Достапни линкови

Локалните понепопуларни од парламентарните избори


Државната изборна комисија (ДИК) го достави доверливиот изборен материјал до општинските изборни комитети, за локалните избори закажани за 15 октомври.

Институциите надлежни за спроведување на изборите ги привршуваат подготовките за изборниот ден. Над 5000 домашни набљудувачи и 373 странски ќе го следат изборниот процес. За разлика од парламентарните избори сега има помалку акредитирани набљудувачи и помалку акредитирани странски новинари.

Избирачки список, гласачки ливчиња и кутии, печати - достави Државната изборна комисија (ДИК) до општинските изборни комитети, за локалните избори закажани за в недела. Потпретседателот на Државната изборна комисија, Реџеп Прекопуца, изјави дека распределбата на изборниот материјал се одвивала според планираното и дека немало нерегуларности.

„Морам да кажам дека се оди според планот. Процесот одеше сè како што треба. Претходно до сите општински изборни комисии, исто така, дистрибуиравме недоверлив изборен материјал“, изјави Реџеп Прекопуца, потпретседател на ДИК.

Согласно изборниот роковник, општинските комитети се должни еден ден пред изборите да го предадат изборниот материјал на избирачките одбори.

Изборите в недела се шестите локални избори во Македонија. Тие ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Кампањата за првиот изборен круг, почна на 25 септември, а завршува ноќеска на полноќ. Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври во 24 часот.

МВР ќе издава лични карти и викендов

Граѓаните ќе можат и за време на викендот да извадат лични карти, само доколку немаат биометриска патна исправа. Одделенијата на Министерството ќе работат поради локалните избори. Од МВР соопштуваат дека барањата за лични карти може да се поднесуваат и да се одобруваа најдоцна до 16 и 30 во сабота, а во недела личните карти ќе се издаваат до 19 часот.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на прес-конфренција рече дека министерството има капацитет да ги процесуира сите настани кои се закануваат да фрлат дамка врз претстојниот изборен процес.

„Затоа МВР уште еднаш апелира до сите актери на претстојните избори да ги почитуваат демократските и нормативни стандарди. Македонската полиција нема да дозволи какво било загрозување на правото на граѓаните да го дадат својот глас на мирни, фер и демократски избори“, рече Спасовски.

Еден ден пред гласањето в недела, утре гласаат болни и немоќни лица, затворениците, притвореници и раселени лица.

Над 5000 домашни и речиси 400 странски набљудувачи

Последните податоци од ДИК, покажуваат дека досега се акредитирани над 5000 домашни набљудувачи за изборите, од кои најмногу се на граѓанската асоцијација МОСТ. Од ДИК дале акредитации за 373 странски набљудувачи и за 294 преведувачи. За локалните избори акредитирани се и шест странски новинари. ОБСЕ/ОДИХР - Мисија за набљудување на избори ќе има 198 набљудувачи и 144 преведувачи.

„Ова е 16 пат како доаѓаме на покана на министерот за надворешни работи. Изборната рамка постои и она за што сме заинтересирани е да видиме како политичките партии ќе ја спроведуваат таа рамка“, рече неодамна шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија, Одри Гловер, во интервју за Радио Слободна Европа.

Заедно со оваа мисија ќе работи и делегацијата на Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа. Оваа делегација на денот на изборите ќе распореди шест тимови за да ги набљудуваат процедурите за гласање и броењето на гласовите низ целата земја.

За споредба, парламентарните избори во декември 2016 беа попопуларни од изборите што следуваат. Тие избори ги следеа 7.585 домашни и 667 странски набљудувачи, а во ДИК беа акредитирани и 75 странски новинари.

Од Амбасадата на САД и од Делгацијата на ЕУ во Скопје, кои исто така ќе имаат свои набљудувачи на изборите, велат дека претстојните избори се важни за Македонија.

„Претстојните локални избори на 15 октомври се важни за иднината на Македонија како просперитетна и стабилна демократија, целосно интегрирана во евро-атлантските институции, се вели во изјавата на Амбасадата на САД во пресрет на локалните избори.

Од таму повикуваат и да се пријават сите сознанија за изборни нерегуларности на соодветните органи.

„Ги повикуваме политичките лидери и членовите на партиите да ги спроведат изборите без заплашување и насилство. Потсетуваме на важноста да се направи јасна поделба меѓу државните и партиските активности пред, за време на и по изборите. Ние сметаме на државните институции како што е полицијата, независните институции како ДИК, како и граѓанското општество да го исполнат својот дел од одговорноста за одржување демократски, слободни и фер избори“, пиша на Твитер евроамбасадорот Самуел Жбогар.

И дел од лидерите на партиите учеснички во изборите упатија пораки изборите да се одвиваат во демократска и фер атмосфера.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG