Достапни линкови

Со промена на деловникот до деблокада на Собранието?


Архива - Собрание на Република Македонија.

Доколку во иднина продолжат опструкциите на работата на Собранието, ќе бидат блокирани реформските процеси, работата на Владата и нормалното функционирање на земјата, велат познавачи, посочувајќи оти е неопходна промена на Деловникот. Денеска пратениците почнуваат со расправа за ребалансот на Буџетот.

Поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски истакнува дека Деловникот за работата на Собранието треба да биде променет во насока на тоа само една политичка партија да има една единствена пратеничка група, која ќе ги користи деловничките можности.

Коментарите доаѓаат во услови кога работата на Собранието од самото формирање на новиот состав наидуваше на одолговлекување. Деновиве тоа се случува на расправата за предлогот за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски, откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ формираа десет пратенички групи со објаснување за поголемо учество во дискусија, а СДСМ одлуката ја оцени како класична блокада на Парламентот.

„ВМРО-ДПМНЕ е соочена со реалноста дека направиле многу криминал во своето владеење, максимално ја злоупотребувале власта и на нив не им одговара функционално Собрание кое навреме ќе носи закони и политички одлуки. Единствена нивна можност на располагање е максимално да ја злоупотребуваат позицијата пратеник и деловничките можности што сега ги дава Деловникот“, вели Петковски.

Петковски очекува, доколку не биде променет Деловникот, истото да се случува и на расправите за предлогот за ребалансот на Буџетот кои треба да почнат следната недела по денешната расправа за оваа точка на пленарна седница.

„Но, има деловнички можности расправата за Буџетот да трае три дена, да се работи деноноќно како што работеше Собранието во почетокот на 90-те години, кога практично немавме одмор ниту дење ниту ноќе. Така што ако продолжи ВМРО-ДПМНЕ да го блокира Собранието до промената на Деловникот, мислам дека претседателот на Парламентот треба да ја користи уставната можност и Собранието да работи деноноќно“, вели Петковски.

Насер Зибери, кој исто така е поранешен пратеник, се согласува дека за излезот од ваквата ситуација треба да се најдат решенија со кои ќе се измени Деловникот и ќе се создадат формално-правни услови за спречување на злоупотребите.

„Фактот што една политичка партија формираше десет пратенички групи е пар-екселанс злоупотреба на Деловникот за работа на Собранието и тука треба да се најдат решенија за тоа како Собранието, од една страна да овозможи квалитетна дебата, а од друга страна да не се става во позиција само на дебатирање, туку и на носење одлуки, односно освен демократскиот капацитет на дебатата, да се запази да се запази и експедитивноста на работата на Собранието“, вели Зибери.

Експертите наведуваат дека со нефункционалноста на Парламентот ќе бидат блокирани реформските процеси, нормалното функционирање на државата и со тоа директно ќе биде попречена работата на Владата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG