Достапни линкови

Вработувањето не значи излегување од сиромаштија


Петтина од луѓето во Македонија живеат под прагот на сиромаштија. Проблем е и тоа што вработувањето не значи справување со оваа појава, а и социјалната парична помош е премногу ниска.

Секој петти човек во Македонија живее под прагот на сиромаштија, или околу 445 илјади лица според последните податоци на Државниот завод за статистика од 2015 година. Анализирано по типови на домаќинства, како што е наведено, стапката на сиромаштија на семејства составени од двајца возрасни лица со две деца е 22.9 проценти. Најголем дел од нив се невработени и неактивни лица, па потоа следат вработените и пензионерите.

Тоа значи дека овие лица располагаат со помалку од 6.500 денари месечно при што 10 отсто од бројката им припаѓа на лицата кои што имаат работа, но сепак се борат со сиромаштијата, вели професор Маја Геровска - Митев од Институтот за социјална работа и политика при Филозофскиот факултет.

„Секако сметам дека ова е една алармантна бројка за секоја држава, вклучително и Македонија. Македонија има систем на социјална заштита и има инструменти преку коишто овие лица имаат можност за дополнителна парична поддршка и подршка од аспект на услуги. Прашањето е колку овие средства се доволни и навистина излегуваат во пресрет на реалните потреби на лицата во ризик од сиромаштија. Перцепцијата на корисниците и општа перцепција е навистина дека висината на клучниот инструмент којшто е наменет за оваа категорија на луѓе, а тоа е социјалната парична помош е премногу ниска“, вели Геровска - Митев.

Видливоста на проблемот започнува со статистичките податоци и бројката е огромна, иако не е конечна, затоа што статистиката го мери само приходот на сиромаштија, односно количината на пари со која располагаат луѓето, истакнува Билјана Дуковска од „Платформата за борба против сиромаштијата“.

Граѓанската платформа „Мрдни со прст“ по повод Светскиот ден за борба против сиромаштијата собра храна за 1000 луѓе. Блаже Јосифовски од „Ајде Македонија“ чија организација е вклучена во акцијата за донирање на храна за најранливите категории вели дека загрозени се многу повеќе лица.

Заменик министерот за труд и социјална политика Елми Азири посочува дека Македонија бележи тренд на благо намалување на сиромаштијата и на нееднаквоста.

„Сепак и покрај таквите позитивни трендови сиромаштијата во државата се уште е на изразито високо ниво поради тоа што справувањето со овие предизвици и унапредувањето на состојбите кои директно влијаат на сиромаштијата остануваат едни од главните приоритети на Владата на Република Македонија“, вели Азири.

Парите не стигнуваат ниту за храна

Истражувањето на Финанс Тинк покажува дека 22 проценти од граѓаните преживуваат со помош на родителите, сопружниците или пак роднини од странство или државата. Само една третина од населението, како што наведуваат, може да ги задоволат своите потреби. Додека пак 41 отсто успеваат да ги задоволат само потребите за сметки и храна, а 28 проценти не успеваат ни во тоа. Реалноста покажува дека и оние граѓани кои ги анкетиравме и кои имаат некакви примања велат дека парите не им се доволни за да ги задоволат егзистенцијалните потреби.

„Никаков е стандардот со 8000 денари, тројца живееме дома. Дали струја, дали вода, дали телефони да плаќаме. За јадење не останува ништо“, вели анкетиран граѓанин.

„Малку се парите. За сметки да дадеш на деца, а за да си дозволиш да купиш нешто нема “

„Со административна плата 15 дена се живее“.

Социјалната помош по лице изнесува нешто над 2800 денари. За семејства од два члена социјалната помош е околу 3800 денари, со три члена 4900 денари, семејствата со четири члена добиваат илјада денари повеќе, а со пет члена околу 7000 илјади денари.

Заменик министерот Азири порачува дека токму една од мерките за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост е континуираното зголемување на висината на паричните надоместоци.

Вработувањето не гаранција да се избегне сиромаштијата

Ако се земе предвид и дека според последните податоци на Сојузот на синдикати на Македонија, синдикалната минимална кошничка изнесува 32.325 денари, тогаш излегува дека речиси околу една ипол просечна плата е потребна за да се подмират трошоците. Но, околу 43 проценти од вработените во Македонија заработуваат плата пониска од 12 илјади денари. Дуковска посочува дека многу е тешко да се стигне до минимумот кој што е потребен за пристоен живот на едно семејство, бидејќи парите не стигнуваат ниту за сметки, ниту за обезбедување на квалитетна храна. Според неа, ни вработувањето не е гаранција дека со тоа ќе се избегне сиромаштијата.

„Теоретски треба вработувањето да биде гаранција за еден квалитетен живот, меѓутоа не е така и во ситуацијава во Македонија очигледно е дека имаме поголем проблем од тоа. Значи кога зборуваме за вработување евидентираме само луѓе коишто се вклучени формално на работните места, ама ние имаме многу луѓе коишто работат хонорарно или непријавено или пак покрај редовната работа заработуваат како знаат и умеат. Тоа се нашите модерни робови без работнички права без места каде да се пожалат и без можност да ги остварат своите основни права“, посочува Дуковска.

И професорката Геровска - Митев смета дека приходите не значат излез од сиромаштија. Една од можните мерки, според неа е токму висината на парична помош да биде поврзана со висината на минималната плата. Заменик министерот Азири смета дека социјалната помош треба да се прилагодува во однос на животниот стандард на граѓаните, зголемувањето на просечната плата и трошоците за живот. Години наназад, „Платформата за борба против сиромаштијата“, како што наведува Дуковска се залага за реформа во социјалната заштита преку која ќе им се помага на луѓето да не навлезат во една апсолутна сиромаштија.

Азири признава и дека услугите на социјална заштита не ги следат индивидуалните потреби на крајните корисници. За надминување на состојбата, според него, предвидена е сеопфатна реформа на системот на социјална заштита.

Како Кина се справува со сиромаштија?

За разлика од Македонија каде и самото Министерството за труд и социјална политика соопштија дека иако земјата со Устав е дефинирана како социјална држава во реалноста системот често затајува, други држави добиваат признанија. Светската банка им оддаде признание на кинеските власти за нивните напори да ја намалат големата сиромаштија во земјата. Според некои податоци, со мерките во изминативе неколку години биле опфатени околу 800 милиони луѓе. Во Светската банка се надеваат дека Кина ќе ги интензивира овие напори со оглед на стабилниот економски раст на земјата.

Гоце Атанасов

Претседателот на Светската банка Џим Јонг Ким деновиве соопшти дека напорите на Кина да им помогне на над 800 милиони луѓе да излезат од сиромаштијата биле навистина инспиративни. Тој тоа го кажа на прес конференцијата за време на родовните годишни состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светска Банка во Вашингтон:

„Знаете ова е една од најсјајните приказни во човечката историја искрено, така што најголем дел од напредокот што е направен и од 40 otсто од светот што живее во екстремна сиромаштија сега има помалку од 10 проценти, најголем дел од тој напредок се случи во Кина. Затоа, секогаш бараме лекции од тоа искуство. Значи, овој напор е историски.“

Според Ким, Светска банка ќе продолжи да работи со Кина во областите како системот за здравствена заштита и во обезбедувањето социјални услуги за оддалечените региони во таа земја. Тој изрази надеж дека Кина ќе ја продолжи ваквата политика со оглед и на очекуваниот натамошен развој на кинеската економија.

„Па ние сме охрабрени дека Кина останува на курсот на оваа промена, односно од она што тие го нарекуваат брз пораст кон поквалитетен економски раст. И знаете мислиме дека стапката на раст ќе остане стабилна во Кина оваа година.“

Претходно, кинеското Биро за статистика соопшти дека продолжува да се подобрува животниот стандард во земјата што се должи на економскиот развој. Шефот на Бирото Нин Јитце вели:

„Бројот на сиромашните луѓе во руралните области во Кина се намали за 55,64 милиони во 2016 година, споредено со 2012 година и сега изнесува 43,35 милиони. Стапката на сиромаштијата се намали на 4,5 насто, што е за 5,7 насто помалку отколку во 2012 година.“

До крајот на минатата година, просечниот приход по глава на жител во Кина се искачи на 23.821 јуани, околу 3610 американски долари, со годишна стапка на раст од 7,4 проценти, што претставува зголемување од над седум илјади јуани во споредба со 2012 година.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG