Достапни линкови

Гловер – Изборна рамка постои, набљудуваме како ќе се спроведува


Гловер – Изборна рамка постои, набљудуваме како ќе се спроведува
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:10 0:00

Гловер – Изборна рамка постои, набљудуваме како ќе се спроведува

Постои сеопфатна законска рамка, но се разбира дека зависи и од луѓето кои учествуваат во изборите, властите, општините, Државната изборна комисија, како таа рамка тие ќе ја спроведуваат. И тоа е она што ние ќе го набљудуваме, вели шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија, Одри Гловер, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Амбасадорке Гловер, после многу дебати во јавноста за Избирачкиот список, според многумина тој се прочистил за незначителен број на гласачи. Дали според вас избирачкиот список е доволно прочистен?

Пред да одговорам на тоа, треба да објаснам дека, како што веќе кажавте, имаме 20 долгорочни набљудувачи кои беа распределени во регионите. Во тимот имаме 16 луѓе и ќе останеме во главниот град и како што кажавте ќе има уште краткорочни набљудувачи кои ќе дојдат тука кратко пред изборите. Но, да се навратам на вашето прашање, секако дека избирачкиот список е многу важен. Бидејќи ние сме тука да набљудуваме што се случува и наша грижа се гласачите. Изборите се за гласачите, не се за нас. Ние сме набљудувачи и набљудуваме што се случува. Како што кажав, избирачкиот список е важен бидејќи веруваме во еднаквото и универзално право на глас и тоа е нешто што внимателно го набљудуваме. Избирачкиот список сè уште не е финализиран и како што кажав и тоа ќе го набљудуваме бидејќи за избирачкиот список имавме забелешки во минатото и затоа многу внимателно ќе следиме сè што е поврзано со ова прашање.

Создадени ли се сите предуслови за изборите да бидат регуларни?

Па, постои сеопфатна законска рамка, но се разбира дека зависи и од луѓето кои учествуваат во изборите, властите, општините, Државната изборна комисија, како таа рамка тие ќе ја спроведуваат. И тоа е она што ние ќе го набљудуваме. ОДИХР имаше свои забелешки во минатото кои се поврзани со целата изборна процедура, тоа е она што го покриваме и секако сега ќе видиме до кој степен тие забелешки се имплементирани во согласност со Копенхагенските критериуми на ОБСЕ. Тоа е она што ќе го следиме.

Одржувате секојдневни средби и контакти со политичките партии. Какви пораки имате до нив и дали тие се подготвени да ги слушнат вашите насоки во функција на одржување на фер и слободни избори?

Секако дека имаме состаноци со сите политички партии. Но, во овој момент, како што веќе споменав, само набљудуваме и не се мешаме во изборите на каков било начин. Набљудуваме што се случува. Ние не сме „полиција“ за изборите. Ние набљудуваме и известуваме што се случува и во овој момент не можеме да се мешаме или да даваме совети на која било политичка партија или организација или на власта.

Сепак кој би бил вашиот коментар за внатрешниот демократски капацитет на партиите во Македонија, со оглед на тоа што мисијата на ОДИХР е тука за секој изборен процес?

Како што кажавте, ние сме прилично долго време тука. Ова е 16 пат како доаѓаме на покана на министерот за надворешни работи и како што веќе кажав, изборната рамка постои и она за што сме заинтересирани е да видиме како политичките партии ќе ја спроведуваат таа рамка. Не може да се споредуваат едни избори со други. Секои избори се посебни на свој начин. И ќе гледаме до кој степен претходните забелешки се спроведени и ќе го следиме целиот избирачки процес. Почнувајќи од регистрацијата на гласачи, на кандидатите, па денот на изборите, денот потоа и завршуваме кога сите жалби ќе бидат разгледани. Затоа во оваа фаза не можеме да кажеме како ќе се однесува некоја политичка партија или како ќе реагира.

Мисијата на ОДИХР ги мониторира и медиумите. Претходните извештаи нотираа пристрасност во медиумското покривање. Започнавте ли со мониторинг и очекувате ли балансирана покриеност во периодот кој следува?

Тимот за мониторинг на медиумите започна со работа. Има седум асистенти кои му помагаат на нашиот медиумски аналитичар и прават квалитативна и квантитативна анализа на весници и телевизии. Тие почнаа со работа. Во минатото имаше забелешки и во однос на ова прашање, а по последните избори имаше и некои измени во законот за медиуми, така што и ова ќе го набљудуваме многу внимателно и ќе имате сеопфатен извештај на крајот од целиот изборен период.

Според некои од домашните невладини организации, предизборната кампања веќе е започната. Амбасадорке, каква очекувате да биде кампањата?

Официјално изборната кампања започнува на 25 септември. Чекаме и ќе видиме што ќе се случува. Сè уште е рано. Како што кажав, нашите долгорочни набљудувачи се веќе распоредени ширум земјава и тие ќе го набљудуваат процесот одблиску. Сигурна сум дека ќе имаме интересна кампања.

Стравувате ли од инциденти на локалните избори?

Не, се надеваме дека нема да има инциденти на денот на изборите.

Вршењето притисок врз администрацијата да гласа за владејачките партии е едно од главните забелешки за изборните процеси во земјава. Кој е механизмот со кој може да се сузбие оваа појава?

Да, имаше забелешки и за ова во минатото. Ние ќе следиме како тие се спроведуваат. Прашање на политичка волја е дали ќе се спроведат законите, а во меѓувреме имаше и некакви промени, па да видиме што ќе се случи.

Одвојувањето на државата од партијата е исто така едно од главните забелешки во извештаите на ОДИХР. Како да се направи разграничување до каде едното преминува во друго?

Да во право сте, многу е тенка линијата меѓу државата и партијата. Уште еднаш, и тука имавме забелешки, а мислам дека постои и нов закон. Па ќе мора да видиме каков ефект тој ќе предизвика.

Амбасадорке, дали мирните избори значат и слободни избори?

Па, зависи. Не значи автоматски тоа. Морам да кажам дека ние не зборуваме толку за слободни и фер избори. Наша грижа е да се види дека изборите се во согласност со Копенхагенските критериуми на ОБСЕ поврзани со изборите и тоа всушност го набљудуваме. Воопшто не нè засега кој ќе победи на изборите и како што кажав, важни се луѓето и наша грижа е тие да имаат можност да гласаат, да можат да направат избор помеѓу различни кандидати кои пак имале можност да се натпреваруваат рамноправно, а гласачот да биде сигурен дека неговиот глас ќе се брои, дека ќе може слободно и тајно да гласа и дека броењето ќе биде правилно. Тоа се всушност нашите грижи. Разбирам дека медиумите повеќе го преферираат изразот слободни и фер, но она што нам ни е најважно е тие да бидат спроведени во согласност со критериумите на ОБСЕ за изборите.

Вие не сте првпат во земјава. Бевте со мисијата во 2006 година. Што се промени во меѓувреме и како сега гледате на Македонија споредено со деценија наназад?

2006 година беше многу одамна. Има многу промени, особено во главниот град. Не сум била надвор од Скопје. Секако дека најмногу промени гледам кај зградите. Сè уште уживам во вкусната храна овде и запознавањето шармантни луѓе. Се надевам дека ќе имам и прилика да патувам надвор од главниот град.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG