Достапни линкови

Нејасен, но сериозен потег на Белград кон Скопје


Според српскиот претседател Вучиќ, персоналот бил повлечен поради офанзивно разузнавачко дејствување против институции на Србија. Упатените велат дека ова е преседан, но и најава за заострување на односите меѓу Белград и Скопје.

Персоналот од српската амбасада во Македонија е повлечен поради тоа што тамошните надлежни органи утврдиле и докажале дека против државата е извршено офанзивно разузнавачко дејствување, рече денеска претседателот на Србија Александар Вучиќ. Надлежните органи, додаде тој, ги претставиле доказите нему и на владата за таквото делување.

„Ние ќе продолжиме да развиваме пријателски односи меѓу Белград и Скопје. На нас е нашите луѓе да бидат подготвени со цел да се заштити пријателството меѓу Србите и Македонците, но и да знаеме како да делуваме во поинакво и ново опкружување кое на нас не ни беше познато до пред неколку месеци“, рече Вучиќ.

Инаку претпладнево пред амбасадата на Србија во Македонија имаше едно возило со полицајци , а ситуацијата на улицата во населбата Водно не изгледаше вонредно. Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека од нив било побарани мерки на зголемена безбедност на објектите на српската амбасада по барање на Амбасадата.

Од македонското Министерство за надворешни работи нема повеќе информации за повлекувањето на српските дипломати од Скопје од оние што веќе ги соопштија - дека синоќа добиле нота од српската амбасада со која биле известени дека персоналот на Амбасадата е повикан на консултации во Белград. МНР се уште не е запознаено со причините за оваа одлука, велат и денеска од таму, наведувајќи дека согласно релевантните одредби на Виенската конвенција за дипломатски односи, соодветните институции на Република Македонија преземаат мерки за заштита на безбедноста и интегритетот на амбасадата на Република Србија во Скопје.

Сериозен потег на официјален Белград и сериозна најава дека односите ќе се влошуваат - вака поранешниот амбасадор Благој Зашов ја коментира одлуката на северниот сосед. Долгогодишниот дипломат вели дека на ова може и да се гледа како на сигнал дека актуелното раководство на Србија ќе ги заострува односите со Македонија како начин, за како што вели, некаков притисок при евентуални гласања во меѓународните организации за Косово.

„Ова е првпат и во мојава кариера вакво нешто да доживеам и да сум сведок на нешто што се прави исклучително ретко во дипломатските односи“, вели Зашов.

Како што објавија српските медиуми, сите вработени во Амбасадата на Србија се повлечени на итни консултации. Зашов додава дека невообичаено или ретко се случува да се повикуваат на консултации во матичната земја сите дипломати од амбасадата.

„Се случува да биде повикан амбасадорот на консултации и тоа е веќе еден знак, а да се повикуваат сите дипломати тоа значи дека тука има нешто посериозно“, вели Зашов.

Двете земји имаат воспоставено дипломатски односи во деведесеттите години, но релациите неколку пати беа сериозно нарушувани најмногу околу позициите на Македонија за Косово. Владата во Скопје ја призна независноста на Косово во 2008 година и тогашниот македонски амбасадор во Белград Александар Василевски беше прогласен за персона нон грата и мораше да ја напушти земјата. Тогашниот српски амбасадор Зоран Поповиќ, пак, остана во Македонија и врачи протестна нота во македонското МНР.

Последниот период актуелниот шеф на српската дипломатија Ивица Дачиќ споменувајќи го признавањето на Косово и гласањето на Македонија за прием на Приштина во УНЕСКО напоменува дека како Скопје се однесувало кон Белград, така и тие ќе се однесувале кон соседот. Минатиот месец по посетата на Атина, Дачиќ рече и дека смета оти неговата земја направила грешка пред 20 години кога ја признала Македонија под уставното име.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG