Достапни линкови

Кој против кого во вториот изборен круг


Локални избори 2017. Граѓани гласаат на локалните избори на гласачко место во Скопје
Локални избори 2017. Граѓани гласаат на локалните избори на гласачко место во Скопје

Без градоначалници во првиот круг останаа 35 општини во Македонија. Битката меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се одвива во 20 општини, од кои во 14 води владејачката партија, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ има предност во шест. општини. Најтесни битки меѓу ривалските партии ќе се водат во Штип и скопските Гази Баба и Кисела Вода.

Во вториот изборен круг ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе си ги мерат силите во 20 општини. Битката за градоначалничката фотелја продолжува на 29 октомври во пет скопски општини и во многу помали општини во Македонија.

Од скопските општини најинтересна ќе биде битката во Гази Баба и Кисела Вода кои во изминативе 20 години беа под локално владение на ВМРО-ДПМНЕ. Таму продолжува битката меѓу Борис Георгиевски од СДСМ кој има за илјада гласа повеќе од актуелниот градначалник во Гази Баба Тони Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ. Во Кисела Вода, пак, Филип Темелковски од СДСМ има предност од 1700 гласови наспроти неговиот против кандидат Јохан Тарчуловски од ВМРО-ДПМНЕ.Во првиот круг политичките сметки не се расчистија ни во Шуто Оризари каде што разликата во гласови е 170 во корист на кандидатот на СДСМ Курто Дудуш кој повторно ќе се бори против актуелниот градоначалник Елвис Бајрам. А двете партии силите ќе ги одмерат и во Бутел, каде што во првиот круг кандидатот на СДСМ одвои 2 200 гласови повеќе од неговиот противкандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна во скопската општина Чаир пресметката во вториот круг ќе се води меѓу Висар Ганиу кој доаѓа од ДУИ и Зекирија Ибрахими кој е кандидат на БЕСА поради разликата од 1653 гласови во корис на ДУИ. Додека во општината Сарај, поранешниот министер за правда Блерим Беџети во битката за градоначалничката фотелја води со речиси двојни повеќе гласови од противкандидатот Башким Бакиу од Движењето Беса.

Неизвесна и тесна битка ќе се води и во Штип, каде што актуелниот градоначалник Илчо Захариев во обид да освои втор мандат, во првиот круг доби само 36 гласа повеќе од неговиот противкандидат Благој Бочварски. Во оваа општина е можен и пресврт затоа избирачките одбори во првиот круг избројале над илјада неважечки гласачки ливчиња. Дополнителен зачин во ситуацијата е и веќе избраниот локален совет, каде што СДСМ освои 12 наспроти 11 советници на ВМРО-ДПМНЕ.

Local elections Skopje 2017
Local elections Skopje 2017

Оваа општина е значајна за ВМРО-ДПМНЕ затоа што во првиот круг опозицијата доби градоначалнички места само во помалите општини Илинден, Петровец и Сопиште.

Тесна разлика има и во Чешиново-Облешево. Само 39 гласови повеќе доби ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг. Опозицијата има предност и во Пробиштип. Новаци, Зрновци и Кавадарци.

Според дел од политичките експерти најинтересна битка ќе се води во албанскиот политички блок затоа што игра се три конкурентни партии од кои две се во коалиција со владејачката партија СДСМ на централно ниво. Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека двете помлади партии БЕСА и Алијансата за Албанците на овие избори се обидоа да го зголемат својот електорат, но немаа целосен успех во тоа.

„Резултатите покажаа дека ДУИ успеа да се оддржи и има мало зголемување, додека сериозно зголемување има кај Алијансата и намалување кај БЕСА што ако се преточи во порака, албанскиот гласач ги награди двете партии кои се во коалиција со СДСМ,“вели Муслиу.

Од албанскиот блок ДУИ предност има во 11 општини, и тоа во Гостивар, Тетово, Чаир, Сарај, Липково, Теарце, Желино, Долнени, Дебар, Врапчиште и Боговиње, додека додека Алијансата на Албанците предност има во Струга, а ДПА во Студеничани.

Неизвесна се очекува да биде и битката во Струга, каде што досегашниот министер без ресор Рамис Мерко од ДУИ кој досега неколку пати раководеше со оваа општина, освои 1300 гласови помалку од актуелниот градоначалник Зијадин Села. СДСМ во првиот круг освои седум илјади гласови, па се наметнува прашањето во вториот круг на кој коалиционен партнер ќе ја даде поддршката.

Слична битка ќе се одвива и во Гостивар каде досегашниот министер за здравство Арбен Таравари не успеа да го победи актуелниот градоначалник Невзат Бејта. Разликата таму во гласови 500 гласови.

Муслиу очекува интересна битка во Струга и Гостивар се надева дека СДСМ ќе биде посуптилна во изразувањето поддршка.

„Не само затоа што станува збор за два коалициски партнери, туку затоа што од едниот коалициски партнер е лидерот на партијата е тој кој конкукира во процесот. Така да СДСМ ќе биде многу посуптилен во целиот процес и нема да одлучат или да дозволат емоциите да ги водат во процесот. Што се однесува до Гостивар ситуацијата е друга, затоа што таму има и гласови од помалите политички партии кои конкурираа и не поминаа во првиот изборен круг“, објаснува Муслиу.

Во игра во вториот круг се и независни кандидати. Станува збор за кандидат за градоначалник на Могила Стево Пивковски кој освои 102 гласа повеќе од неговата противкандидатка од СДСМ Јасмина Гулевска и кандидатот за Брвеница Енвер Пајазити, кој освои 500 гласа повеќе од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Стојан Тодоровски.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG