамките на Уставот.

„А што се однесува за мерките за македонскиот јазик, факт е дека сакаат да се стави еден политички баланс, меѓу оние кои се спротивставуваат на законот за употреба на јазиците и оние кои сакаат да стават еден баланс во поглед на тоа. Но и македонскиот јазик и сега и албанскиот јазик, како два службени јазици треба да бидат заштитени“, вели Алими.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG