Достапни линкови

Опозицијата, штитејќи го Зврлевски, го брани криминалот


Архивска фотографија од собраниска расправа за разрешување на Јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Ја одолговлекуваат расправата за разрешување на Зврлевски, оти се плашат од соочување со правдата, коментираат аналитичари. Додаваат дека на ВМРО- ДПМНЕ во овој момент најважно му е да ги закочи реформите во судството.

Седницата на чиј дневен ред е разрешувањето на Зврлевски започна на почетокот на минатиот месец, а професор Никола Дујовски извлекува заклучок дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со нивните постапки за одолговлекување на дискусијата имаат намера по секоја цена да ги блокираат реформите, во надеж дека ќе го одложат соочувањето со правдата.

„Се покажува дека судството и пратениците остануваат последниот бедем на одбраната на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и затоа не се согласуваат Зврлевски да биде разрешен. Тие ќе ги преземат сите можни активности кои им стојат на располагање, согласно собранискиот деловник за да го одолговлечат што е можно подолго разрешувањето на Зврлевски, затоа што не е сеедно дали промените во Јавното Обвинителство ќе започнат пред или по локалните избори“, вели универзитетскиот професор Никола Дујовски.

Дека седницата за разрешувањето на Зврлевски може да се претвори во најдолга седница зборува и писмото што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го испратија до Државната комисија за спречување на корупција за таа да се произнесе дали треба да продолжи постапката за разрешување на јавниот обвинител, откако се распишани локалните избори. Коментирајќи го барањето на ВМРО-ДПМНЕ точката за разрешување на Зврлевски да се одржи по локалните избори, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека за ВМРО-ДПМНЕ во овој момент најважно е да ги закочи реформите во судството, но нагласува дека таквите обиди се бесмислени.

„Се надевам дека ќе се надминат себе си и целата ситуација да заврши што побрзо, затоа што извлекувањето на правосудството од канџите на партии започнува со оваа фаза. Парламентот е највисок орган во Македонија. Ако тие тоа го одлучат, која институција може да го оспори сувереното право на Парламентот нешто да одлучи. Можеби одолговлекувањето ќе биде дел од целиот процес, но финалното решение е веќе познато зашто мнозинството ги има бројките, целиот тој процес да го заврши во моментот на гласање“, вели Муслиу.

Дујовски вели дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ, точката за разрешување на Зврлевски да се одложи по локалните избори, е спорно. Тој укажува дека никаде не пишува оти Собранието има обврска да бара мислење или толкување од Антикорупциската комисија за разрешување на човек што тие сами го поставуваат. Дујовски очекува пратениците од Власта да најдат начин како поскоро да ја завршат точката за разрешување на Зврлевски, додавајќи дека тоа ќе отвори многу процеси кои се важни и за локалните избори.

„Ослободувањето на Јавното обвинителство ќе значи и делумно ослабување на позициите на судството, кое во евентуални натамошни постапки повторно би можело да се стави на страната на тие на кои и досега се ставаше“, вели професор Дујовски.

Тој потсети дека и претходно обвинителот Зврлевски не одлучувал самостојно за многу прашање и додава дека Јавниот обвинител и сега не може да се очекува да си поднесе оставка. Тој е корисен за партијата, вели Дујовски и тоа, според него, покажува дека ВМРО-ДПМНЕ и натаму не се откажува од настојувањето да го заштити системот кој се уште во судството функционира по нејзин модел.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG