Достапни линкови

Бројката на гласачи не ја враќа довербата во избирачкиот список


Архивска фотографија: Седница на Државната изборна комисија
Архивска фотографија: Седница на Државната изборна комисија

Не е логично од два милиони жители да има над 1,8 милиони гласачи, велат експертите откако ДИК го затвори избирачкиот список.

Дел од експертите се сомневаат во веродостојноста на избирачкиот список откако Државната изборна комисија го затвори истиот и ги објави податоците за бројот на гласачи кои имаат право на глас на претстојните локални избори. Според официјалните податоци право на глас ќе имаат 1.814.644 гласачи, односно 30 илјади повеќе од лани. Поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски вели дека бројката е многу висока и таа нема да ја врати довербата на граѓаните во избирачкиот список.

„Се надевам дека оваа бројка е во согласност со забелешките на ОБСЕ/ОДИХР од последниот извештај, а тоа е дека избирачкиот список мора да ги содржи и гласачите кои имаат истечени документи, а кои согласно Устав имаат право на глас. Бидејќи според конечниот извештај од 2016 година ова се смета за повреда на став 7,3 од Копенхагенскиот документ, односно повреда на универзалното право на глас“, вели Новаковски.

Молкот на ДИК да излезе со став дека го потпишала овој избирачки список и дека верува оти сега е прочистен, според Новаковски, фрла сомнеж во точноста на списокот.

И професорот Осман Кадриу вели дека бројката отвара простор за сомневање дека списокот не е целосно прочистен во согласност со определбите на Изборниот закон.

„Не е логично и не е реално да се утврди бројка од над 1.7 милиони гласачи како што беше порано, а сега еве се покачува. Кога се има предвид бројот на населението од околу 2 милиони, оваа проблематика треба добро да се истражува“, вели Кадриу и додава дека голема слабост претставува и тоа што не е спроведен попис од 2002 година.

„Самиот факт што немаме попис, иако се настојува со други статистички методи да се дојде до определена бројка за која се претпоставува колкава е, па врз основа на неа се определува бројот на гласачи. Затоа сметам дека оваа бројка не е реална и во иднина само преку попис треба да се утврди фактичката состојба за бројот на жителите и врз основа на тоа да се определи бројот на гласачите“, вели Кадриу.

Новаковски, пак, смета дека пописот нема да го реши проблемот со избирачкиот список. Проблемот, според него, ќе се реши со ревизија на списокот и со употреба на правилна методологија за прочистување.

И професор Темелко Ристески е убеден дека бројката не е реална и дека избирачкиот список е недоволно прочистен, односно фактичката бројка не одговара со официјалните бројки во списокот.

„Дека избирачкиот список не е доволно прочистен заклучувам и од фактот дека се работеше многу набрзина, со бројни препреки, со многу опструкции во работата околу прочистувањето. Со такви пречки не може да се заврши квалитетно ваква една работа која бара висок степен на прецизност“, вели Ристески.

Дека избирачкиот список е многу важен потврдија и од набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во неодамнешното интервју на шефицата на мисијата Одри Гловер за нашето радио. Таа нагласи дека избирачкиот список внимателно ќе го набљудуваат зошто веруваат во еднаквото и универзално право на глас.

ДИК соопшти дека во изводите од Избирачкиот список се запишани 1.735.682 гласачи, 77.071 избирачи се на привремена работа или престој во странство, 1.882 за време на изборите ќе се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор, а девет гласачи се запишани како внатрешно раселени лица. На избирачкиот список за изборите на 11 декември 2016 имаше 1.784.416 запишани гласачи. Тогашната опозиција СДСМ ја обвинуваше ВМРО-ДПМНЕ за околу 300 илјади фантомски гласачи со коишто прави фалсификат.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG