Достапни линкови

Интересни изборни битки во Струмица, Битола, Тетово и Гостивар


Архивска фотографија од гласањето на локални избори во Битола во 2013.

На еден месец пред локалните избори аналитичарите прогнозираат интересни битки во централна и западна Македонија. Состојбата сега е понеизвесна од изборите пред четири години, а и самото кандидирање на лица од партиските елити зборува за важноста на овие избори, оценуваат аналитичарите.

Интересни битки за глас повеќе очекуваат аналитичарите откако партиите ги објавија имињата на нивните кандидати за локалните избори. Големи изненадувања од кандидатските имиња нема, а целата атмосфера сега, за разлика од изборите во 2013 година е понеизвесна. Тогаш некои од кандидатите важеа за сериозни фаворити и пред гласањето, па нивната победа не се доведуваше во прашање за разлика од сега кога речиси и не постојат такви имиња.

Според Никола Дујовски, професор на универзитетот Свети Климент Охридски, најинтересните битки може да се очекуваат во централна Македонија.

„Струмица, Прилеп, Битола, Охрид, мислам дека би биле местата во кои сметам дека во советничките листи разликата би била многу мала“, вели Дујовски.

Иако навидум е неизвесна трката за градоначалничката позиција во градот Скопје и во Куманово, град кој е специфичен затоа што долги години на власт е СДСМ, Дујовски очекува работите да се расплетат во вториот круг.

„Очекувам дека во вториот круг ниту една партија на Албанците нема да поддржи кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и ако се случи втор круг во Скопје и Куманово мислам дека извесноста ќе биде во тие општини многу поголема отколку во Прилеп, во Битола, па и во Струмица, каде што ВМРО-ДПМНЕ има многу солиден кандидат“, вели Дујовски.

Впечатокот на политичкиот аналитичар Алајдин Демири, пак, е дека партиите на овие избори настапуваат според хамлетовата „да се биде или не“. Демири, кој порано беше и градоначалник на Тетово, ваквиот став го објаснува и со фактот дека во трката за градоначалници влегоа партиски лидери, министри и пратеници. Слично како и Дујовски и тој ги посочува истите градови како можни за интересна политичка битка, додавајќи дека за Албанците ќе бидат интересни Тетово, Гостивар, Струга и Кичево.

„Кај Албанците останува идејата дека тој што ги добил Тетово, Гостивар и Струга, тој на некаков начин е победник на изборите“, вели Демири.

И кандидатите кои партиите на Албанците ги предложија во овие три градови покажуваат дека за нив се важни - во Тетово се натпреварува лидер на партија, претседателот на Беса Биљаљ Касами, исто и во Струга, првиот човек на Движењето за реформи ДПА Зијадин Села, а во Гостивар, министерот за здравство Арбен Таравари, како кандидат на Алијансата за Албанците.

Пратеници од СДСМ пак се кандидати во Скопје, Карпош, Кавадарци, Куманово, Струмица, Гевгелија, од ВМРО-ДПМНЕ парламентот со општинската функција ќе се обидат да го сменат кандидатите во Кисела Вода, Битола, Гостивар, Тетово и Куманово.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG