Достапни линкови

Скопските кандидати станаа изборно „зелени“


Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов

Како на ниту едни избори досега борбата против загаденоста е една од главните во некои општини. Упатените велат дека причина за ова е подигната јавна свест кај гласачите и потребата на партиите да им удоволат за да добијат глас повеќе.

Проектите за намалување на загадувањето на воздухот и на животната средина сега се во фокусот на програмата на кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ на Град Скопје, Коце Трајановски кој бара трет мандат. Неговиот противкандидат од СДСМ, Петре Шилегов, кој првпат се обидува да дојде на таа позиција, пак голем дел од својата програма ја посветува на животната средина амбицозно најавувајќи дека Скопје ќе станело европска зелена престолнина за четири години.

Како ниту едни избори досега кандидатите ја истакнуваат оваа еколошка тема како нивен приоритет. Сите партии претходно прават истражувања што е битно за граѓаните и врз основа на тоа ја прават понудата, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија. Тој додава дека сепак, политичарите не си дозволуваат поголемо визионерство.

„Не се осмелуваат да нудат теми кои не се од примарен интерес на граѓаните, поради стравот дека противкандидатот би им одвлекол гласови поради тоа што единствено би се фокусирал врз главните потреби на гласачите“, вели Трошановски.

Јавната свест, пак, кај граѓаните за да го истакнуваат ова прашања како клучно за нив се подигна и по годините протести за загадениот воздух во градовите кои во некои денови беа меѓу најзагадените во Европа.

Кандидатот за градоначалник на Скопје Коце Трајановски
Кандидатот за градоначалник на Скопје Коце Трајановски

Аријанит Џафери од здружението Еко Герила, кое со години протестира за загаденоста во Тетово, како аргумент дека за подигнувањето на важноста на оваа тема причина е и разбудената граѓанска свест ги споменува претходните избори, пред четири години, кога речиси на никому не му беше приоритетна животна средина.

„Морам да кажам дека сега ми е многу мило што гледам дека се зборува за справување со загаденоста, не знам колку на крајот ќе бидат успешни во тоа. Повеќето од кандидатите не контактираа и нас и други слични организации за да научат како да одговорат на ваквите предизвици“, вели Џафери.

Тој додава дека во меѓувреме во Тетово се затвори Југорхом, а депонијата вели дека се исчистила откако изгоре, па за овој град сега клучни остануваат немањето јавен превоз и начините на греење. Но, во некои градови како Битола и Куманово и покрај високата загаденост засега таа не е главната тема на кандидатите.

„Во поголемите урбани средини електоратот е посензибилизиран и теми од еколошки карактер испливуваат на површина, а има и повисоко ниво на социјален статус и вработеност поради што гласачите не се толку фокусирани на вработување и економски развој, теми кои во другите општини и тоа како ги тиштат луѓето“, вели Трошановски.

Покрај во Скопје засега темата за борбата против загадувањето се форсира и од кандидатите на скопски Карпош. Досегашниот градоначалник Стевче Јакимовски, откако минатото зимо го обвини Косово дека е виновно за загадувањето во неговата општина, сега вели дека во Карпош ќе има еден милион квадратни метри зеленило, ќе дава стимулации за замена на старите шпорети со нови апарати, за користење алтернативни извори на енергија, а ќе има и прочистителни билборди. Против кандидатот Стефан Богоев тврди дека заштитата на зеленилото во Карпош им е главен приоритет.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG