Достапни линкови

Изборните неправилности би можеле да бидат минато


Архивска фотографија - Парпаментарни избори 2016.

Институциите работат за да ги отстранат недостатоците кои ги следеа досегашните изборни процеси, за кои предупредуваше и меѓународната заедница. Станува збор за прочистување на избирачкиот список, а и за мерки со кои ќе се избегне заплашувањето на администрацијата и ќе се одвои партијата и државата. Тест за успешноста на мерките се локалните избори закажани за 15 октомври.

Државната изборна комисија, надлежна за спроведување на изборите, донесе Роковникот за изборни активности. Изборите треба да се одржат на 15 октомври, а изборната кампања почнува на 25 септември. Партиите најдоцна до 9 септември треба да поднесат кандидатски листи, увидот во избирачкиот список ќе трае од 21 август од 9 септември. Вториот круг би се одржал на 29 октомври.

Заменикот-претседател на ДИК, Субхи Јакупи вели дека подготовките за изборите ги започнале во јануари и дека работат да ги елиминираат сите недостатоци кои ги нотираше меѓународната заедница.

„Ние ги презедовме сите дејствија за да организираме избори кои ќе бидат во согласност со Изборниот закони и другите нормативни акти. Препораките од ОБСЕ/ОДИХР по минатогодишните избори ги следевме чекор по чекор“, вели Јакупи за РСЕ.

Од невладината Цивил, која ги мониторира изборните процеси, велат дека во досегашното набљудување и анализите на политичките процеси, констатирале низа недостатоци. Џабир Дерала од Цивил смета дека доколку не се остранат недостатоците тие силно ќе се одразат на денот на изборите и ќе ги загрозат гласачките права, како што досега се случуваше на изборите.

„Тоа треба да се регулира час поскоро, за ние да имаме квалитетен избирачки список, без оглед на тоа дали довербата ќе ја стекнат граѓаните и граѓанките или не, едноставно државата има обврска да им обезбеди право на глас на сите и тоа треба да го исполни, не треба да се доведуваат во ситуација граѓаните и граѓанките самите да помагаат во овој процес, туку државата треба да им го обезбеди тој простор на гласачите“, вели Дерала.

Изборните реформи се дел и од владиниот план 3-6-9 и тоа дел од краткорочните реформи, кои треба да се исполнат до локалните избори. Дел од реформите треба да ги исполни ДИК, а дел Владата. ДИК со МВР треба да работи на ажурирање на избирачкиот список, да работи на транспарентноста, да го засили квалитетот на комисиите и одборите. Владата треба да спречи заплашување и притисокот врз администрацијата. Мерките вклучуваат и спречување на користењето на државните ресурси во кампања, како што се службените автомобили, мобилните телефони, канцеларии. Една од мерките е Владата да го разреши директорот на МРТВ ако ОБСЕ утврди неизбалансираност во известувањето.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, зборувајќи за реформскиот план на Владата што се однесува на изборите рече дека се фокусирани на кредибилноста на избирачкиот список и организирање безбедни, фер и демократски избори.

„Работиме на подобрување на избирачкиот список, имајќи предвид какви се случувања имаше со списокот и како беше нарушена довербата, тоа е еден од клучните приоритети“, вели министерот Спасовски.

Претседателот на Собранието ги распиша изборите во неделата на 6 август. Предвидено е изборите да чинат 6,5 милиони евра. Толку пари ќе добие ДИК за подготовка и спроведување на избори, што е предвидено и со ребалансот на буџетот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG