Достапни линкови

Локални избори - мирно и без сериозни нарушувања


Локални избори 2017. Граѓани гласаат на локалните избори на гласачко место во Скопје.

До 13 часот гласале околу 27 проценти од гласачите, соопшти ДИК. Според МВР и според набљудувачите гласањето поминува без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Забележани се нарушувања на постапката на гласање и од одбори и од гласачи и од партиски активисти.

До 13 часот правото на глас го искористиле 27, 11 проценти од гласачите, соопштија од Државната изборна комисијата, според податоците добиени од општинските изборни комисии.

На прес-конференција портпаролот на ДИК, Љупка Гугучевска рече дека излезноста во Скопје, изнесува 29,17 проценти.

„Најголема излезност има во Демир Капија од 47, 53 проценти додека најниска во Желино со 17, 71 процент. На територијата на град Скопје највисока излезност има во Карпош со 34, 63 проценти додека најниска излезност има во општината Шуто Оризари со 19,16“, вели таа.

Портпаролката вели дека Државната изборна комисија е во заседание, односно има седница на која ги решава сите предизвици кои се јавуваат на гласачките места.

„Сите предизвици и ситуации кои се појавени до сега се навремено отстранети и гласањето е продолжено на сите гласачки места каде што имало прекини“, рече Гугучевска.

Од ДИК претходно рекоа дека на некои гласачки места гласањето почнало со задоцнување, оти првин требало да се отстрани пропаганден материјал.

Без посериозни нарушувања на изборниот процес

Гласањето на шестите локални избори во независна Македонија, според МВР и според набљудувачите поминува без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски на прес – конференција рече дека е забележан еден инцидент во општина Бутел, кој не е поврзан со изборите. МВР има пријава и за седум случаи за поткуп. Портпаролот вели дека полицијата е присутна на терен.

„До овој момент имало привремени прекини или доцнење на гласањето на 20-тина гласачки места од технички причини и гласањето е продолжено веднаш откако е решен проблемот“, рече Ангеловски.

Од Граѓанската асоцијација МОСТ, која на изборите има распоредено 2.843 набљудувачи, на прес-конференција соопштија дека имало непочитување на постапката на гласање од одборите, а и гласачи и партиски активисти го нарушувале гласањето.

МОСТ забележува дека имало семејно гласање, неисправни УВ ламба, и читање на глас на имиња на гласачи, човек не можел да гласа, оти веќе некој гласал место него, друг пак бил испрскан со спреј пред да биде проверен во избирачки список. На неколку места биле издавани повеќе ливчиња, имало проблеми со избирачки материјал, во еден град, имало материјали од друг. Набљудувачите забележале и партиски членови кои агитирале пред гласачки места, вербална расправија меѓу партиски активисти, неовластени лица пред гласачко место, кои потоа полицијата ги отстранила. Имало и фотографирање на гласачки ливчиња.

„Во околината на основното училиштето „Браќа Рамиз Хамид “ во општина Шуто Оризари се делеле прехранбени продукти од различни политички партии, а дополнително бил лепен и политички пропаганден материјал“, изјави Дарко Алексов од МОСТ на прес-конференција.

Граѓанското здружение Цивил оцени дека изборниот ден почнал мирно со помали технички нерегуларности.

„Имаме добар мирен почеток на изборниот ден, меѓутоа исполнет со низа помали нерегуларности односно технички проблеми со кои се соочуваат избирачките одбори, што е недостиг на добра подготвеност досега, истакна утрово на прес-конференција претседателот на граѓанското здружение Цивил-Центар за слобода, Џабир Дерала.

Очекувања на граѓаните

Граѓаните што ние ги анкетиравме велат дека гласањето се одвива без проблеми.

„Помина беспрекорно, мирно. Мора да оди на подобро.“

„Очекувам да се исполнат ветувањата на градоначалниците и дека ќе живееме подобро.“

„Мислам дека нема да има поголеми проблеми, мислам дека се разви некоја свест кај луѓето“, велат граѓани.

Денешните локални избори во Македонија се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Град Скопје.

Според заклучениот Избирачки список на Државната изборна комисија, право на глас на Локалните избори имаат 1.814.644 гласачи во Македонија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG