Достапни линкови

Истекува рокот за кандидатски листи, подготовките на терен во тек


Архивска фотографија - Јавна седница на Државната изборна комисија
Архивска фотографија - Јавна седница на Државната изборна комисија

До полноќ можат да се поднесуваат кандидатските листи за претстојните локални избори. ДИК според Роковникот ги спроведува обврските, а и набљудувачите почнуваат со процесот на мониторинг.

Денеска на полноќ истекува законскиот рок за поднесување на кандидатските листи за локалните избори. Општинските изборни комисии во рок од 48 часа од приемот на листата на кандидати утврдува дали таа е поднесена во соодветниот рок и дали е во согласност со одредбите на Изборниот законик. Листите што ќе бидат поднесени по истекот на рокот и доколку ако имало неправилности тие не се отстранети, ќе бидат отфрлени.

Потврдените кандидатски листи треба да бидат доставени до Државната изборна комисија најдоцна до 16 септември. Според Роковникот за изборни дејствија, жрепката треба да се одржи на 18 септември. Избирачкиот список во кои се извршени сите промени кои произлегуваат од јавниот увид, ДИК треба да го заклучи на 24 септември, а го потпишува најдоцна на 29-ти.

Шестите локални избори се закажани на 15 октомври и ќе се спроведуваат во 80 општини и во градот Скопје. Изборната кампања почнува на 25 септември на полноќ, а ќе заврши на 13-ти октомври.

Во пресрет на изборите, во земјава веќе пристигна мисијата на ОБСЕ/ОДИХР која го започна процесот на набљудување со 16 експерти, 20 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи.

Од невладината МОСТ велат дека подготовките околу изборите се во тек. Како и секоја година кога има избори, оваа асоцијација ќе го набљудува целокупниот изборен процес и за таа цел ќе бидат распоредени 80 долгорочни набљудувачи, односно по еден набљудувач во секоја општина.

„Она што во овој момент можеме да го кажеме е дека ќе распоредиме околу 2.000 набљудувачи на самиот изборен ден со што ќе покриеме околу 50 проценти од избирачките места во сите 80 општини. МОСТ дополнително ќе ги објави сите детали околу набљудувањето“, изјави Теодора Поп-Трајков од МОСТ.

Од досегашното набљудување, ЦИВИЛ - Центарот за слобода забележува дека предизборната кампања е започната далеку порано, пред датумот на нивното официјално распишување и пред законскиот почеток на предизборната кампања. Од оваа организација ги потсетуваат политичките партии дека според Изборниот законик, кампањата трае 20 дена пред денот на изборите, а корупцијата и купувањето гласови се забранети!

„Освен прераниот почеток на предизборната кампања, тој и директно е во колизија со изборниот законик во името на неколку политички партии кои дури и конкретно на одредени локации низ државата поставуваат рекламни паноа и правата отворена кампања со предизборен контекст, а тоа не е дозволено до 25-ти септември. Исто така се забележува јакнење на тензиите односно поттикнување на тензиите кои се однесуваат на меѓуетничките и меѓуверските односи. Особен акцент ќе биде ставен токму на тие теми со цел да се пренасочи вниманието и да се кренат темите кои се локални на централно ниво и преку тоа да се влијае врз гласачкото тело. Се разбира дека го забележуваме и оној познат феномен на македонската политичка сцена, а тоа е политичката корупција во сите нејзини форми“, изјави Џабир Дерала од Цивил.

Од оваа организација додаваат дека политичките калкулации и манипулации мора да им отстапат место на професионалните и експертските решенија на сите предизвици со кои се соочуваат ДИК и гласачите во претстојниот изборен процес.

Инаку Цивил процесот ќе го следат со 106 акредитирани набљудувачи, но се надеваат на поддршката од неколку стотици соработници, кои како што велат, со години наназад внимателно ја следат целата ситуација.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG