Достапни линкови

Мнозинството не сака да чека за смена на Зврлевски


Архивска фотографија - Собранието расправа за разрешување на Јавниот обвинител Марко Зврлевски

Парламентарното мнозинство побарало од собранискиот спикер да се продолжи седницата за разрешување на државниот обвинител. Според Агендата, засега нема закажано продолжение за Зврлевски.

Претседателот на Собранието да закаже продолжување на прекинатата седница за разрешувањето на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски во првата можна прилика побарало парламентарното мнозинство, велат од СДСМ за нашето радио. Засега нема одговор на барањето, а во меѓувреме пратениците се зафатија со ребалансот на буџетот. За буџетот на собраниска комисија се расправа 10 дена, а потоа се става на пленарна седница. Според Агендата на Собранието овие денови нема закажано пленарна седница на која ќе продолжи расправата за разрешување на јавниот обвинител.

Според Уставот, Собранието е во постојано заседавање, па не постои пречка да се закаже седница во кое било време, вели поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски.

„Празник, работен ден, ден, ноќ...во Уставот стои дека Собранието континуирано е во постојано заседание. Нема никаква пречка денеска да се расправа по една точка на дневен ред, а утре да се продолжи расправата по друга точка“, вели тој.

Петковски додава дека има предлог од владата за разрешување на државниот обвинител, има согласност за тоа од советот на Јавни обвинители, па затоа, како што вели, парламентарна дебата по ова прашање е апсолутно беспредметна.

„Тука станува збор за опструкција и чекање на некои наводно вонредни состојби да се случат, па Зврлевски да не биде сменет и да останат без кривична одговорност Груевски и целата таа криминална структура околу него. Но тоа е залудно чекање, може да се одолговлечи малку, но не може да се спречи разрешувањето на Зврлевски и изборот на нов државен јавен обвинител“, вели Петковски.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев пред неколку денови упати апел до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да престанат со одолговлекувањето на точки кое се од есенцијална важност, како што е разрешувањето на државниот обвинител.

„Има и други средства кои Деловникот и законските одредби ги даваат како можност, кон кои ние не сакаме да ги применуваме од кооперативни причини, затоа што не сакаме да играме власт заради власт“, изјави Тунтев.

Изминатиот викенд пратениците работеа и по истекот на работното време и во сабота, откако претседателот Талат Џафери реши да ја продолжи расправаа по Предлог завршната сметка за Буџетот за 2016 година. Ноќта меѓу петокот и саботата пратениците работеа до 3:30 часот, а седница имаше и во сабота, по што беше донесена завршната сметка и беше избран нов генерален секретар на Собранието. Собранискиот спикер реши да се работи и по 18 часот, кога вообичаено завршуваат седниците, поради честите паузи што би бараат координаторите на 10-те пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG