Достапни линкови

Македонија на дното по постигнувањата во образованието


Екстерно тестирање во скопските училишта
Екстерно тестирање во скопските училишта

Македонија, според Светската банка, вложува најмногу во образование споредено со земјите од регионот, а македонските ученици покажуваат најлоши резултати во тестирањата.

Меѓународните тестирања кои се спроведуваат, покажуваат дека Македонија секогаш се наоѓа речиси на дното во споредба со други земји во однос на ефектите од образовниот систем. Неодамна и Светската банка предупреди дека треба да се работи на квалитетот на човечкиот капитал, зашто во последните резултати на тестирањето направено во 2015 година, две третиини од 15-годишниците не поседуваат функционална писменост. Упатените велат дека не се изненадени од ова реагирање, иако се согласуваат дека е чудно што во Македонија како земја која цели да има многу високообразовани млади луѓе, се отвораат прашањата за ефективноста и тоа во основните области на образованието како читање и математика.

Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум вели дека без суштински промени во образованието, базирани на анализа наместо на ад хок реформи, Македонија ризикува да губи капацитети на младите луѓе да може активно да работат и придонесуваат. Таа вели дека е залудно да имаме многу голем процент на високообразовани кадри, ако од тој систем излегуваат луѓе со минимални вештини да го применуваат тоа што требало да го учат со години. Според неа, дополнително загрижува што Македонија инвестира многу во образованието, а сепак не постигнуваме резултати.

„Ние како држава многу одвојуваме, а не постигнуваме. И тоа се резултатите од тестирањето. Нашите ученици не добиваат знаење кое може да го применат, туку површно знаење. Затоа и се рангирме толку ниско во основни области како читање и математика“, вели Костуранова.

Во Македонија 4 проценти од од буџетот се издвојуваат за образование. Светска банка вели дека државава најмногу во регионов вложува во развој на образование, а од друга страна сепак се наоѓаме најдолу во регионот по ефектите кои ги постигнуваме.

За да се надмине ова, според Костуранова, важно е прво да се смени нaчинот на настава.

„Потребно е наставниците и професорите дa работат со секој студент и ученик наместо да имаме фронтални предавања и повеќе да им даваме самостојни проекти наместо да ги тераме да учат напамет“, вели Костуранова.

Упатените додаваат дека младите луѓе нема да добијат никакви вештини да работат ако од нив не се бара да го применат знаењето кое го стекнале во образовниот систем.

Професорката Горица Илиоска од средното училиште Никола Карев во Скопје е загрижена што во последните 10 години не е донесена стратегија во образованието.

Таа потсетува дека во 2005 година бил формиран тим од експерти кој подготвил национална стратегија со цел да се заменат застарените програми, но оти со промената на власта таа е укината. Илиоска е против промените кои во меѓувреме се спроведоа во основните и во средните училишта.

„Се воведе екстерното оценување. Ги научивме децата да учат на памет. Како кулминација на паѓањето на квалитетот е воведување на Кембриџ програмата. Оваа програма не е адекватна без лаборатории и неспремен наставен кадар“, вели Илиоска.

Досега оваа Кембриџ програма се применуваше во основните училишта, а од наредната учебна година треба да се воведе и во средните училишта.

Илиоска истовремено упати апел партиите да не го држат во заложништво образованието, оценувајќи дека сè поприсутната партизација не носи ништо позитивно.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG