Достапни линкови

Предметите на СЈО заглавија во судскиот тунел


Рочиштата за Транспортер и Шамарите денеска се одложени поради отсуство на обвинети и нови докази кои одбраната на Талески ги достави до судот. Веќе една година редовно се одложуваат расправите за предметите на СЈО.

Суштинска судска расправа за предметите на Специјалното јавно обвинителство сè уште нема. На денешното судско мени беа предметите Транспортер и Насилството во Oпштина Центар, случај познат во јавноста како „Шамарите за Жерновски“. И двата предмета беа одложени. По кратка расправа за отсуството на двајца обвинети, расправата за предметот „шамарите“ беше одложена по шестти пат. Обвинителката Фатиме Фетаи од судијката Татјана Михајлова побара на следното рочиште да биде приведен.

„Судењето се одложи поради неисполнување на законските одредби. Како што рече судијката, ако даде господ следното ќе се одржи. Господ сигурно нема да помогне, ако судот не ги исполни законските одредби. Конкретно ние побаравме стражарно приведување на еден обвинет, а дали судот ќе прифати ќе видиме“, изјави Фетаи по излегувањето од Судот.

Таа изјави дека ако со вакво темпо продолжат рочиштата за овој предмет, може да се очекува дека главната расправа ќе биде некаде после 2020 година.

Рочиштето за насилствата во Општина Центар во изминатава година е шестти патодложувано, најчесто поради отсуство на дел од обвинети, а предпоследниот пат беше одложено затоа што списите од предметот физички не биле во Основниот Суд Скопје 1, туку во Апелација.

За случајот со нарачаните шамари, СЈО поднесе обвинителен предлог на 15 септември минатата година.

На обвинителна клупа денеска требаше да се седнат како прво обвинет лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, потоа неговиот соработник, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката и поранешна советничка во Општината Центар, Даниела Рангелова и уште 11 други обвинети за насилства во Центар, кои се случија во јуни 2013 година.

Според обвинението на Специјалното јавно обвинителство првообвинетиот Груевски се товари дека поради бизнис интереси на партискиот врв преку второобвинетиот Јанакиески со умисла потикнале група обвинети да извршат насилство.

„Откако првообвинетиот дознал за седницата на советот на Општина Центар на која требало да се води расправа за поништување на Деталниот урбанистички план „Мал Ринг“, а заради опстојување на бизнис интересите на партискиот врв и нивните блиски бизнис партнери, кои би биле загрозени со очекуваното поништување на планот „Мал Ринг“, во телефонски разговор со второобвинетиот побарал да организира, да се собере група членови на партијата и да се изврши грубо насилство врз градоначалникот на општина Центар“, е наведено во обвинението на СЈО.

Во неколку телефонски разговори Јанакиески преку членови од партијата организирал група и дал насоки како да се насилно да се наруши одржувањето на седницата, се вели во продолжение на обвинението.

Протестите во 2013 година во дворот на Општината Центар беа иницирани од таканареченото граѓанското движење Веритас. Протестите беа насилни, оштетена беше бараката во која советниците на општината дебатираа за Деталниот урбанистички план. За демонстрантите причина за протести беше манипулацијата во јавноста дека ќе се урива црквата Св. Констатин и Елена во Скопје.

Тогаш градоначалникот Жерновски тврдеше дека главната причина за нарачаните протести и немири е стравот на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе се блокира изградба на други државни објекти во близина на црквата.

Инаку, Апелацискиот суд летово ја прифати жалбата на СЈО и донесе одлука прислушуваните разговори да можат да се користат како доказ на судењето за случајот. Според одлуката на Апелација нелегално прислушувани разговори ќе бидат користени како докази и во предметот „Триста“.

Одложен и „Транспортер“ за Талески

Од друга страна пак, предметот Транспортер во кој првообвинет е актуелниот градоначалник на Битола Владимир Талески за прв пат стартува со одложување на рочишта. Официјалната причина за денешното одложување на овој предмет е доставувањето на одбраната на нови докази кои с уште не се споени со предметот.

Талески пред новинарите не сакаше да ги коментира новите докази и само изјави дека обвинението е политичко. Тој е првиот обвинет од предметите на СЈО кој помина три месеци во куќен притвор. Обвинителниот акт беше прифатен од Основниот суд на 20 јуни.

Според обвинението на СЈО Талески од 2009 до 2014 година со злоупотреба на службената должност заедно со неколку директори на училишта и превозници проневериле службени пари во врска со превоз на ученици во Битола во вредност од 360 илјади евра. Во овој предмет се обвинети 21 лице за проневера на државни пари преку јавна набавка.

„Општина Битола преку нејзиниот, градски татко, веројатно плаќала поскап превоз за ученици во светот и од градоначалникот на Токио, со директни штетни финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија, а со тоа несомнено врз сите граѓани на оваа држава“, изјави на прес конференција при презентација на истрагата обвинителката Фатиме Фетаи.

Најголемиот дел од наплатата, била извршена преку цесии, поради фактот што на училиштата им биле блокирани жиро сметките поради неисплатен превоз, се објаснува во обвинението. Досега Талески успешно ги избегнуваше камерите пред Судот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG