Достапни линкови

Предизборната атмосфера ветува интересна кампања


ОДИХР ќе следи дали се спроведени забелешките што ги имале за минатите изборни процеси. Кампањата официјално почнува на 25 месецов, но невладините нотираат дека е поодамна почната.

Интересна изборна кампања очекува шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР Одри Гловер која ја предводи набљудувачката мисија која ќе го мониторира целиот изборен процес. На прашањето дали се создадени услови за регуларни избори, во интервју за Радио Слободна Европа, што ќе го емитуваме во недела, амбасадорката Гловер вели дека постои сеопфатна законска рамка која треба да се почитува, но дека се ќе зависи од тоа како таа рамка ќе ја почитуваат сите учесници во изборите, луѓето, властите, општините, Државната изборна комисија.

„ОДИХР имаше свои забелешки во минатото кои се поврзани со целата изборна процедура, тоа е она што го покриваме и секако сега ќе видиме до кој степен тие забелешки се имплементирани во согласност со Копенхашките критериуми на ОБСЕ. Тоа е она што ќе го следиме,“ изјави Гловер во интервјуто.

Иако официјално изборната кампања почнува на 25-ти септември, од невладината Цивил, веќе посочија дека кампањата е започната од поодамна. Џабир Дерала од оваа организација очекува агресивна и валкана изборна кампања.

„Кампањата ќе биде валкана. Не исклучуваме можност да има тензии кои би можеле да преминат во различни облици на посериозно или помалку сериозно насилство. Она што можам да го ветам е дека ние ќе бидеме сериозни набљудувачи на овој процес и ќе ги ловиме сите многу важни аспекти, а сепак недопрени од другите методологии на набљудување кои пак големите организации ги спроведуваат,“ вели Дерала.

Професорот Митко Гаџовски пак, вели дека за разлика од претходните избори, атмосферата сега е многу помирна, па според него постојат солидни предуслови за да имаме фер и регуларни избори. Во однос на кампањата, не очекува големи изненадувања во настапите и стратегиите на политичките партии.

„Клучниот дел околу програмските определби на кандидатите ќе бидат поврзани со инфраструктурните проекти и проектите кои би значеле подобрување на животната средина и квалитетот на живот на граѓаните во општините. Секако дека политичките противници имаат подготвено и позитивна кампања која би ги промовирала нив лично, како и негативна кампања којашто би ги истакнала негативните ефекти и последици кои ги произвеле нивните противкандидати во минатото“, заклучува Гаџовски.

Инаку мисијата на ОБСЕ/ОДИХР изборите ќе ги следи со 20 долгорочни набљудувачи, 16 експерти се дел од тимот, а непосредно пред изборите се очекува да пристигнат околу 300 краткорочни набљудувачи. Од асоцијацијата МОСТ ќе го набљудуваат процесот со 80 долгорочни набљудувачи и 2000 краткорочни на денот на изборите кои ќе бидат распоредени во секоја општина. Цивил процесот ќе го следат со 106 акредитирани набљудувачи, но се надеваат на поддршката од неколку стотици соработници, кои како што велат, со години наназад внимателно ја следат целата ситуација.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG