Достапни линкови

Мирни избори со помала излезност од претходните


Излезноста, според ДИК, до 17 часот е околу 49 проценти, што е за десетина процентни поени помалку од претходните избори. Ова се шести избори за градоначалници и советници во независна Македонија. Над еден милион и осумстотини граѓани со право на гласа може да гласаат во 80 општини и во Град Скопје. Мирен изборен ден без сериозни нарушувања на јавниот ред и мир нотираат од МВР. Набљудувачите јавуваат за одредени прекршувања на изборниот процес.

Гласањето помина мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир. Забележани се одредени нарушувања на изборниот процес и од страна на избирачки одбори и од гласачи и од партиски активисти, заклучуваат задолжените за спроведување и набљудување на изборниот процес.

ДИК - Најголема излезност во Вевчани, најмала во Ростуше

До 17 часот, своето право на глас го искористиле 49, 14 проценти од регистрираните гласачи, соопшти портпаролката на Државната изборна комисија, Љупка Гугучевска на прес-конференција. На ниво на Град Скопје, пак, излезноста е 50, 58 проценти.

„Највисока излезност на ниво на Македонија е во Вевчани 72,05 проценти, а највисока во Скопје е во Гази Баба 58,02 проценти. Најниска на ниво на Република Македонија е излезноста во општина Маврово-Ростуше со 31,19 проценти, а најниска на ниво на Скопје во Шуто Оризари 33,83“, рече Гугучевска.

Ова е помала излезност отолку на претходните избори. На парламентарните избори во декември минатата година излезноста до 17 часот беше над 60 проценти, а на претходните локални избори во 2013 година, излезноста до 17 часот беше нешто помалку од 58 отсто.

До Министерството за внатрешни работи пристигнале неколку пријави за изборни нерегуларности, како поткуп на гласачи, носење гласачи на избори, фотографирање на гласачко ливче, како и гласање за друг.

МВР информираше и дека е регистриран обид за физичка пресметка меѓу гласач и член на избирачки одбор. Полицијата за овој случај привела еден човек, приведени се уште седум лица за фотографирање ливчиња, потоа еден човек е приведен оти гласал за својата мајка, а друг е приведен оти гласал за својата сопруга.

Неколку пријави за изборни нерегуларности има доставено во основните јавни обвинителства, соопшти Јавното обвинителство на Република Македонија. Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности при Јавното обвинителство на Република Македонија информира дека будно ги следи сите случувања за време на изборниот процес.

МОСТ регистрирале неправилности на 16 избирачки места

Од Граѓанската асоцијација МОСТ, која на изборите има распоредено 2.843 набљудувачи, на прес-конференција соопштија дека имало непочитување на постапката на гласање од одборите, а и гласачи и партиски активисти го нарушувале гласањето. И од МОСТ и од невладината Цивил, која има 191 набљудувач на изборите, јавуваат дека забележале случаи на семејно гласање, неисправни УВ ламба, читање на глас на имиња на гласачи, измешан избирачки материјал, партиски членови кои агитирале пред гласачки места, обиди за поткуп, фотографирање на гласачки ливчиња.

„Набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ на денешното гласање забележале непочитување на постапката на гласање и реакција од страна на избирачките одбори на 10 гласачки места, проблемите предизвикани од неовластени лица на едно гласачко место и непочитување на постапката на гласање и проблеми предизвикани од гласачи на пет гласачки места“, вели директорот на МОСТ, Дарко Алексов.

Цивил - Мирен ден, со помали нерегуларности

Граѓанското здружение Цивил оцени дека изборниот ден е мирен, иако изобилува со помали нерегуларности.

„За првпат после долго време, забележуваме дека институциите во Македонија сепак функционираат“, вели Џабир Дерала од Цивил.

Денешните локални избори во Македонија се спроведоа на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Град Скопје. А право на глас на имаат 1.814.644 гласачи во Македонија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG