Достапни линкови

Локални избори на 15 октомври


Претседателот на Собранието Талат Џафери го потпиша решението за распишување на локалните избори

Кампањата почнува 20 дена пред изборите, а Собранието во тој период ќе работи, но нема да има пленарни седници, вели претседателот на Собранието, за како што додава, седниците да не се претворат во изборна кампања.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска го потпиша решението за распишување на локалните избори. Откако напладне го потпиша решението за распишување на изборите, кои треба да се одржат на 15 октомври, Џафери изјави дека решението ќе го достави до ДИК.

„Апелирам со сите учесници во изборниот процес да се однесуваат во согласност со Уставот и законите, а надлежните институции да се погрижат денот на изборите да протече во мирна, демократска и фер атмосфера, како што заслужуваат граѓаните“, рече Џафери.

Кампањата почнува 20 дена пред изборите, а Собранието во тој период ќе работи, но нема да има пленарни седници, вели претседателот на Собранието, за како што додава, седниците да не се претворат во изборна кампања.

Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека е известена за потпишаното решение за распишување на локалните избори и чекаат документот да им биде доставен, а одлуката да биде објавена во Службен весник на Република Македонија.

„По објавувањето на Актот за распишување на локалните избори во Службен весник , Државната изборна комисија ќе одржи седница на која ќе биде усвоен Календар – роковник со кој ќе бидат утврдени изборните активности и роковите за нивно спроведување, по што ќе започне спроведувањето на локалните изборите“, соопшти ДИК.

Од државната изборна комисија, која е надлежна за спроведување на изборите, велат дека се подготвени за избори. Од таму објаснуваат дека избирачкиот список е прочистен.

„Знаеме дека локалните избори требаше да се одржат во мај, но се пролонгираа за октомври. Ние бевме подготвен и сме подготвени да спроведеме избори согласно изборниот законик и другите акти“, изјави во петокот, заменикот-претседател на ДИК, Субхи Јакупи.

Посебниот избирачки список не е во сила, имаше важност до последните парламентарни избори- соопшти комисијата.

Изборите кои треба да се одржат на 15 октомври треба да чинат, 6,5 милиони евра, толку според ребалансот на буџетот, државата ќе одвои за да и даде на Државната изборна комисија за да си спроведе изборите.

На прашањето дали до почетокот на изборната кампања (т.е. 20 дена пред денот на изборите) ќе се најде и законот за јазиците на дневен ред на Собранието, Џафери одговори дека нема пречки за спроведување на процедурите согласно со Деловникот.

Поради политичката криза, локалните избори беа одложени. На 1 јуни годинава, одложувањето на изборите беше прва точка на новиот парламентарен состав. Собранието ги донесе измените на Изборниот законик со што се овозможи одржување на локалните избори во првата половина на октомври и продолжување на мандатите на градоначалниците.

Пратеничката група на СДСМ очекува убедлива победа на изборите

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата во Собранието го поздрави денешното распишување на локалните избори.

„Очекуваме убедлива победа на нашите кандидати за градоначлници и листи за советници, во интерес на граѓаните. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е подготвен за локалните избори што, по промената на централната власт, ќе донесат промени и на локално ниво“, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, Томислав Тунтев на денешната прес-конференција во Собранието.

Со победата на СДСМ на претстојните локални избори, како што рече, започнатиот процес на реформи и ослободување ќе продолжи и на локално ниво. Тој ги повика сите учесници во изборниот процес да се однесуваат одговорно и со нивното дејствување да придонесат во одржувањето фер и демократски избори.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата очекуваат најмногу гласови на изборите

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ денеска соопшти дека е целосно подготвена за настап на локалните избори, каде што очекуваат со програма и кадровска понуда да освојат најголем број гласови.

„Очекуваме да освоиме најголем број советници во споредба со другите политички партии и најголем број градоначалници споредбено со другите политички коалиции. Исто така очекуваме нашиот тим кој што е создаден од Извршниот Комитет секојдневно и навремено да си ја исполни својата задача за подготовка на програмата за настап на изборите на државно ниво и подготовка на сите програми на локално ниво“, изјави денеска на прес-конференција Антонијо Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, локалните избори на 15 октомври нема да бидат обични локални избори.

Останува разрешувањето на Зврлевски

По завршувањето на расправата за ребаланс на буџетот и по распишувањето на изборите, Џафери најави дека пратениците ќе одат на одмор. Меѓутоа од владејачкото мнозинство остануваат на ставот, дека пред да одат на одмор, треба да се разреши државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.

Џафери, одговарајќи на новинарско прашање рече дека јавноста ќе биде соодветно известена за продолжението на почнатата собраниска седница за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски.

За пратениците од опозицијата, пак, има други приоритети, а не разрешувањето на Зврлевски. Тие бараат Собранието да расправа за состојбата со пожарите.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG