Достапни линкови

Светските агенции за локалните избори во Македонија


Лидерот на СДСМ и прмиер на македонија Зоран Заев, Скопје, 16.10.2017.

Првичните резултати од локалните избори во Македонија покажуваат дека гласачите го поддржуваат политичкиот курс на новата влада на премиерот Зоран Заев, јавуваат дел од светските новински агенции.

Владејачките социјалдемократи прогласија победа на локалните избори, што претставува сигнал за големата поддршка на новата влада која вети забрзување на влегувањето на оваа мала балканска земја во НАТО и Европската унија, јавува новинската агенција Ројтерс.

Оваа агенција додава дека кандидатите на СДСМ на премиерот Зоран Заев и на „националистичката ВМРО-ДПМНЕ, која владееше една декада во Македонија“ се соочиле во 50 општини каде што мнозинството се Македонци.

Агенцијата го цитира партискиот претставник Миле Зечевиќ кој вели дека СДСМ победила во 40 општини и оти тоа е „победа на демократијата“.

Ројтерс го пренесува и ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски дека изборите минале во „недемократска атмосфера и во нефер услови“.

Новинската агенција Асошиетед прес наведува дека првичните резултите од локалните избори, кои биле посматрани како своевиден тест за „новата македонска лево ориентирана администрација“, покажуваат дека гласачите ја поддржуваат новата влада.

Оваа агенција потсетува дека на локалните избори во 2013 година конзервативната ВМРО-ДПМНЕ освои 56 од 81 општина, додека социјалдемократите четири.

Агенцијата исто така ја пренесува и оценката на Никола Груевски дека изборите минале во нерегуларна атмосфера.

„Но, тој исто така навести најверојатна оставка како партиски лидер“, јавува Асошиетед прес, при што го цитира Груевки дека „изборите не се завршени и оти најголема одговорност за резултатите е кај лидерот“.

Германската новинска агенција ДПА исто така констатира дека локалните избори во Македонија го детерминираат политичкиот курс на балканската земја.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG