Достапни линкови

Груевски - недемократски избори, следните чекори по изборите


Изборниот ден помина во недемократска атмосфера, а и изборната кампањата се одвиваше во нефер услови, рече вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Изборниот ден помина со бројни нерегуларности, узурпирање на ресурси, притисок, поткуп на гласачи, организирано превезување на граѓани до гласачки места, и манипулации со гласачки ливчиња, кражба на гласови..“, рече Груевски.

Тој вели дека изборите не се завршени, а ВМРО-ДПМНЕ е голема партија.

„Ќе следи анализа, ќе се анализира сè за да се утврди што друго освен нерегуларностите, од наша страна беше недоволно добро или погрешно направено за да добиеме подобар резултат на овие избори. Јас имам највисока одговорност за сето тоа и идниот правец ќе се дискутира веднаш по изборите“, рече Груевски на прес-конференција.

Тој вели дека кампањата ја одбележале физички пресметки, убиство, закани, притисоци, закани за кандидатите на партијата, се креирала, како што вели, атмосфера на страв и заплашувања и сето тоа влијаеше на луѓето.

„Полицијата беше во партиска функција, од многу страни добивме информации за поткуп , секако продолжи црната кампања и имаше речиси секојдневно неосновани пријави за градоначалниците или за кандидатите“, вели Груевски.

XS
SM
MD
LG