Достапни линкови

Работата на судовите и стрелбата во Кичево во фокусот на медиумите


Архивска фотографија - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пред Кривичниот суд во Скопје по судење за „шамарите“ за Жерновски.
Архивска фотографија - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пред Кривичниот суд во Скопје по судење за „шамарите“ за Жерновски.

Медиумите пишуваат за работата на судските органи, одложените судења, закажаните рочиша, за тоа дека судот не му го врати пасошот на поранешниот премиер Груевски. Пишуваат и за изборите и за стрелбата во Кичево.

Преглед на пишувањето на печатените и електронските медиуми изобилува со збиднувања од работата на судските органи.

Нова Македонија објавува: „Груевски на рочиште за ’шамарите‘ во Центар“, при што потсетува дека Апелација ја уважила жалбата на СЈО и ги прифатила „бомбите“, односно телефонските разговори помеѓу Груевски и Јанакиески како доказен материјал. И порталот Плусинфо ја објавува веста дека „Груевски дојде на судењето за ’шамарите‘, пристигнаа и Жерновски и обвинителката Фетаи“, а порталот на Фокус ја објавува и последната вест: „Груевски, Јанакиески и пратеничката Рангелова седнаа на обвинителна клупа за ’шамарите‘ во Центар, но судењето се одложи поради неоправдано отсуство на еден од обвинетите, Димче Крстев“.

Истиот портал објавува и дека „Синот на Мијалков не се појави на распит во полициската станица во Кисела Вода, бил на патување“. Јордан Мијалков, инаку, е забележан на фотографиите како заедно со толпата влегува во Собранието на 27 април годинава.

Нова Македонија исто така информира дека се „Закажани рочишта за случаите ’Дива Населба‘ и ’Транспортер‘“, а порталот Фокус дека на 17 октомври ќе се донесе „Пресуда за кумановските настани во кои загинаа осуммина припадници на полицијата“. Во случајот се обвинети 37-мина за тероризам, а министерот Спасовски најави и меѓународна истрага за овие случувања, пишува истиот портал.

Интерес кај јавноста предизвикува и веста на Нова Македонија дека „Судот одби да му го врати пасошот на Груевски“, откако тој и Мијалков си ги побараа назад пасошите зашто им требале за службени патувања. Вечер информира за одложувањето на рочиштето за случајот „Поткуп“ во кој осомничен е сегашниот премиер Заев. Судијката била на боледување, а судот ги прифатил снимките кои протекоа на Јутјуб како доказ во „Поткуп“. Весникот ја објавува и изјавата на Заев дека ако ја имал целосната снимка ќе ја објавел целата за да се „дознае вистината за него“.

Во Вечер доминираат извештаи за предизборната кампања на кандидатите за градоначалници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во Слободен печат оние од владејачката коалиција предводена од СДСМ и ДУИ. Медиумите јавуваат и за стрелбата во Кичево при што е ранет еден од независните кандидати за градоначалник на Кичево, Алит Абази. Нова Македонија објави дека мотив за нападот биле нерасчистени недоразбирања за кои се водела судска постапка. Порталот Курир.мк оваа вест ја објави под наслов: „Македонија станува Див Запад, престрелка и повредени во Кичево“.

Плусинфо ја пренесува веста на државната агенција МИА: „Тирана призна осум малцинства, меѓу нив и Македонците“. Во Предлог-текстот на законот влезен во собраниска процедура не се спомнува дека во Албанија живеат Бугари, по што македонското друштво „Илинден“ од Тирана реагирало позитивно нагласувајќи го фактот што официјална Тирана ја прикажува реалната слика во таа земја со што се отфрлаат тврдењата „дека во Албанија наводно живее бугарско национално малцинство“. МИА појаснува дека ваков закон Албанија носи за прв пат и е еден од приоритетните закони што ги бара ЕУ.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG